Наама, со корени од Македонија е вчера ослободена од Хамас

„Конечно дома“, напишано на англиски и хебрејски стои на листот хартија што го држи Леви, опкружена со членови на нејзиното семејство кое вчера ја пречека по 477 дена поминати во заробеништво

Според податоците, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејството на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел, каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

Леви беше земена како заложник на 7 октомври 2023 година кога милитанти на палестинското движење упаднаа на израелска територија и убија околу 1 200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.

Таа се врати во Израел по 477 дена поминати во заробеништво. Леви и останатите четири заложнички, ослободени вчера, со хеликоптер на израелската армија беа пренесени дома, каде што се сретнаа со најблиските роднини.

Во видеото што го објави израелската армија забележлива е емотивната атмосфера од средбата на четирите млади жени со своите семејства.

„Конечно дома“, напишано на англиски и на хебрејски, стои на листот хартија што го држи Леви, опкружена со членови на нејзиното семејство.

Дека младата девојка со македонско потекло е меѓу заложниците земени од Хамас, се дозна еден месец по настанот, а информацијата за „Гласот на Америка“ тогаш ја потврди Рашел Леви Друмер, професорка од Израел, која исто така има македонско потекло и беше вклучена во напорите за ослободување на девојката.

„Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од неа“, изјави тогаш професорката Друмер за „Гласот на Америка“.

Беше упатено и барање до Еврејската заедница во Македонија, за да се потврди нејзиното македонско потекло, кое, како што се тврди, го има од нејзината чукунбаба.

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејството на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел, каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

Наама Леви, како што беше соопштено тогаш, била дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот.

Размената на заробеници и затвореници меѓу Хамас и Израел што беше реализирана вчера беше во рамките на вториот круг за размена на заложници и затвореници од договорот за примирје меѓу двете завојувани страни што стапи во сила минатиот викенд.

Хамас ослободи, како што вчера беше наведено четири припаднички на израелската армија во замена за 70 Палестинци кои се наоѓаа во израелските затвори.
Инаку, Израел денеска ја обвини палестинската група Хамас за две прекршувања на договорот за прекин на огнот, оправдувајќи ја со тоа забраната за раселените жители во јужниот дел на Појасот Газа да се вратат на север.

„Арбел Јехуда, израелска цивилка чие ослободување Израел го побара вчера, не е ослободена, а списокот со детали за состојбата на заложниците планирани за ослободување во првата фаза не е поднесен“,
соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Одделот за заложници во кабинетот на премиерот за оваа стиуација денеска ги известил семејствата на заложниците.

Израелските медиуми јавуваат дека се прават заеднички напори со САД за ослободување на Арбел Јехуда.

Во соопштението се додава дека се очекувало „Хамас да прави пречки и да продолжи со маневри на психолошка војна на патот кон спроведување на договорот“, но оти Одделот за заложници е решен да обезбеди враќање на сите заложници, и живи и мртви.

Во првата фаза од прекинот на огнот, кој ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1 900 Палестинци од израелските затвори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *