Сутерен.мк

Модата е инстант јазик

Модата  не е ништо друго освен игра во која сите сме инволвирани, без разлика колку сме свесни за тоа. Друго е прашањето за тоа дека правилата на игра се разликуваат од персона до персона. И во текот на нашиот живот ги усвојуваме или по пат на обиди и грешки или како имитација на другите…

Без разлика дали ни се допаѓа или не, луѓето од прва не судат според начинот на кој изгледаме.

И што е најважно – ние се судиме себеси според тоа  како изгледаме.

Сигурно имало моменти кога сте се погледнале во огледало и сте помислиле, “Јас изгледам одлично во оваа облека!” – Што  чувствувате за себе во тој момент? Дека е на место и соодветно! Во тој момент се  чувствувате добро и сигурно!

Би било одлично да се чувствувате така постојано, зарем не?

Секој може да биде модерен, секој може да го постигне тоа со едноставно следење на трендовите и водејќи се според правилата на сезоната. Но, стилот е личен. Тука нема строги правила и сезони. Стилот доаѓа одвнатре. Ако постои нешто апсолутно околу стилот тогаш е тоа дека ве држи постојано во согласност со себеси во секој момент. Со стилот вие му кажувате на светот кој сте, или во најмала рака кој би сакале да бидете. Стилот нуди можности, отвора врати и нуди шанса.

Има голема основа во верувањето дека облеката има способност да го промени Вашиот живот. Па иако, можеби е помалку претерано и драматично да се каже дека одредени упатства за стилот би го измениле животот, тие би можеле да го изменат орманот, што го менува личниот став, што во основа влијае и врз животот. Колку е тоа вистинито останува сами да пресудите.

Кога станува збор за стилот тука нема правила, нема клишеа, но постојат дефинитивно основи. Оние кои ги нарекуваме вистински модни икони се тие кои ги кршат правилата и игнорираат трендовите, но безусловно ги имаат базичните нешта.

(За да се прекршат правилата треба претходно добро да се познаваат!)

Мора да се признае – исклучително добро облечени луѓе се ретки. А тоа се оние кои ја препознаваат разликата.

Тие знаат како да:

Бидат свои (го купуваат само она што им се допаѓа и што стои добро на нив).

Да инвестираат во основите (класични базични парчиња).

Да купуваат со срце (она во што ќе се вљубат на прв поглед не го пропуштаат).

Ја познаваат моќта на додатоците (и како да ги употребат).

Како да не бидат модна жртва (никогаш не купуваат само затоа што тоа нешто е во тренд и баш им е гајле за “ИТ” торбата).

Знаат дека не е до парите (носат бижутерија на ист начин како и скапоцен накит).

Знаат како да ги искомбинираат работите.

Естетското чувство во голема мера се носи во гените, во уште поголема се стекнува со воспитување во најрана возраст, но стајлингот е и умешност и вештина. Добрата вест е –  никогаш не е премногу доцна тоа да се научи!

Нашето опкружување и општествена средина има огромно влијае врз нашиот стил.

Ние луѓето сме социјални суштества и постојано ни треба афирмација. Кога сме во  потрага по облека, постојано се консултираме со некого околу тоа како нешто ни стои. Па, кога мислиме дека сме го нашле  својот моден идентитет едноставно, забележуваме индиректни знаци на одобрување како воодушевувачки поглед од некој непознат или комплимент од добар пријател. Секој пат кога ќе добиеме позитивни повратни информации за сопствениот изглед, правиме ментална врска со таа облека и се обидуваме да носиме облека од тој спектар многу почесто.

Во зависност од сопствената  личност, се чувствуваме удобно кога се пронаоѓаме себеси во одреден вид на облека – некој можеби сака класичен, спортски, винтиџ, трендовски или екстремен изглед. Повеќето луѓе го засноваат својот стил базиран на обликот на телото, своите пријатели, славна личност икони, хоби и голема доза на експериментирање.

Кога говориме за стилот најважна е самодовербата!

Самодовербата обзема, таа е моќна и надмена и далеку поинтересна од самата убавина. Затоа првиот и најзначаен чекор во развиток на стилот е да се проектира тој вид на самодоверба.

Тој вид на самодоверба е она што ќе им каже на другите дека се респектирате себеси, дека се сакате себеси и се облекувате пред се за да се допаднете најпрво на себе. Вие сте Вашата сопствена муза. Стилот доаѓа од доброто познавање на себеси и точното знаење за тоа кој сакате да бидете во светот.

Кога знаете дека изгледате добро во нешто, ќе се чувствуваат сигурни и односот кон себеси е поинаков. Особено, ако имате важен состанок, интервју за работа или средба и сакате да изгледате најдобро можно, тоа сигурно ќе влијае на начинот на кој ќе истапиме. Лично, им се восхитувам и особено ги почитувам луѓето кои имаат одлична смисла за стил – и тие се секогаш чекор понапред и можат тоа да го почувствуваат !

Модата е скапа, стилот не е!

Се разбира, луксузните брендови имаат неверојатен квалитет и извонредни дизајни со што автоматски се чувствувате повеќе луксузно кога сте во нив облечени, но многу често ни се случува да видиме луѓе облечени во скапи марки, но во катастрофални аутфит комбинации и обратно: луѓе облечени во едноставни облеки искомбинирани беспрекорно, со извонредно чувство за естетика. Иронично, најчесто девојките со помалку пари се чини дека го разбираат стилот најдобро. Можеби е тоа затоа што добро знаат каде треба да потрошат, а каде да заштедат.

Снежана Сани Богдановска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *