Сутерен.мк

Магичноста на фотелјата

Своевремено, кога римските војсководци се враќале како победници од битките, нивните сограѓани ги пречекувале како богови. Улиците биле преплавени од народ, кој ги извикувал нивните имиња. Биле опсипани со цвеќиња, дарувани со злато и најубави жени од имепраторите. Музичарите компонирале песни во нивна чест, им граделе споменици уште за животот, на нивното славење немало крај. Ги возеле кочии украсени со седеф, а за целото време, робови ги ладеле со палмини гранки и постојано на увото им шепотеле: „Не заборавај! Славата е – минлива.“


Мојот познајник си беше еден од нас: ни премногу умен, ни глупав. Имаше високо образование, ама рака на срце, не беше баш вешт во областа во која ги потрошил неколкуте години. Сепак, тоа никому не му пречеше, зашто „дупките“ лежерно ги покриваше со надве – натри прочитана литература, всушност само поговори и новинарски осврти. Не беше вклучен во врвот на светското масонство, ниту на маргините на општеството. Далеку од убавец, ама далеку и од грбавец. Знаеше да забележи атрактивна жена, но секогаш се држеше на соодветна дистанца од секакво инволвирање во маалски афери. Си имаше пристојна работа, ненаметливи амбиции, просечни деца. Разговараше за обични теми, ни еуфорично, ни студено. Си имаше свое место во малограѓанската средина. Беше некој како ти, јас, ние. Беше човек на кого, ниту му завидувате, ниту го потценувате. Беше човек, кој секој би го посакал за познајник, па и за пријател. Здрав, умерен, доверлив.


Едно време, којзнае што му стана, како да застрани. Веројатно, незадоволен од таа своја „стабилна“ состојба, почна да се движи во некои сомнителни кругови, да оди на некои курсеви, масажи, тајни седенки… По извесно време, познајникот доби – фотелја! Ете ти беља. Наеднаш ни се отворија очите! Всушност, тој ни ги отвори очите. Сите четири. Кутриот, само сме му лепеле етикети. Па тој немал врска со нас! Ни умен, ни глупав!? Тој ти бил брилијантен! Какви „дупки“, какви бакрачи!? Роден оратор. Специјалист за сите можни овоземски и белосветски проблеми. Тој стана и манекен! Мистер универзум. Него не само што не можеа да го одбијат, ами го молеа локалните старлети за пет минути внимание. Што тој несебично им го даваше. Не пет, туку цели шест минути! Неговата работа беше најважното нешто на дуњава. Амбициите му се протегаа до таму, што посака да го урне светот и, одново изгради. Темите што го интересираа го засегаа глобалниот поредок. Говоранциите му станаа гласни, страсни и опасни. Секој негов збор претставуваше предизвик за нуклеарна војна или надеж за утописка земја. Децата на познајникот беа новата генерација на супериорните. Еднаш неделно со својот „мерцедес купе“ ќе чукнеа по некој старец и тоа два пати во тој ден, ќе измалтретираа барем три свои врснички.
Кафеанџиите му се поклонуваа, благословени секојпат, кога тој ќе ги почестеше со своето присуство. И сите, кои можевте да ги видите на ТВ или по весници му беа другари од детство. Или комшии. Или генерација. Или сватови.
Ние веќе не му бевме познајници. Ние веќе не постоевме. Постоеше само тој: нездрав, неумерен, недоверлив, ама битен.


Се до оној ден, кога се најде еден поербап, па му ја грабна фотелјата. Ајдеее, пак отворање очи, на сите четириесет.
Па гледаш дека човечето е побајаги простичко, а не „како нас“. Дека децата му се малку имбецилни, дека не е убавичок, туку грбавичок. Не што вселената не го забележува, туку и нас не заболе уво што тој постои.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *