Прогласен зборот на годината

Англиската придавка „human“ (човечки), која означува поседување „особини, недостатоци и чувства својствени за луѓето, за разлика од боговите, животните или машините“, е прогласена за збор на годината според изборот на речникот „Кембриџ“

Во ерата на забрзаното ширење на вештачката интелигенција и мрачните предупредувања дека таа би можела дури и да го избрише човештвото, овој збор го доловил „духот на времето во 2026 година“, изјави за АФП Франческа Вудворд, членка на управата на издавачката куќа „Cambridge University Press“.

Во текот на изминатите 12 месеци, како што рече таа, луѓето „навистина размислувале за тоа што значи да се биде човек“, особено поради загриженоста дека вештачката интелигенција ќе им ги преземе работните места.

„Мислам дека луѓето се обидуваат да се потсетат себеси што значи да се биде човек“, изјави таа. Зборот победил во конкуренција со други зборови поврзани со вештачката интелигенција и интернет-светот, што го одразува силниот глобален интерес за тоа како технологијата ги менува нашите животи, додаде таа.

Лексикографите на овој речник забележале и зголемена употреба на зборот „human“ во сложенки и изрази како „human-made“ (изработено од човек) или „human author“ (човечки автор), истакна таа.

Том Мекклеланд, филозоф на науката од Универзитетот во Кембриџ, го опиша изборот на зборот „human“ како „навистина интересен… бидејќи токму сега се менува нашето разбирање за човечноста“.

„Се обидуваме да ја разбереме разликата меѓу човечкиот и вештачкиот ум, меѓу живите суштества како нас и вештачките суштества што ги создаваме. Што е она што нè разликува – дали тоа е свеста, креативноста или сочувството?“, запраша тој.

Прашањето за тоа што значи да се биде човек поттикна светски лидери и истакнати личности, како папата Лав XIV, Бил Гејтс, класичната филоложка Мери Берд и актерката Кејт Бланшет, да се вклучат во дебатата.

Меѓу другите кандидати за збор на годината бил и зборот „agent“ (агент), кој означува систем на вештачка интелигенција способен самостојно да извршува сложени задачи без човечка контрола.

Во конкуренција бил и зборот „wholesome“, кој означува нешто здраво, корисно или благотворно, односно нешто што е добро за човекот и веројатно ќе му го подобри животот на физички, морален или емоционален план.

Меѓу кандидатите бил и поимот „dusking“ – практика на набљудување на самракот како начин за релаксација. Станува збор за холандска традиција која повторно оживува како начин за поврзување со природата.

Меѓу другите нови изрази додадени во речникот во 2026 година се „aura farming“ (градење харизма) и „looksmaxing“ (максимално подобрување на физичкиот изглед).

Зборот на годината и новите зборови што се внесуваат во речникот се избираат врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои и зачестеноста на пребарувањето на зборовите на веб-страницата на речникот „Кембриџ“.

Меѓу зборовите на кои треба да се обрне внимание во следната година, според овој речник, е и FOBO – „страв од станување застарен“ (од англискиот израз fear of becoming obsolete), односно стравот дека вештачката интелигенција би можела да ја врши вашата работа.

Друг таков поим е „weather whiplash“ (нагла временска промена), кој означува „брза промена од една временска крајност во друга“.

Минатогодишниот збор на годината беше „parasocial“ (парасоцијален), кој го опишува чувството на поврзаност со позната личност што лично не ја познавате или со измислен лик.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *