Сутерен.мк

Лажливо лето

Со другарките долго време го планираме годишниот одмор (вакцинирани, секако) и едвај чекаме да заминеме на море. Веќе подолго време немам партнер и многу сум радосна заради претстојното патување. Убедена сум дека ќе сретнам некој фин, згоден и умен. Мислите ли дека такво нешто е возможно или да ги баталам надежите?

Софи

Софи дарлинг, кој не би бил возбуден пред најавена авантура!? Повеќе од една година исти приказни (и пред пандемијава и за време на неа, а и по неа ништо нема да се смени на овој план), исти лица, исти закани и уцени (знаете веќе, она ориенталното – „ти мене, јас тебе“ – кое никако да го искорениме), а сега конечно, летен одмор и барем, на кусо, безгрижност.

Нема рокови, напорни шефови, клиенти на кои им правите услуга, а се однесуваат како вие да им должите нешто, опкружување што себе си се сфаќа пресериозно. Боси и опуштени, со разиграни хормони. Слободни и смели. Убајни! Сите предуслови за да се вљубите до уши се исполнети.

Летото впрочем, за тоа и постои – за адреналинската неизвесност: ем знаете дека ќе заврши, ем имате чувство дека ќе трае до недоглед. Многу ветуваат топлите ѕвездени ноќи, ама сосема малку од тоа се реализира. Сигурна сум дека ќе сретнете некој. Секако дека тој ќе биде фин, згоден и умен. Такви се сите на жешкиот песок.

Се разбира дека треба да му излезете во пресрет на новиот допир, но за да не ве боли главата подоцна, треба да знаете некои „правила“. Летните љубови во реалноста обично траат од една вечер до неколку месеци (во кои е вброено и времето потрошено на интернет четови, потоа). Не очекувајте премногу, бидете подготвени дека тоа ќе заврши.

Најважно при ваквите „неидентификувани“ средби е содржано во три клучни збора: заштита, заштита, заштита! (Не само од коронавирусот!)

За друго ич да не се двоумите. Плимата треба да се искористи. И од емоциите треба да се направи залиха за во шпајз, за идните здодевни, дождливи денови.

Битно е и на крајот да нема каење, лутење и преголеми очекувања. Заводникот од песокот, нема да биде ист кога ќе го видите на неговото работно место.

Зашто ниту сонцето кога заоѓа зад водениот хоризонт не е исто со она што заминува зад бетонските згради, нели!? Перспективата ги прави неверојатни нештата…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *