Сутерен.мк

Меѓународен ден на Ромите

Состојбата на Ромите во С Македонија и нивната интегрираност во општествениот живот бележи тенденција на подобрување, но оваа етничка заедница и понатаму се соочува со проблеми кои главно се егзистенцијални и како резултат на тоа голем дел од нив се на работ на преживување на општествените маргини, заклучи Суад Скендери од институтот „Ромалитико“.

Тој вели дека се забележува и подобрување во искоренувањето на дискриминацијата и предрасудите за оваа етничка заедница и како држава Северна Македонија има голем напредок кога станува збор за правата на Ромите.

„Ако во минатото беше проблем да се види некој Ром кој е вработен во бизнис-секторот, сега можете да видите дека се почесто има Роми кои се вработени во таквите маркети. За разлика од пред 15 години кога тоа беше замислена именка, можам сега да нотирам дека можеме да видиме промена“, рече Скендери.

Но она што се провлекува како проблем со години наназад се децата Роми кои питаат низ градските улици, наместо да одат во училишта. Скендери вели дека овој феномен постои, но потенцира дека сиромаштија постои и кај другите етнички групи, но проблемот е што првата слика што луѓето ја добиваат за Ромите е токму сиромаштијата прикажана со децата питачи на семафорите.

„Не можам да кажам дека државата прави доволно, но можам да кажам дека во овој момент државата најмногу се вложува децата на улица и бездомниците да бидат згрижени“, вели Скендери.

Инаку, честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април упати претседателот Стево Пендаровски кој кажа дека ромската заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик на нашето општество и потребно е заеднички да продолжиме да ги следиме европските вредности за еднаквост и за почитување на фундаменталните права на сите граѓани подеднакво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *