Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Исвиркана вистина

Приказна за “девојката од разузнавањето“ беше многу оддамна, сепак таа се уште отвора многу прашања, и во македонски услови се чини како да била вчера. Најнапред “свиркачите“. Ги имаме ли ние во Македонија? Понекогаш се случува да прочитаме по некој текст во медиумите, добиен како резултат на “свиркачите“, но вистинското прашање е колку овие таканаречени “свиркачи“, се навистина тоа? Дали кај нив, исто како и кај Ган кога ги доставувале информациите до медиумите, преовладувало чувството дека тоа го прават за доброто на своите граѓани и земјата или, пак биле само резултат на отпор кон одредена владејачка партија или компанија.

Пред некој ден (со задоцнување) го гледав филмот „Официјални тајни“. Филм, работен според вистинската приказна за специјалистката од британското разузнавање Кетрин Ган (Кира Најтли), чија работа вклучува достапност до класифицирани информации. Токму една таква информација ќе биде причина таа да стане “свиркач“ и да обелодени таен документ,односно меил, со кој САД од Британија бараат помош во собирање компромитирачки информации за членовите на безбедносниот комитет на Обединетите нации, се со цел тие да гласаат во полза за инвазијата во Ирак. Соочена со тежината на својата работна обврска, која подразбира неможност за издавање на државна тајна, на која се обврзала кога започнала да работи во разузнавањето и секако можноста од втурнување на светот во нелегална војна, Ган носи неверојатно тешка одлука. Се спортиставува на својата Влада и ги предава информациите на медиумите, со надеж дека ќе ја спречи воената инвазија на Ирак.

Инвазијата се случи. Мојата генерација и оние пред мене се сеќаваат на нападите на Ирак во 2003-тата година, приказните за оружјето за масовно уништување, кое патем никој не го најде, и секако падот на Садам Хусеин. Но, тоа е тема за оние кои ги истражуваат воените акции на САД, Британија, НАТО… Во оваа приказна мене ме интересираат информациите кои (не) можат да го променат светот и секако медиумите кои ја имаат клучната улога во тоа. Иако оваа вистинска приказна за “девојката од разузнавањето“ беше многу оддамна, сепак таа се уште отвора многу прашања, и во македонски услови се чини како да била вчера. Најнапред “свиркачите“. Ги имаме ли ние во Македонија? Понекогаш се случува да прочитаме по некој текст во медиумите, добиен како резултат на “свиркачите“, но вистинското прашање е колку овие таканаречени “свиркачи“, се навистина тоа? Дали кај нив, исто како и кај Ган кога ги доставувале информациите до медиумите, преовладувало чувството дека тоа го прават за доброто на своите граѓани и земјата или, пак биле само резултат на отпор кон одредена владејачка партија или компанија. Знам, сето тоа може да се истражи по судски пат. Но, поентата е колку нашето општество и сите ние во него ја познаваме или сме ја поставиле границата за доброто на својата земја и граѓаните, а не за доброто на партијата и компаниите.

Долго време Македонија слушаше таканаречени “бомби“. За жал во предизборието слушавме повторно, и за двете најголеми политички партии претенденти за победници на изборите. Од таму што била целта на “свиркачите“, да се дознае вистината за некоја одредена ситуација, или, пак да и се помогне на одредена политичка партија за изборите? Со оглед дека бомби слушавме само пред изборите, очигледна била намерата. Во оваа ситуација дали нашите “свиркачи“, се “свиркачи“ во вистинска смисла на зборот? Се разбира дека не, бидејќи вистинските “свиркачи“ доставуваат материјали до медиумите, кога целта е многу повисока. Кога е државата загрозена, кога народот во државата е обесправен, кога е безобразно излажан, кога животот му е украден. Се друго како во случајот со нашите “бомби“ е само партиски активизам на кој народот е непристојно изложен.

Во 2001 година Македонија имаше воен конфликт. Од тогаш до сега имавме уште неколку сериозни политички ситуации во кои ниту еден “свиркач“ не се одвои од партиската наметка, за да обелодени афера која е за доброто на државата. Можеби филмот “Официјални тајни“ ќе ги научи дека државата и народот се пред се. Пред партијата, личните потреби и сопствениот комодитет. Но, можеби и медиумите ќе се издигнат над своите “критериуми“ или линии што им ги поставуваат сопствениците и ќе се одважат да соопштат вистина во заштита на своето и правото на својот народ.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *