Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Празнување за по дома

Има една приказна која вели вака: Биле двајца пријатели. Едниот требал да оди на свадба ама не му се одело сам, па го повикал и својот пријател. Пријателот бил изненаден од поканата и иако му се одело, сепак се мислел дали да оди затоа што не ги познавал луѓето.

Велел: “Ми се оди на свадба, сакам да празнувам и да се радувам, ама како да одам кога не ги знам луѓето. Не можам туку така да им отидам“. На што пријателот што го канел му рекол: “Кога те канат да седиш, да одмараш, да пиеш и ако сакаш да пееш, не треба да прашуваш многу. Треба да одиш. Не е важно каде е. Важно е ти да си празнуваш“.

Оваа приказна ме потсети на нашава денешница. На на тоа како ние Македонците се чуствуваме денес, особено овој месец во кој бележиме два големи датуми од нашата историја. Седиме дома за да празнуваме, иако не знаеме што прзнуваме. И што е најтажно, не смееме да прашаме бидејќи, ако прашаме можеби ќе ги нарушиме дипломатските односи со нашиот сосед, за што подоцна ќе не обвинат за намерно попречување на нашиот пат кон Европската унија.

Тоа е така, кога политиката ќе замеша прсти во животот на обичниот граѓанин, и тогаш тој станува или комедија или трагедија. Искрено, не знам на што повеќе наликуваше животот или денот на просечниот Македонец на Единаесетти октомври. Ден кој во минатото не ни беше само неработен ден, туку празник кој го празнувавме со сите почести.

Да не се навраќам многу наназад, ама ете, паметам кога имавме сериозни приредби или како што денес ги нарекуваат ивенти, кога достојно го одбележувавме овој ден, кој во историјата е зацртан како еден од најзначајните денови во македонската историја.

Оваа 2022 година, благодарение на политиката на државата, ни се случи помрачување. Сите се чуствувавме како експериментални глувчиња затворени во кафез од кои се очекува нешто да направат, или да не прават ништо, додека научниците (политичарите) будно го следат секој чекор.

Од како започна серијалот преговори меѓу Македонија и Бугарија,, веќе не знаеме дали и што треба да празнуваме. Дали во минатото сме (биле) на страната на добрите или лошите? Што е фашизам и кои биле фашистите? Дали се случила Втората светска војна и каде ние како држава сме биле тогаш? Дали тогаш сме зборувале на македонски јазик? На кој јазик зборуваме сега?

Сите овие прашања му се вртат во глава на просечниот Македонец, бидејќи од тие што треба да добие одговор не добива. И не само тоа, туку продуцира и нови кои уште повеќе го збунуваат народот, што не му останува ништо друго туку на 11 Октомври да си седи дома и да гледа турски серии.

Се што досега учел историја треба да заборави и да не размислува многу за тоа кој бил фашист, а кој не, додека новите генерации најверојатно нема да го изучуваат овој предмет, се додека политичарите не создадат нова историја. Важно е дека и натаму 11 Октомври е неработен ден.

Некако сум сигурна дека и за наредниот празник, 23 Октомври, ќе биде иста приказната. Нема да знаеме дали ќе славиме, бидејќи не знаеме што славиме, и дали соседите ќе ни дозволат. Можеби ќе бараат заедно да славиме?

Ако ги следиме упатствата на политичарите најдобро е да си останеме дома, бидејќи најверојатно ќе биде неработен ден.
Вака некако изгледа месецот со најзначајните празници за Република Македонија. Месец на неработни денови. Зошто? Не знаеме. Чекаме политиката да ни каже. Во меѓувреме…

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *