Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Зборот вреди колку еден лајк

Веќе од поодамна функционираме во светот на интернетот. Се навикнавме штом ќе ги отвориме очите или додека го пиеме првото кафе, да видиме што има ново на Фејсбук, потоа на Истаграм, евентуално меил, па дури потоа да се подготвиме да тргнеме на работа.

А кога ќе стигнеме на работа информирани за сите случувања од изутрина, продолжуваме да следиме што тоа актуелно се случува во текот на денот. Описот на четивата и фотографиите е голем. Од трач рубрики за разводи, раскинувања, заведувања, преку дневни политички и сервисни информации, па се до интервјуа, анализи и колкумни. Нема што нема на интернет.

Да не зборувам за онлајн продажбата која својот зенит го достигна за време на короната, или пак, за информациите поврзани за војната во Украина, кои се движат од нуклеарна катастрофа до трета светска војна.

Интернет платформите како начин за функционирање ги прифатија и сите поголеми компании во земјава, кои своите производи ги нудат лесно достапно со испорака на врата, и се разбира со попуст доколку се надмине одредена сума. Благодарение на нивните профили на социјалните мрежи можеме одблиску да се запознаеме и директно преку опцијата месинџер да комуницираме со многу познати и непознати брендови и да го избереме најдоброто за нас. Се чини дека трговијата никогаш не била по едноставна откако е-трговијата стана наше секојдневие.

Со помош, пак, на опциите што се нудат како Вибер, речиси и да не може да се замисли функционирањето на една компанија или организација. Шефот наместо поединечно да му се јавува на секој вработен за да му даде одредени работни задачи, сега тоа го решава со една порака. Преку групата на вибер во која секој задолжително членува и преку која комуницира со надредените и колегите.

Постојат безброј примери од кои може да се види колку интернетот ни ги поедноставил животот и работата. Но, секако бидејќи никогаш ништо не е совршено, постојат и многу примери со кои се докажува спротивното. Не дека ни го отежнал, туку ги поместил или успеал да ги поништи сите релевантни критериуми на кои сме биле научени, и според кои сме функционирале. Пред се мислам на порталите.

Ако до вчера релевантноста ја носеше добро напишаниот текст и ако сакате името и презимето на новинарот, денес тоа повеќе не е така. Зошто? Бидејќи за таканаречените агенции кои ја мерат релевантноста на одреден интернет медиум, главен критериум им се лајковите и таканаречените следачи, односно оние кои го следат медиумот, без при тоа да се води сметка за тоа дали тие “лајкачи“ се вистински лица или ботови. Важна е само нивната бројка врз основа на која подоцна одреден медиум добива или не добива реклами. Или што би рекле од агенцијата е релевнтен или и не е релевантен медиум.

Не е мал бројот на интернет медиуми кои објавуваат апсолутно неточни информации, шират говор на омраза, шпекулации за одредени лица, или едноставно се интересираат за таканаречените трач рубрики. Медиум (кој себе си не знам зошто се нарекува така) во кој работи најчесто една личност, односно сопственикот на порталот, не ретко има најголем број на реклами, бидејќи информациите што ги објавува имаат најмногу следачи и се разбира лајкови.

Наспроти други портали кои имаат сериозни редакции сочинети од по неколку вработени новинари кои покриваат теми за кои се намачиле да ја напишат, имаат едвај неколку реклами.

Од тука да прашам колку вреди зборот? Колку вреди писанието? Колку вреди да си новинар? Колку еден лајк? Колку еден недефиниран следач кој дреме зад тастатурата и коментира на форумите без при тоа да го покаже своето лице или, пак своето име. Лице кое најчесто се нарекува Брус Ли, Џон Траволта, Пикасо, Александар Македонски, Комита, Тито… и од чие лајкнување (следење) зависи медиумот, а со тоа и вредниот труд на новинарите?

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *