Сутерен.мк

Несовршено дете

Мајка сум на четиригодишно дете, кое е темпераментно, интелигентно, но и многу своеглаво и немирно и немарно. Најблиските роднини ми велат, да не се грижам зашто машките деца и требало да се такви. Од друга страна, неколку пати разговарав со две другарки, кои имаат повозрасни деца, ама имав чувство на потценувачки однос како да сум неспособна мајка. Тие збор не кажаа за „испадите“ на своите деца и како се справиле со нив туку, постојано го споредуваа син ми со на некоја друга детето, на штета на моето, секако. Ми прекипе, кога ме советуваа да го носам кај стручни лица…

Неспособна, Скопје

Неспособна, дарлинг, да имаше совршени родители, ќе имаше совршени деца, а така и совршен свет. Звучи како клише, но родителството навистина е „занает“ што се учи и токму затоа, често се слуша она „со второто дете ми беше песна“. Не е ни до второто, ни до детето туку до искуството. Ниту до тоа од кој пол е, ама со толку фолклор во современа култура што друго и да се очекува освен поделба на машко и женско однесување.

Важност секако има начинот на воспитување, но да не ги забораваме и немилосрдните гени што редовно не изненадуваат. Како и да е, лично не верувам во строго пропишани правила, рецепти и тренинзи при растењето туку во индивидуално чувство, безгранична љубов и колку е можно повеќе трпение и фантазија со цел да се обезбеди што почесто насмевка на најмилото лице. Дали тоа мало човече ќе ви го демолира станот притоа, ама ич не ми е гајле! Важно, да не станува збор за туѓ стан.

Одговорно тврдам дека најбитната лекција што треба да им се всади на тие мини и страшно умни глави е дека не смеат да живеат на штета на некој друг. Која не може да се поправи. Оставете ги децата да бидат тоа што им приличи и овозможете им да имаат приказни како возрасни луѓе. Зашто приказните ги прават луѓето добри. Тоа е она што на сите нас ни треба. Добри луѓе. Не другарки чии деца растеле во саксии и кои ве советуваат преполни лошотилак.

Деца не се носат на поправка. На штелување се праќаат (за жал, преретко) само возрасни. Патем, од страна на глобалниот совет на супер умови, се уште не е откриена совршената мајка…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *