Сутерен.мк

Крахот на медиумската дебата!

Телевизиската продукција е одлика на медиумски високоразвиените земји и под неа, по правило, освен сржта на медиумите – информирањето, се подразбираат големите документарни приказни, без разлика, кој сегмент од животот го покриваат. Всушност, тв програмата, продукцијата е една голема индустриска лента која просто мора, постојано да се движи за екранот да биде полн. Колку повеќе сопствено производство, толку подобро. Колку повеќе емисии кои не само што ќе информираат и забавуваат туку и ќе едуцираат, поттикнат на размислување, на реакција, на поправање на нештата, толку поцивилизирано општество. Меѓутоа, за тоа да се направи потребни се огромни средства, труд, пот, а понекогаш и солзи…

Домашната понуда според горенаведеното е повеќе од сиромашна. Единствено жилави се покажаа неколкуте политички тв емисии, кои ете, со доаѓањето на есента, ја започнуваат новата сезона на емитување. Авторката на „Вин, вин“, Оливера Трајковска, не замолува:„ Аманте, не го поставувајте само она глупаво прашање ’дали емисијата ќе има нов концепт, со новите изданија!’ Како божем, Лари Кинг да менува концепти секој три месеци!?“ Напротив, намерата ни е сосема поинаква: колку, ваквите емисии, такви, какви што се ги запазуваат општите стандарди, колку се гледани, ефективни, комуникативни со јавноста… Колку впрочем, средства, труд, пот и дали се потребни солзи за да се направи добра телевизиска емисија?

Примитивизам

Комуникологот Климе Бабунски, од Институтот за социолошки и правни истражувања во Скопје, вели дека во последниве години се намали квантитативно, а и квалитативно телевизиската продукција што значи, го доживуваме примитивизмот во тв индустријата. „Нема некоја клима во која може телевизиите да развиваат добра политичка комуникација. Се се сведува на вести и на еднаш неделно, некаква емисија во која нема да слушнете различни мислења односно е еднонасочна. Уредувачкката политика останува слепа за стојалишта кои треба да бидат присутни, а тоа се разбира е одреден начин на цензура.“

Според него, една од причините што нашите производи од овој вид се просечни е тоа што новинарите прават премногу компромиси, недоволно спротиставувајќи се кон директни или индиректни притисоци. Тврди дека во суштина, недостасуваат договори меѓу сопствениците и новинарите каде мора јасно да се издефинира таа професионална автономија и слобода односно, до каде е слободата на говорот, каква е улогата на уредникот / директорот и каде завршува влијанието на сопственикот. „Не може да се бара од сопственикот да работи на своја штета, ниту да толерира нешто што нема да носи пари, но исто така, не може да му се дозволи да воведува скриена или каква било цензура, со што на јавноста ќе и се спречи да дознае одредени нешта. Е, тука е зрелоста! На општеството , професијата, индустријата. Тоа е предизвик и испит.“

Бабунски не мисли дека состојбите во соседството се полоши или подобри, но сепак, веројатно се подобри во смисла на “релаксираноста”: диктатурата не е веќе присутна во Србија, Хрватска после Туѓман е далеку напред, но ниту тие не се оперирани од глупостите што и ние ги гледаме овде, разни реални шоуа и слично. „Меѓутоа, несомнено сега сме во полоша состојба од пред десетина години. Медиумската како и секоја индустрија, треба да се етаблира и да обезбеди профит. Е, сега, начинот на кој тоа се прави е типичен за нашата средина т.е. за периодот што секоја земја го поминува. Поголем проблем е според мене, што истите луѓе што се во медиумите се во тесна врска со политиката односно, исти луѓе се јавуваат во печатените и во електронските медиуми. Звучи парадоксално, но со тоа што на местото на НИП-от сега го имаме ВАЦ-от имаме гаранција за добро новинарство затоа што сопствениците не се локални, а со тоа се недопирливи за политиката.“ – коментира тој, додавајќи дека онаму каде газдите на кој било начин се вплеткани во некакви политички групации значи, дека штитат нечии интереси.

„Дали некои од медиумите се поквалитетни, затоа што барем еднаш неделно имаат прилог, скриена реклама, за ’својот’ универзитет?! Благо речено, невкусно е да се прават прилози за отворен мал погон на нешто, се реновирал хотел, а се премолчуваат значајни проблеми, затоа што директно се врзани со сопствениците на телевизиите. Секоја телевизија има ’свои’ теми што треба да се изверглаат затоа што имаат заеднички именител – сопственичките интереси. Затоа велам, дека ова е примитивизам, праисторија, кога газдинските интереси ја кројат уредувачката политика и кога јавноста фактички нема пристап до медиумот т.е. медиумот не ги третира проблемите на јавноста туку едноставно јавноста е типичен потрошувач на кој му се наметнува за што треба да се нервира или радува.“

Според нашиот соговорник, отсуството на вистински јавен радиодифузен сервис, има клучна улога за ваквата медиумска сцена во Македонија. Колку и да изгледа парадоксално, колку и да е јавниот сервис во тесна врска со власта, според Бабунски, постои една позитивна традиција на добри примери, каде токму јавниот сервис го создава реперот, стандардот за новинарството. Во последниве три децении, а некаде и порано, и во Западна и во Источна Европа, повеќе национални радиодифузни сервиси ја востановуваат нормата која гласи: ’под ова нема професија’.

Изговори

Причините за ваквата недефинирана ситуација на журнализмот се повеќестрани, но како една од поважните е отсуството на „револт“ меѓу колегите односно, како што вели соговорникот на „Глобус“, „вработените во јавните сервиси штрајкуваа, а нашиот јавен сервис, кој ниту е востановен, како што треба, никогаш не направил штрајк заради негирање на професионалните слободи. Се побуниле или испратиле соопштение само заради тоа што не примиле плата. Со непостоење на јавниот сервис немаме гравитациона точка.“ Тој потсетува дека покрај написите за притисокот што Берлускони го прави врз медиумите во Италија на Денот на слободниот пристап до информации, излегоа 200 000 луѓе на протести.

„Италија секако дека нема двестотини илјади новинари туку, тоа беше излезена јавноста која е загрижена за состојбата во медиумите и на новинарите, која е загрижена за слободата говорот.Тоа кај нас се уште не се случило и којзнае дали ќе се случи. Не се случил вистински штрајк. Сето тоа се уште се одвива како некое дефиле. Ако ние немаме сериозни медиуми ние нема да знаеме што ни се случува во општеството. Данокот што се плаќа е многу скап.“ – потенцира Бабунски, наведувајќи ги и оправданите изговори на новинарите од типот„не можеме да стигнеме зашто сме двајца!“ Појава „карактеристична и во пишаните и во електронските медиуми.

 

„Штедењето на луѓе, доведува до штедење на квалитет. Со двајца во редакција не се прави ништо. Се е половично и недоречено. Значи, не дека сме неспособни, необучени, но организацијата во медиумите е лоша и се вртиме во круг. Сопствениците очигледно немаат интерес да го развиваат производниот дел. Најголем успех се новите филмови или некоја петпарачка увезена програма.“

За жал, ќе констатира тој, кај нас недостасуваат емисии што ќе ја насетат ситуацијата, проблемот што настанува. „Не може новинарите да не се во состојба да предвидат дека Македонија еден ден ќе мора да потпише договор за признавање на Косово. Напротив, кај нас се случува медиумите да се изненадени од случувањата т.е. ги коментираат нештата отпосле! Се работи за непознавање или правење ’на Тошо’ за основни правила на занаетот.“ Бабунски не е оптимист дека работите ќе тргнат на подобро, барем не во блиска иднина, а толку време измина. Зашто, компромисите заклучува тој, што новинарите ги прават немаат врска со професијата, туку со борба за проста егзистенција.

Авторот на телевизиските досиеја „Во центар“, Васко Ефтов, вели дека нема некој посебен проблем при правењето на неговата емисија, која веќе десеттина години успешно опстојува на екраните. „На почетокот на сезоната ја затворам конструкцијата, нормално од деловни причини нема да кажам која е сумата, но таа овозможува да се задржи висок квалитет на емисијата. Имаме големи издадоци за снимање во странство, но тоа е цената, што треба да се плати, ако сакаш производот да трае и да биде долговечен.“

Ефтов тврди дека ниту една домашна телевизија не може да следи ваков продукт, затоа што тоа е скапа работа. „Она што јас го работам чини пари. Тука има најмалку шест до осум луѓе кои се снимаат значи, дека во идеални, оптимални услови има два дена снимање, најмалку три дена монтажа, а кога локациите се во странство, тоа автоматски ги зголемува трошоците: два – три дена спиење во хотел и слично. На почетокот на оваа сезона имавме некои 15 денови снимање надвор – во Хрватска, Србија, Словенија, Швајцарија, Лихтенштајн, Германија, Полска.. Тоа значи дека поминавме илјадници километри за дваесеттина интервјуа.“

Стандарди

„Во центар“ односно, некои нејзини изданија што се со регионална тематика одат и на другите балкански телевизии, што значи, таа мора да внимава на одреден стандард. „Можеби мојата емисија не е на ниво на американско или на нивото на Би – Би – Си, но за балкански прилики, таа од технички аспект запазува поприлично високи критериуми. Без лажна скромност, таков стандард не се запазува во ниедна друга емисија во Македонија.“ – вели, Ефтов, кој тврди дека за успешен тв производ потребно е да се следат технологиите кои брзо се менуваат, кои бараат исполнување и на техничкиот, финансискиот и журналистичкиот дел.

Македонија, според него е скромна, не толку со финансии, колку со човечки ресурси. Раскажува дека во еден момент, заради недостиг на квалификуван кадар, имало ситуација кога многу поефтино било да се изнајми екипа од Бугарија, да и се платат трошоците отколку, тоа да се прави со Македонци, а притоа, да се добие и на квалитет. Тој се согласува со претходниот соговорник дека соседите се многу понапред во овој сегмент од нас т.е. дека „не претркаа“.

„Кога бев во А1 некој уредник, ние со квалитетот бевме повисоки од ТВ Пинк, а тоа беше пред години, а сега, таа иста телевизија последните избори ги покриваше со 20 репортажни коли!?“ Неговиот коментар за „вадењето“ на новинарите со изговорите за немање компетентни соговорници што автоматски значи, неможност за професионално обработување на одредена тема е дека, колегите или ќе ја бркаат темата или соговорниците. „Ќе бидете актуелни со соговорници или со тема!? Значи, во ситуација кога имате скромен пазар, како што е македонскиот со соговорници, нормално е дека ќе ја бркате темата зашто, ако темата е добро поставена, тогаш и соговорниците многу полесно ќе ги најдете. Да се разбереме, нивото на нашите телевизиски емисии од на пример, хрватските, не е ништо пониско од тоа колку што ’Европа’ е подолу од ’Краш’! Тоа е општиот просек. Дали е проблем во Македонија да се најде добар, компетентен доктор? Дали е проблем да се најде добар фудбалер? Во средина со вакви скромни човечки ресурси проблем е било што да најдете! Меѓутоа, зарем очекувате да седна и да плачам затоа што тоа е така!? Доколку не можам со тоа да се справам нема веќе да ја има ’Во центар’! Всушност, нема да се бавам со ова што го работам. Евентуално, ќе седнам во некој деск и ќе ’траам’“.

Една од неповолните околности и според него е таа што е уништен јавниот сервис, кој би требало да ги наметнува техничките стандарди, но од друга страна не може да се занемари и проблемот со журналистичкиот дел. „Колегите по линија на помал отпор се обидуваат да прават побанализирани теми. Ако вие правите побанализирани теми за да не се замерите, потсвесно плашејќи се од последиците во делот на финансиите, политиката и т.н. ви паѓа рејтингот. Кога паѓа рејтингот имате помалку пари и огласувачи во целата таа работа. Иако, ако искрено зборуваме, македонскиот пазар и во тој рекламирачки сегмент е доста проблематичен: кај нас огласувањето не се прави од пазарни причини туку од некои пријателски, полупријателски или заштитнички причини, да не употребам некој погруб збор. Тоа е она што го прави тлото многу неизвесно за да се направи една квалитетна тв емисија.“

На крајот, Ефтов нагласува дека кој е соговорникот и не е толку битно, туку дека само постојат добри и лоши емисии, но и дека просторот во медиумите треба да се заслужи особено, во таканаречената тв дебата. „Досието и го правам како дебата, со тоа што еден од дебатерите сум јас. Многумина велат, поголем од гостите. Меѓутоа, знаете, во дебатата просторот не се подарува, туку се заслужува. Кога дебатирате, ако наметнете свои ставови и свое темпо, а соговорникот не може тоа да го следи, кој му е виновен!? Просторот секаде, не припаѓа автоматски никому, за него треба да се избориш! За борба пак, не е способен секој!“ – вели, Ефтов.

Оливера Трајковска, „Вин, вин“

Владините реклами се ефтини трикови

„Веќе дваесет години правам политички емисии и публиката веќе знае што ’купува’ со мене. Во мојата емисија, се внимава на просторот, на односот кон гостинот, општо, на естетиката. Разочарувачки е, но не и обесхрабрувачки се разбира, дека и покрај сиот труд најгледани се емисиите во кои гледачите телефонски се јавуваат и ви треба едно половина час да сфатите зошто се јавиле зашто времето се троши на комплименти на водителката која ’ненормално убаво изгледа’. Токму затоа, јас и после две децении работа треба да се борам за основните права, како, кога и почнував. Со таа разлика, кога ја правевме ’Без наслов, но со повод’ имаше еден авторски интегритет, конфликт за стандарди, кој беше многу битен, една потрага по слободата, од тоа денес нема ништо.

Мојата емисија е производ на продуцентска куќа и јас, навистина, речиси и да немам главоболки околу нејзината подготовка меѓутоа, кога ќе се погледне се она што оди на екраните евидентно е дека ние назадуваме во тв изразот. Се чини, никој не сака култивирани соговорници, немаме поим кои се ректорите на универзитетите или државни секретари, но многу лесно ќе запознаете некој ’доктор кој се занимава со репродуктивните органи на кромидот’. Политиката е преплавена од ’пилиштарци’ без биографија, кои кога треба да ги претставиш, ти ’недостасуваат’ реченици, кои не разбираат дека телевизијата е ’актерска игра’, гестикулација, говор… Знаете, сиромашните реченици на нашите ’елити’ покажува дека сме сиромашни по многу основи.

’Испроституиравме’ се – од интервју, до дебата. Не се разговара за суштината туку, ќе видите неколкумина ’гушнати’ како го озборуваат Груевски и обратно, Црвенковски. Од друга страна, кога ќе ви пуштат пред емисија реклама ’знаењето е сила, знаењето е моќ’, вие не можете во првиот прилог да зборувате за лошото образование. Едноставно, наседнувате на ефтиниот трик, со кој всушност, ви се наметнува индиректно цензура. Меѓутоа, јас веќе не ’протестирам’, привилегирана сум што сум малцинство иако, морам да кажам дека за сево ова што се случува, одговорност сноси токму денешното малцинство, кое, кога беше мнозинство, не направи ништо за да се зачуваат стандардите! Целото ова тв парадерство ќе помине, не брзо, но ќе помине. Јавноста ќе ги изживее ’мегафонските играрии’ и ќе сфатиме дека модерниот тв израз секако значи ненапорно зборување на екраните, но подразбира одговорност!

Жално е што немаме ниту еден ’Езоп’ меѓу интелектуалците, сите ги занимава само формата и само се чека соговорниците да се ’скачкаат’! Јас не ги сакам дебатите, но не заради тоа што денес соговорниците треба да се ’испотепаат’ за да биде интересна емисијата туку, затоа што за дебати немам концентрација и ми пречи што не сум господар на ситуацијата. Посклона сум да го расипам целиот тој ’разговор’ отколку да се трудам да го ’модерирам’. Мој терен се интервјуата.“

Драган Антоновски, „Ние“

Политичката елита сака монолози

„Понекогаш имам дилема , зошто да се биде искрен и дали воопшто вреди да се одговара на сериозни прашања, кога писмената публика е малубројна , а сериозните прашања и сериозните одговори допираат до сосем мал, затворен круг кој во принцип, нема влијание, да не речам, малку луѓе разбираат. Големата гласачка машина се пали на цицлестата Цеца, на селскиот српски тв примитивизам од типот на курсаџии или пајо и јаре од 70 – тите години. Тука стоиме и тапкаме и во оваа 2009 – та, во место. Кому денеска му служи новинарството!? Ние сме само средство за опстојување на мангупите и на власта.

Телевизиското новинарство е дефинтивно највлијателно, не заради тоа што таму се најписмените новинари, не заради тоа што е најпрофесионално туку едноставно, што за оваа македонска публиката тоа е најевтина забава. Тоа го знаат и политичките елити, и токму затоа најголемиот притисок е врз тв куќите – од најмоќните до маалските тв видеотеки, што реемитуваат програми и се мегафони на секој што ќе плати да биде виден. Секоја власт сака да ги има медиумите во рака, но кога станува збор за тв медиумот тогаш за цена никогаш ниту се прашувало ниту ке се прашува, а тоа, многу добро го знаат газдите. Телевизиите денес, се е всушност од вчера. Сега само го плаќаме данокот. Сите.

Концептот на магазинот ’Ние’ беше секогаш да има еден претставник на опозицијата, еден од власта, еден граѓанскиот сектор и еден експерт. Тој мораше да се смени затоашто од страната на власта ми беше посочено дека тие немаат намера да полемизираат со ваква опозиција. Дури и дека е под знак прашање дали од преголем број средби со граѓаните ќе имаат време да дојдат во емисија. Фин и фер одоговор. Со други зборови, не сакаат дебата, полемика. Повеќе им одговараат монолози.

Суетата пак, на повиканите соговорници е башка проблем. Професори, аналитичари, бизнисмени постојано ’бираат’ со кого ќе дебатираат т.е. кој ќе им биде ’соперникот’ на екранот. Нивното ниво на подготвеност е башка муабет. Тие што знаат, не сакаат, оние што не знаат, само се сликаат, без идеја како да му реплицира на противникот. Всушност, какво што ни е општото ниво. Поискусните новинари знаат дека ’пакувањето’ на тв производ во Македонија е ѓаволски тешко. Проблем е техничкиот капацитет на куќите т.е. парите. Квалитетна тв програма кај нас може да се направи само, ако емисијата ви е спонзорирана, продукциска, со пари платени од надвор, буџетирана од некои меѓународни институции кои имаат интерес за професионални тв проекти.

Газдите штедат на се, на штета на квалитетот освен, кога не е во нивен директен интерес. Сепак, вината за актуелното рекет новинарство или размножувањето на партискоте мегафони сметам дека не е само во газдите на медиумите или политичарите туку најмногу, кај нас, новинарите. Автономноста мораме да ја освоиме и сочуваме сами. Не треба просторот така лесно да го препуштаме.

Имаше и порано вакви ’пројави’, но се мислам дека имаше мерка, еснаф. Имаше стари полонтрони и нови бунтовници, а сега останаа само нови полтрони. Нема дебата, издржана анализа, нема државен интерес има само – интерес. Не реагира Здружението на новинари, не реагира Советот за радиодифузија, а во медиумите ни се случува етничка нетолеранција, говор на омраза… Меѓутоа, инаетот знае да биде голем мотиватор. Не им дозволувам да ме убедат дека јас и моето семејство помалку ја сакаме Македонија од намножените полтрони. Не им се давам. Колку и да е тешко знам дека ќе помине и оваа ’инфантилна’ фаза на тв медиумите.

Роберт Поповски, „ХО“

Технички, заостануваме од светот

„Лично, немам некои особени проблеми при подготовката и реализацијата на емисијата. Секако, на сите и секогаш се проблем несериозните соговорници кои првично ќе прифатат гостување во емисија,а потоа во последен момент ќе го откажат настапот без вистинско образложение. Политичарите во принцип, сакаат да гостуваат, но преферираат класично интервју, ’еден на еден’. Колку и да им се слаби одговорите, или да ги ,’растурам’ во интервјуто,сепак по извесно време прифаќаат повторно гостување. Дебатите не им се многу по волја особено, кога се на власт.

Бизнисмените се посебна приказна. Многу ретко или речиси, никогаш не прифаќаат настап пред камери. Во слободен разговор се најголемите критизери, се претставуваат себеси како единствени, најдобри, најчесни наши сограѓани редовно, обесправени од некого. Воедно експерти се од сите области и се знаат. Страшно се суетни и храбри ’оф рекорд’, а кога треба истото јавно да го соопштат, никаде ги нема. Стравот од камери не е случаен, многумина од нив се на исклучително ниско интелектуално ниво, бизнисот им е сомнителен по многу основи, крајно се исполтронизирани кон сите нивоа на власт. Има и такви кои се успешни, но преферираат да останат анонимни за пошироката јавност штитејќи си го на тој начин, личниот мир.Таквиот став секогаш го почитувам.

Телевизиското интервју бара исклучителна концентарција,следење на соговорникот и динамичност со брзи, куси и прецизни прашања, за да се извлечат што е можно повеќе одговори и да се разобличи евентуелната тенденција на гостинот нешто да скрие или неодговори. Притоа никогаш, не ми се случило да го навредам или омаловажам соговорникот, што е од голема важност за професионалниот стандард на новинарскиот производ. Во дебатите се обидувам да ги насочам соговорниците да се држат до темата, да не си утаѓаат во збор и да го задржат нивото на разговорот. Се обидувам да не доминирам како водител, за разлика од некои мои колеги. Немам обичај да коментирам настап,однесување или производ на други автори. Јавноста е единствениот авторитет што има право да ја оцени работата и да процени што е издржан и професионален новинарски труд, а што квазиновинарски турбо шунд.

Ние визуелно и технички заостануваме зад водечките светски телевизии во секој поглед. И тоа е нормално со оглед на финансиската моќ на македонските медиуми и на бројноста на публиката што не следи. Што се однесува да новинарскиот пристап мислам дека јас и моите почитувани колеги сме многу поостри, поиздржани и поподготвени за двобој со соговорниците од некои светски извикани новинарски имиња, кои кога ги слушам како поставуваат прашања,се чувствувам како во времето кога ЦКСК им ги подготвуваше прашањата на новинарите, пардон, општествено политичките работници. Проблем е што има инфлација на квалитетни новинари, а се припојави маса на водители што го загадуваат медиумскиот простор и ја трујат јавноста со невкус, незнаење, простаклук.

Ни недостасуваат темелно изработени истаржувачки стории, со документаристички пристап што ќе ја освежат и ќе ја збогатат телевизиската понуда. Никаде во светот на постои целосна новинарска независност.Секогаш се внимава особено на големите огласувачи и адвертајзери. Меѓутоа, никогаш не би дозволил да не објавам сериозен скандал за некој, без оглед колку тежи неговиот годишен финансиски договор со медиумот. Тоа го знае сопственикот на медиумот во кој работам и веројатно заради тоа не се случил обид за некакво влијание во мојата уредувачка политика или не дај боже, за откажување на соговорници од некакви причини. ’Икс нула’ е авторски и содржински производ на Роберт Поповски.Тоа го знаат и политичарите и затоа немам проблем со соговорници од било која политичка структура.Убеден сум дека ова го знае и јавноста.

Искрено,вака многу потешко се опстанува за разлика од оние кои во својство на мегафони на одредени политички авторитети, полтронско-навивачки ги пренесуваат ставовите на нивните нарачатели.Јас се определив за потешкиот пат. Точно е дека поистои ниско ниво на култура на политички дијалог,но една од задачите на новинарот е да не дозволи во својата емисија некултура, нетолеранција, презентација на ниски страсти и фрустрации од страна на соговорниците.Само со ваков пристап ние, новинарите, можеме да придонесеме за издигнување на нивото и квалитетот на комуникацијата.“

“Глобус”, 2008 година
Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *