Сутерен.мк

Конечно, заштита на Преспа!

По повеќе од 12 години од потпишувањето на Договорот за заштита на Преспанскиот регион, Македонија, Грција и Албанија одржаа први состаноци на кои утврдија насоки за заедничкото одржливо управување и унапредување на Преспа. Граѓанските еко-организации овој момент го оценија како историски за заштитата на Преспа.

Првите два состаноци трите држави ги одржаа во информативниот центар Пили во Грција, на брегот на малото Преспанско езеро, каде беа усвоени неколку документи: за воспоставување на Секретаријат на Комитетот за управување со „Преспа парк“ составен од членови од Македонија, Грција и Албанија, а направен е и договор за начинот на кој ќе управува Секретаријатот.

Потоа, изработени се два акциски планови за тоа како ќе спроведува Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на „Преспа парк“ во периодот од 2022 до 2024 година, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Преспанското езеро веќе неколку години е во многу лоша состојба, главно поради експлоатација на водите за земјоделството, но и како резултат на климатските промени.

Иако сезонава имаше поголеми врнежи од снег и дожд, водата на Езерото во моментов е пет метри под референтната нулта точка во хидролошката станица во Стење, според податоците на Секторот за животна средина во Општина Ресен.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека на средбите било дискутирано за еколошката состојба на Преспанското езеро, но и за повлекувањето на водата.

„Беше направен предлог-список на приоритетни активности, меѓу кои заеднички мониторинг на езерото, анализа на намалувањето на нивото на водата и за надминување на состојбата со Преспанското езеро. Во рок од две недели истиот ќе биде финализиран и одобрен од страна на ово тело“, велат за РСЕ од МЖСПП.
Инаку, со повлекувањето на водата се намалува и кислородот во Преспанското езеро, со што се создаваат бескислородни слоеви, најдлабоките од 13 до 15 метри, кои предизвикуваат изумирање на живиот свет, според податоците на Хидробиолошкиот завод во Охрид од пред неколку години.

Закана за еколошкиот систем на Преспа е употребата на пестициди за земјоделството. Според достапните податоци, како оние на УНДП, во Преспанскиот регион секоја година за земјоделството се користат над 65 тони пестициди.
Според Ајман Ал Маала од Секторот за животна средина во Општина Ресен, краткорочни мерки нема го дадат посакуваниот резултат за спас на Преспа и затоа, како што вели, во меѓународното тело ќе бидат предложени и долгорочни мерки.

„Климатските промени се најзначајниот елемент за влошувањето на состојбата на Преспанскиот регион. Неодржливото управување со водните ресурси за водоснабдување и наводнување, исто така за жал ја даваат сегашната слика, и во Грција и во Албанија, каде ситуацијата е слична како во Македонија“, вели Ал Маала.

Управувањето со водните капацитети на Преспанското езеро е значајно од меѓународен и локален аспект, вели тој додавајќи тоа менаџирањето со Преспа треба да биде направено во насока на обезбедување на економоски просперитет и развој на регионот, но и во насока на зажитита на животната средина.
Ал Маала вели дека во рамки на управувачките тела на „Преспа парк“, македонската страна инсистирала да бидат спроведени истражувања, иновации, мониторинг и заедничката размена на бази на податоци, како клучни алатки за правилно менаџирање на водните ресурси во прекуграничниот регион. Затоа, вели тој, најзначачајно е формирањето на Работна група за управување со водите.

„Прво и најпотребно е континуираниот мониторинг на регионот за да се добијат точни и релевантни податоци за идно планирање на мерки и активности. Втора приоритетна работа е формирање на таканаречена релеванта банка (база) на податоци, а потоа и размена на тие податоци со кои ќе предвидиме мерки и активности на терен. Важна е и хармонизацијата на методологиите за заштита кои треба да ги спроведеме“, вели Ал Маала.

Официјалното потпишување на Договорот за „Преспа парк“ меѓу трите држави беше направено на 2 февруари 2010 година. На 23 јуни оваа година конечно формално започна заедничката работа за зачувување и унапредување на регионот на сите три држави кои го делат езерото и ЕУ. На состанокот се сретнаа претставници од Македонија, Грција и Албанија, Европската Комисија, локалните власти, невладини организации и управувачките тела за заштитените подрачја.
„Ова е историски ден за Преспа“, соопшти Македонското еколошко друштво (МЕД) кое повеќе од 20 години ја поддржува работата за формална прекугранична соработка.

„Денеска ја споделуваме радоста со нашите колеги од Грција и Албанија а најмногу со населението од Преспа кое конечно ќе може да се потпре на заедничко меѓународно тело да донесува издржани одлуки за одржливата иднина на регионот“, соопшти МЕД.

Од МЕД наведуваат дека Комитетот за управување со паркот Преспа ќе биде тековна, постојана шема за заедничко донесување на одлуки, а дека првиот состанок на комитетот е историска прилика и прв чекор на патот кон значајна соработка во регионот со цел да се зачуваат богатите природни ресурси и да се обезбеди одржлив развој за идните генерации.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *