Сите за себе сакаме да мислиме дека припаѓаме во категоријата на добри луѓе. Добар родител, животен партнер, пријател, работник, сосед, роднина… Реалноста е сепак, поинаква. Зашто, колку навистина правиме нешто без калкулација, очекување на повратен позитивен ефект за себе?
Системот на образование станува се побрутално компетитивен, вработувањето е борба на „живот или смрт“, а модерните супервизори сиромаштијата им ја припишуваат на очајните индивидуалци, кои се виновни дури и за општата мизерија. Бескрајните реални – шоуа на телевизиите само ја потхрануваат и онака невозможната амбиција да се стори било што од сопствениот живот.
Оваа „термичка“ промена доведе до доминација на агресивните модели на однесување и поддршка на ароганцијата и цинизмот. Секако, тоа е најмногу последица на тешкиот живот, егзистенцијалната несигурност и долготрајните фрустрации поради постојаните препреки во реализирањето на личните планови. А општествените услови се главните хранители на ваквата состојба.
Заробени во традицијата
Сите знаеме дека денес пакоста цвета, студенилото владее, егоцентризмот царува. Дека да се биде добар е речиси исто, како да си некој производ со фабричка грешка.
Се чини, повеќе од кога и да било порано, клучно е прашањето: каде живеат добрите луѓе? Каде им се куќите? Од каде се дојдени, каде одат? И зошто во нашите животи не наминуваат почесто? Постојат ли, воопшто?!
Статистиката покажува дека светот е преполн со добродушни, но тие се скриени, преплашени од оние диви и недокажани, на кои само им се чини дека владеат со секојдневието. Преплашени се всушност, од нас, кои сакаме за себе да мислиме дека сме добри, а кои немаме ни Д од таа витешка особина. Реално.
Секако, се случува, добрите луѓе да ја преминат линијата на помагање и соживување со другите – не треба да се живее животот на тие покрај вас – да се завршува факултет заради родителите, да се пакувате и селите секогаш кога тоа ќе му падне на ум на партнерот, да излегувате во кафеана среде ноќ само за да бидат задоволни пријателите… Не треба да се биде добар за да се допаднете на другиот и да бидете прифатенни од одредено друштво. Доколку ги живеете туѓите мераци, многу веројатно е дека ќе станете депресивни и огорчени.
Да се биде добар и морален значи да се уважуваат потребите и ставовите на другите, да не им се завидува, да не ги мразите. Истовремено, добрината и етичноста бараат способност не само да се разликува правдата од неправдата и доброто од лошото, туку и храброста да го браниме своето мислење дури и кога тоа се разликува од она на другите и кога не им се допаѓа.
Но, кога добрите ги штитат штетниците, тие престануваат да бидат добри во очите на другите.
Бесмисленоста на себичноста
Честопати за добрите се мисли дека се глупави. Многубројните студии јасно покажуваат дека овие ексклузивни луѓе без исклучок, имаат висок коефициент на интелигенција, што им овозможува светот да го видат каков што е и токму таа глетка им влева сила и мотив постојано да сакаат да го разубават, да помогнат онаму каде што можат и стигнат. И гледаат, сосема јасно, кога некој заради тоа ќе ги злоупотреби, исмее, изневери, излаже.
Добри се, не се слепи.
Меѓутоа исто така знаат и дека тоа е нивната задача. Да помагаат без никаква повратна услуга, да сакаат безусловно, да даваат и кога и самите немаат, да решаваат туѓи проблеми, да му се најдат секому во маката.
Всушност, познато е дека човек може да ви го понуди само она што го носи во себе. Добрите луѓе, монументалните аристократи без кои животот би бил бесмислено тежок, имаат само љубов и разбирање, само сочувство, срце и душа.
Рецепт не постои
Некои луѓе не понижуваат со својата добрина. Затоа што се одвикнавме од неа. Не разбираме зошто некој би ни направил добро нешто, ако нема некоја корист од нас. Барем, да биде зависник од фала кажување, нели!? Повеќето не ни разбираат дека добрината и не може да се врати, затоа што и не се ни дава. Зашто, добрите луѓе се едноставно – добри, не заради нас, тие се добри сами за себе. Велат, таквите се најблиску до Бога…
Не постои рецепт како да бидеме добри. Она што можеме или барем, можеме да се обидеме е да се смееме кога и другите се среќни, да помагаме искрено, а не да сожалуваме, да комуницираме, да не судиме, да не се наметнуваме…
Доколку правите добро, тоа треба да биде исконско чувство, а не влезница во друштвото на убавото мислење за некого или дело за кое очекувате нешто за возврат.
Всушност, не е тешко да разликуваш што е правилно, а што не туку, откако ќе дефинираш што е исправно, а што не, тешко е да постапиш правилно. На добрите луѓе не им е.
Секој што имал среќа во животот да сретне неколкумина добри луѓе е благословена личност. За нивната благородност можеби никогаш ќе немате прилика да им возвратите, но тие не ни го очекуваат тоа. Она што можеме е никогаш да не ги заборавиме во нашите молитви. Она што си го посакуваме себе си, ним да им го посакаме стократно повеќе.
Зашто добрите луѓе не бараат помош. Непријатно им е да ве вознемируваат со своите проблеми. Добрите луѓе ни излегуваат нам во пресрет. Не чекаат тоа да го побараме од нив…