Сутерен.мк

Коронавирусот и хуморот

Колку повеќе се застрашувачки бројките на заразени и починати од Ковид 19, толку се чини побројни се вицевите и мемињата на сметка на болеста. Многумина се прашуваат зошто трагедијата често е многу смешна, како може иста работа во еден момент да не застрашува, а во друг да не насмее!? Дали станува збор за хистерија или е во прашање сосема нормална реакција!?

Како што се развлекува „сезоната“ на короната, така нервите ни стануваат се потенки (а со тоа и прагот на толеранција се понизок), прашалниците околу нас само се намножуваат, ловците во матно се се побројни…
На почетокот беше демек: „ај, малку да се повлечеме, да одмориме од луѓето и тие од нас, да се здушиме со домашните…“ Ама? Ова трае и трае, со никакви назнаки дека ќе заврши наскоро!
Што ќе рече, кој нема да почне да се шегува, ќе се шлактоса!
Зашто, хуморот ни е патерица, гранката за која се фаќаме да не потонеме во живиот песок на страшните информации. Тој е пресуден и за да се одржат блиските меѓучовечки релации, да ја одржи надежта дека се ќе биде на крајот на краиштата, во ред.

Новото нормално

Па така, како да не се насмееш на забелешките од типот дека цел живот те будат рано наутро, те бркаат од каучот, те тераат нешто да работиш, а сега, ако распослан р’чиш на креветот по цел ден, си одговорен граѓанин!?

Или, нема ли да те замисли муабетот на некој дека: „апокалипсата ја замислував со потопи, громови, земјотреси, а не да седам затворен дома и по цел ден да мијам раце!?“
Да не зборуваме дека фризерите ќе бидат зафатени како хирурзите – те боли слепо црево – има да чекаш дур не ти пукне! Ама ако ти треба фенирање – илјада евра дарлинг или оди ко недомаќинка!

Ќе стане правило она: “Оди малку прошетај, јас ќе ти ја платам казната“ или – „Кај одиш? На тераса. Е шо, па и вчера беше! Влегувај во дневна!“

Откако е прогласена за светска пандемијава не смееш ниту во кафеана, ниту во кино, ниту кај пријателите, ниту во кладилница со некој друг освен, со најблиското семејство! Што значи за тие што се во брак и нема некоја голема разлика, нели!? (Иако, поштено речено и покрај вакцините, отиде меракот за физичко социјализирање.)

Мене лично, најмногу ми „легна“ твитот на Војо Жанетиќ: „ Море, добро и поминавме. Можеше да не снајде вирус со кого ќе требаше и обврзна физичка активност надвор!“ Богами, не знам како ќе се справев со таквата мерка!?

Некој пак, друг запишал: „кога ми се јаде – јадам, кога ми се лежи – легнувам, кога ми се излегува надвор – јадам, па легнувам.“ Мој двојник, гарант!

Смеењето не е несериозност

Хуморот е лек. Кога човек умее да се смее особено, на сопствена сметка, значи дека е жилав, дека ќе најде излез, дека е силен и дека неговото постоење има смисла. Треба сите да се смееме во секоја можна прилика, а тоа што се кикотиме, не значи и дека не сме несериозни. Напротив!


Ми раскажува пријателка една „средба“ пред банкомат…
„Сите (пензионери 90 отсто) се на еден метар раздалеченост и само се дрнда:
– Ајде бе Павле, уште ли типкаш таму!? Го расипа банкоматот!
– Не сум Павле, Жаклина сум и што сакам ќе праам, два часа чекам овде!
– Ааааа, ти си од кулата од кај оној сумњивиот сајт сутерен.мк!
– Живеам отспротива, кај казиното.
– Што не кажа одма! Љубе, ти си? Како е ќерката во Виена, ти се јавува?
– Немам никој во Виена, немам ќерка!
– Тогаш ти си Небојша. И ај, мрдни, се смрзнавме овде заради тоа што немаш деца!“

На комшијата над мене му е позитивен тестот на Ковид – 19. Во изолација е веќе десетти ден. Има 82 години. Се качувам да го прашам како е. Вели: „Ич да не се секираш, ќерко! Целиот напор ми е да свртам во кол центарот. Државата никогаш подобро не се грижела за моето здравје! Јас го живеам ветувањето од мојата младост:’ работиш колку што можеш, а имаш се што ти треба!’“

Сите граници се несигурни, па и оние на хуморот и се е иреално во надреалното. Не го гледаме можеби на прв поглед, но тоа, изместеното е тука, присутно.
Зошто инаку некој би напишал: „Три пати јадев, шест пати спиев и се уште е ист ден!“

Или, едно време кружеше вицот за пијаниот татко кој си го заменил детето во градинка, а сега тоа е за мажот кој донел друга жена дома. Не ја препознал под маската. Што само е доказ дека на мажите погледот им е стално подолу од очите.

Приказна сосем за себе се и филозофските упади како: „Имаше и поголеми проблеми, па не ги решивме“, „Кој нема да умре, ќе преживее“, „Состојбата е тешка, ама не и сериозна“. А има и од оние, економските: „ Да не ја уништевме на време економијата, сега ќе имавме големи губитоци!“

А и да ви кажам – ова што исчезнаа фиксниве телефони, го зголеми бројот на заразени: сега кому и да се јавиш, ќе ти рече „дома сум“! Ела трчај, па најди го кај е!?

Прашање на вкус

Хуморот е стил на живот и како таков, не може на секој исто да му се допадне истата доза на сарказам, иронија, сатира… Како и во другите општествени релации, се зависи од личното искуство, воспитување, социјални услови…, но и со колку љубов сте биле опкружени!

Иронијата е дека една од работите што со пари не може да се купи е и смислата за хумор! Можеби затоа и има најмногу вицеви на сметка на богаташите, авторитетите и сите оние што себеси се сфаќаат пресериозно.
Како и да е, хуморот е многу битен за менталното здравје. Дури и во најтрагичните моменти, кога згаснува нечиј живот, нам близок.
Доколку користите шеги, се смеете и не сте постојано со загрижено лице, тоа ќе делува смирувачки и на останатите во вашето смејство. Секако, не треба да се шекнете за на другите да им биде добро,
Зафркавајте се онолку, колку што имате кондиција. И колку што имат кондиција другите, за да го сварат тоа и да им биде пријатно. Не секој хумор е олеснување.
Постојат намќори, а и пречувствителни личности.
А имате и невкусна сатира.
Не треба да се исмејуваат другите т.е. оние кои не ви влегуваат во вашиот „салон за чај“, ниту пак да рескирате премногу со црниот хумор за Ковид – 19, зашто многумина изгубија блиски луѓе во пандемијава, а и смеата треба да го намали стресот, а не да го зголеми, нели…

Бранка Д. Најдовска

П.с.
Хуморот е всушност, дамнешна мистерија. За старогрчките филозофи како Платон и Аристотел бил опасен феномен, нешто што можело да го наруши авторитетот и општествениот поредок. Исмејувањето на моќниците тогаш било сериозна работа. Како што впрочем и денес е во автократските држави.
Сепак, општоприфатено е дека се шегуваме за да не плачеме!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *