„Фолксваген“ вработи овци

Додека се подготвува за големо намалување на бројот на вработени, автомобилскиот производител „Фолксваген“ започна необичен проект во Полска, во кој главната улога ја имаат 100 овци. Наместо нови работници или машини за косење, компанијата ги искористи животните за одржување на тревната површина под една од најголемите индустриски сончеви електрани во Европа.

Проектот се реализира во соработка со компанијата „Кванта Енерџи“ во фабриката на „Фолксваген Познањ“ во Вжешња. Освен производство на електрична енергија од обновливи извори, иницијативата има цел да придонесе и за зачувување на биолошката разновидност, развој на сточарството и спроведување научни истражувања.

Стадо од 100 овци од автохтоната полска раса Великополска слободно пасе меѓу повеќе од 31.000 сончеви панели. Наместо механичко косење, тие ја одржуваат тревата на соодветна висина, со што се намалува потребата од специјализирана механизација и се намалуваат трошоците за одржување.

Во исто време, научници од Универзитетот во Познањ го следат влијанието на животните врз биолошката разновидност, квалитетот на почвата, микроклиматските услови и нивната благосостојба. Истражувањето треба да покаже дали ваквиот пристап може да стане пример за одржливо управување со големи соларни постројки.

Сончевата електрана има инсталирана моќност од 18,3 мегавати и се вбројува меѓу најголемите индустриски фотонапонски постројки во Европа. Со произведената електрична енергија се покриваат околу 25 проценти од годишните потреби на производствениот погон на „Фолксваген“.

Дополнителна придобивка е што сончевите панели им обезбедуваат сенка и засолниште на овците при високи температури и неповолни временски услови, создавајќи попријатна средина за нивниот престој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *