Сутерен.мк

Комшиско берење гајле

Дваесет години сум комшивка со едни многу добри луѓе со кои супер си живееме и никогаш не сме имале проблеми меѓу нас. Имаат син од 17 години и во последниве месеци момчето почна чудно да се однесува и да се дружи со сомнително друштво. Се враќа доцна во ноќта, по цел ден спие и не вика ни добар ден. Слушам и викотници честопати од кај нив, а гласот негов е најчест и најсилен.
Сакав да поразговарам со неговата мајка и да помогнам ако можам, ама кога почнав да зборувам за нејзиниот син таа многу се налути и буквално ме избрка од дома и сега не зборува со мене. Не зборува никој од нив со мене, а јас имав само добри намери. Каде згрешив и како да постапам навистина не знам?

Мира, Скопје

 

Мира дарлинг, сте згрешиле со самото тоа што сте си ги шпионирале соседите – инаку не би знаеле ни кога си доаѓа момчето дома, ни со кого се дружи, ни дали имаат несогласувања меѓу себе… А демначи никој не сака.

Па уште и сте понудиле „помош“ што никој од вас не ја барал и тоа изгледа сте го направиле сосема несмасно па е сфатено како порака дека вашата сосетка не е добар родител и недоволно се грижи за своето дете па еве, сега вие, комшиите ќе ја оправате работата!? А всушност, само сте си го пикале носот каде што не му е местото.

Совет не се нуди, ако никој не го бара, а и кога ќе се почувствувате повикани да го дадете тоа треба да го направите многу деликатно и само на оние кои ептен ви се блиски. Извинете се за вашата нетактичност (доколку навистина жалите за стореното) и објаснете ги вашите намери. Ако не сака да ве слуша, напишете и писмо. Па што ќе биде, ќе биде. Важно сте се обиделе.

Мешањето во туѓите животи знае да биде многу штетно. На моја пријателка, сосетка и беше една газдарица на многу познат скопски ресторан поточно, нејзината ќерка, која живееше сама во станот, а госпожава, накитена со тон злато на себе и штикли кои едвај ја издржуваа нејзината тежина и бунда, доаѓаше често во обиколка на девојката. Затоа што младата госпојца беше повеќе од проблематична.

Соседите деноноќните вриштења и пиштења, гласната музика, демолирачките звуци од ќерката и нејзиното дрштво трпеливо ги толерираа, па и сомнителните средби што сопругот на помпезната женетина честопати ги одржуваше во станот, кога ќерката ќе си одеше во родниот град од внатрешноста. Меѓутоа, наместо да си го оправа сопственото семејство, крофнава ја пријави мојата пријателка дека наводно, си го малтретира синчето.

Четиригодишното дете всушност, многу плачеше поточно, имаше изливи на бес или, како што некои ги викаат – тантруми. Со неговата состојба, сосема честа меѓу децата во одреден период од растењето, беа запознати и педијатрите и воспитувачките во градинката.

Ама душегрижничкава ниту чула, ниту видела, ниту пак, размислила за таква опција во својот здрвен мозок. Дојдоа полицајци, социјални работници, семејството на мојата познаничка беше тотално истрауматизирано. На крај се, се разјасни, но штетата веќе беше направена. Мојата пријателка повеќе со ниту еден комшија не прозборе ниту збор.

А детето се уште го памети настанот иако е веќе адолесцент.
Берењето туѓо гајле може да предизвика многу несреќа…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *