Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Камен во чевелот

Чекориш полека. Забрзано одиш.Трчаш. Застануваш. Исто е. Нешто те стега во чевелот. Те притиска силно. Чуствуваш болка во стапалото. Седнуваш на првата клупа што ја гледаш во близина. Се смируваш. Се обидуваш да не мислиш на болката. Ги пренасочуваш мислите на нешто друго. Се присетуваш на разговорите со пријателите за деновите поминати во обука, читање, учење, истражување и анализирање. Се насмевнуваш. Наеднаш ти паѓа на ум информацијата што ја прочита неоддамна.

Извесна обука на магариња за која надлежната институција под закрила на Брисел префрлува масна сума на пари на одреден таканаречен обучувач.Се смееш. Солзи ти навираат од очите. Речиси секојдневно ја следиш науката, учествуваш во неа. Но, по оваа информација се чуствуваш затекнат и се прашуваш, до каде отиде наукава? Болката во стапалото те „убива“ и оди директно до срцето. Ти се плаче и ти се смее во исто време. Го зашеметуваш срцето. Се обидуваш да станеш. Те притиска болката во стапалото. Срцето ти се распарчува. Од среќа. За тоа до каде отишла науката, и од болката, за стапалото.

Продолжуваш да одиш. Кроце, покроце. Ги слушаш кратките вести од најблиското кафе. “Продолжуваат разговорите на мешовитата комисија за историски прашања. Камен на сопнување и натаму останува Гоце Делчев“. Размислуваш. Се прашуваш, како е можно науката која отишла толку далеку да овозможи да држиме обука за магариња, да падне на на историска личност? Па нели историските личности во 21-от век му припаѓаат на целиот свет, а не само на една нација, токму поради тоа што го оставиле? Нели светот е поле за културен натпревар меѓу народите? Дали ние се натпреваруваме со Бугарија? Зошто? Дали добрососедска Бугарија, е оддамна дел од европското семејство, на кое ние сакаме да му се придружиме, а во кое се почитуваат нациите меѓу себе? Тогаш, зошто преговори! Дали јас живеам во 21- ви век? Нешто ми е измешано во главата.

Веројатно од болката во стапалото. Се сетив на Република Хрватска и Србија, кои своевремено се расправаа за тоа дали Никола Тесла е Србин или Хрват. Научникот, кој починал во голема беда без да биде славен од никого, беше голем камен на сопнување. Но, тоа беше во деведесеттите. Во минатиот век.

Не ме попушта болката во ногата. Здивот ми се одзема од маската што ја носам на себе, поради новиот вирус. Ги почитувам мерките. Си велам оваа корона не е шега. Ако не не “убијат“ новите обуки или информациите од мешовитата комисија, сигурно тоа ќе го стори вирусов. Во „Мош“, или можеби на протест за покачување на електричната енергија. Сеедно. Продложувам да одам. Се сетив дека треба да одам на фризер. Сакам да направам нешто ново со мојата коса. Да експериментирам. Да бидам во тренд. Па што?! Ако може снимател да биде лице одговорно за односи со јавност, можам јас да ја бојосам косата во розово.

Треба да одам кај некој експерт. Некој што е во дослух со најновите трендови за коса. Ама ми е страв да одам. Се плашам да не почне да ми држи предавање за медиумска писменост и интернет платформи, а јас ете така, медиумски неопитна, да не не го разберам ништо. Не одам. Можеби ќе се консултирам онлајн.

Ме притиска стапалово. Мора да е некое каменче во чевелот. Ама ќе трпам. Патот до Европа е поплочен со остапки. Ќе трпам додека ѕвездите на ЕУ не ми се појават пред очи. Седнувам на клупа.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *