Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски, побара од албанските власти да се продолжување на пописот на населението во Мала Преспа и деловите каде што живее етничко македонско население бидејќи, како што вели тој, иако на хартија пописот траел шест недели, во реалноста, на терен, се попишувало вкупно три недели
Поранешниот пратеник во албанското собрание и претседател на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски, кажа дека Македонците во Албанија се соочиле со многу притисоци од бугарска страна, а Албанија дала слободен простор пописот на македонското население да го спроведе Бугарија бидејќи на терен јасно се гледало дека поединци, припадници на бугарската амбасада, но и структури од албанската држава ги терале Македонците да се попишат како Бугари.
„Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за Европска интеграција, ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно“, вели Стерјовски.
Стерјовски вели дека бараат продолжување на пописот бидејќи во последните три недели од официјалниот старт жителите во македонските краишта не се попишувале бидејќи голем дел од луѓето кои живеат таму својата егзистенција ја обезбедувале со сезонска работа во соседните земји.
„Ако одите на граница, секој ден од 400 до 500 лица влегуваат дневно во Македонија во овој период бидејќи е бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не се попишани. Значи, доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш имаме реагирано, откога се случи овој проблем. Од Тирана бараа да се попишат, но проблем се случуваше што пописните комисии, попишувачите не ги попишуваа и тука се сомневаме дека е директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал број вкупно население во Мала Преспа, но и на Македонци“, кажа Стерјовски.
Кога станува збор за притисоците, тој рече дека Бугарија правела притисок врз населението кое има аплицирано за бугарски пасоши, со цел да работи во земјите од ЕУ, а со почетокот на пребројувањето и самиот бугарски амбасадор бил во места населени со етнички Македонци за да ги убедува луѓето да се попишат како Бугари.
„Сите што имаат аплицирано за бугарски пасоши им се јавуваа од бугарска амбасада дека мора да се пишат како Бугари, во спротивно нема да земат бугарски пасош, а тие бугарски пасоши не се бесплатни, тоа се неколку илјади евра за едно семејство за таков пасош. Постоеше реално тој притисок“, вели Серјовски.
Инаку, на почетокот на пописот, пред околу еден месец, „360 Степени“ го посети регионот Мала Преспа за да провериме лично каков етникум доминира во овој регион и дали заканите од страна на одредени лица влијаат врз тамошното население.