Сутерен.мк

Неразбудениот

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Неразбудениот“ на хрватскиот писател Ранко Матасовиќ, во превод од хрватски на македонски јазик е на Катерина Богоева.

„Неразбудениот“, е роман со автобиографски елементи, хроника на загрепското поднебје и хрватското општество од 1920-тите до 2000-тите години. Животот на Радован Маретиќ, главниот јунак на овој роман, е опишан низ погледите на луѓето од неговата околина – семејството, пријателите, соработниците, љубовницата… Секој од нив додава по едно камче во мозаикот кој го создава ликот, кој ја создава личноста. Авторот вешто го крие сезнајниот раскажувач, елегантно преминувајќи во раскажување во прво лице низ устата на сведокот на Маретиќевиот живот. Романот го следи животот на Радован Маретиќ, загрепски архитект и социјалистички директор со славонски корени, чие животно дело е катедралата „Св. Бонавентура“ во Бања Лука.

Денис Дерк („Вечерњи лист“) за романот пишува:
„Радован Маретиќ е измислен, но не и исфантазиран лик, зашто веројатно се работи за псевдоним на таткото на Матасовиќ кој навистина бил еден од проектантите на архитектонски современата бањалучка катедрала, автор на ’Прирачникот за успешно раководење‘ и син на познатиот и плоден писател од католичка провениенција Антун Матасовиќ. Очигледно, ’Неразбудениот‘ е роман со клуч во кој академикот Матасовиќ ја раскажува можната историја на своето разгрането семејство. Разгрането затоа што татко му имал многу браќа и сестри, а скоро сите тие добиле спомен во овој класично напишан роман…, но со многу попатни и разорни историски факти и реминисценции.“

Ранко Матасовиќ (1968, Загреб) е хрватски лингвист (индоевропеист, келтолог), полиглот, автор на стотици научни и стручни трудови, а своевремено и најмлад редовен член на Хрватската академија на науките и уметностите. Редовен професор е на Отсекот за лингвистика на загрепскиот Филозофски факултет и автор на познатата книга „Лингвистичка историја на Европа“. Докторирал во 1995 година со теза за реконструкција на текстот во индоевропеистиката, стручно се усовршувал на универзитетите во Виена (1993) и Оксфорд (1995), а бил и стипендист на Фулбрајтовата фондација за постдокторски студии на Универзитетот Висконсин (Медисон, САД) за 1997/98, а користел и стипендија на фондацијата „Александар фон Хумболт“ за 2002/2003 на Универзитетот во Бон.

Бил и гостин професор на неколку универзитети во странство. На Отсекот за лингвистика на Филозофскиот факултет во Загреб предава предмети од споредбена граматика на индоевропските јазици, келтистика и јазични типологии. Автор е на петнаесет книги. Објавил и повеќе од 200 научни трудови во Хрватска и во странство, како и преводи од латински, грчки, хетитски, староирски, новоирски, литавски, велшки, руски, кабардински, германски, француски, италијански и англиски јазик.
Романот „Неразбудениот“ е негова прва белетристичка книга, објавена на крајот на 2022 година. Во 2023 година ја објави книгата „Дваесет песни за љубовта и смртта“ (со куси приказни за нив).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *