Сутерен.мк

Ни гатачи не не спасуваат!

Според некои пресметки, на секој лековерен, доаѓаат дури по тројца подготвени да ве уверат дека чудата постојат. Особено, во тешки времиња се случува вистинска поплава од пророци, јасновидци и исцелители кои ветуваат разрешување на најтешките проблеми и дилеми!

Помина повеќе од еден месец од исчезнувањето на шестгодишната Ангела Георгиевска од прилепското село Дуње, а полицијата, барем според одгласите во јавноста, се уште нема ни трага ни глас од девојчето. Целата држава зборува за случајот, а несреќното дете, како да е пропаднато в земја.

Граѓаните, вознемирени од настанот, а можеби повеќе од „беспомошноста“ на полицијата се јавуваат по новинарските редакции. „Очајни ситуации“ велат, „бараат очајни постапки. Нека пробаат со гатачките. Барем нив ги има како плева.“

„Од самото чудо, поголема е само нашата потреба во него да поверуваме“ – ќе рече своевремено Иво Андриќ. Всушност, според некои пресметки, на секој лековерен, доаѓаат дури по тројца подготвени да ве уверат дека чудата постојат. Особено, во тешки времиња се случува вистинска поплава од пророци, јасновидци и исцелители кои ветуваат разрешување на најтешките проблеми и дилеми.

Меѓутоа, барем до сега, ниту еден од нив (а богами, некои станаа вистински телевизиски ѕвезди гостувајќи по разно – разните  ток – шоуа) не се појави јавно да каже дека може да помогне во пронаоѓањето на Ангела. Токму затоа, ние тргнавме да ги прашаме.

Соработници на полицијата

За жал, од сета таа маса самопрогласени јасновидци, само неколкумина се одважија да зборуваат со нас. Поголемиот дел, се „криеја“ зад зборовите дека не им е потребна реклама, дека тоа што го работат е само за најблиските, дека всушност, се работи само за хоби. Хоби, кое патем, солидно им го дополнува домашниот буџет, нели!?

Целта на овој текст сепак, не е да навлегува во прашањата за тоа кој, колку и дали воопшто, поседува некакви парапсихолошки способности туку, има ли нашата полиција намера да ги искористи домашните „ресурси“ од овој тип.

Патем, со тоа Министерството за внатрешни работи нема да стори никаков ексклузивитет зашто, општо е познато дека на помошта  од таканаречените медиуми советската КГБ поприлично се потпираше.

Денес, еден од најпознатите светски јасновидци Ури Гелер, им дава услуги на ФБИ и ЦИА, светските богаташи, спортисти и бизнисмени. Роден е во Израел, од мајка Унгарка и татко Австриец, живее во Лондон, а неговите телепатски способности го прославија низ целиот свет.

Бугарија ја има Бојка Пенева, по професија хирург, која со години се занимава со парапсихологија, а откако го најави рушењето на „близначките“ во Њујорк, неа внимателно ја слушаат и професори и полицајци.

Србите го почитуваат Лав Гершман, Евреин од Украина, кој од 1991 година живее во Белград, дипломиран правник, филмски режисер и психотерапевт, а кој го предвиде почетокот и крајот на НАТО – бомбардирањата.

„Босанскиот нострадамус“, Мевлудин Дуванчиќ инаку, лекар, кој соработува со босанската и хрватската полиција при пронаоѓањето на исчезнати лица, го привлекол вниманието дури и на американските списанија „Лајф“ и „Тајм“.

Професорката на студиите по парапсихологија во Лоѓ, Ана Дониец, „големата реики мајсторка“ со високот и таротот ги советува тамошните политичари.

Во премиерскиот кабинет

Кај нас, единствената која на општественото скалило се искачи највисоко и на која и беше одадено јавно признание за нејзините способности е Мирјана Даниловска – Мина, која беше советник во кабинетот на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски.

„Од кога постои човештвото, постои и интересот за непознатото, за тоа што носи иднината. Личностите кои поседуваат паранормални способности се многу ретки и токму затоа, со векови заземале посебно место во општеството, најчесто, блиску до владетелите, како нивни главни консултанти. Не  е тајна дека и денешните државници имаат свои астролози и луѓе, кои се занимаваат со предвидување на нештата“ – раскажува Мина, која веќе десеттина години не се занимава со јасновидство и всушност, со пишувањето на книгата „Од умот до срцето“ тоа поглавје од нејзиниот живот вели, засекогаш е затворено.

„Љупчо Георгиевски беше повеќе заинтересиран за различни мислења за одредени работи отколку прорекувања. Тој е човек кој сака да слушне ставови од повеќе страни така што, нашите контакти беа разговори, размена на мислења, а не некакви ’сеанси’. Како и да е, веќе  сето тоа е зад мене, затоа што всушност, јасновидството е наивно отворање на пандорината кутија“ – тврди популарната екс – соработничка на македонската влада.

Таа вели дека сепак, никогаш и за ниту еден случај не и се обратиле за било какви консултации од Министерството за внатрешни работи. „Не верувам ни дека воопшто, бараат такви услуги. Причината е веројатно, што повеќето од самопрогласените видовити се обични шарлатани. Знаете како, на врвот од ’пирамидата’ во оваа област се вистинските јасновидци, за кои пак, ретко кој знае, додека на дното, она што го гледаме на тв екраните и читаме по огласите се профитерите на туѓата несреќа. Меѓутоа, треба да се знае дека дури и оние најнадарените не се во состојба да гледаат јасно, во секој миг, кога ќе посакаат. Сепак, факт е дека повеќето од оние за кои гледаме и слушаме се измамници кои вешто лажат, измислуваат и манипулираат. Понекогаш случајно нешто и ќе погодат, нешто што ќе прочитаат од изразот на лицето, движењата. На крајот, успеваат да создадат имиџ и да направат пари!“

Мина објаснува дека денес ги игнорира визиите што ги добива зашто сфатила дека нема право да се меша во судбината на луѓето и да им сугерира „решенија“ односно, дека можеби искушенијата ни се случуваат со некоја цел. „Голем Божји грев е да навлегувате во тие работи“ – категорична е таа, а како илустрација го наведува потресниот пример, како на еден брачен пар им го пронашла украдениот автомобил, за по четири дена, нивниот син да загине во сообраќајна несреќа возејќи го истиот. „Само Бог има право да управува со нашите судбини и само верата во него може да не избави“ – потенцира Даниловска.

Прецизниот висок

Душко Илиевски, како инструмент го користи високот и тоа најчесто, за пронаоѓање на загубени предмети и лица, но и природни ресурси на метали, минерали. Како „помош“ ги користи и тарот картите (за „гледање во блиската иднина зашто, подалечната е невозможно да се види“), но вели, на високот, најмногу му верува.

Својата вештина за која тврди дека не е Божји дар, но дека секако е некаква дарба, ја открил во 1989 година и од тогаш, за разни прашања од животот, кај него доаѓале, покрај обичниот народ и политичари и дипломати и полицајци и доктори, но никогаш не добил официјална понуда за соработка со полицијата при решавањето на некој случај.

„Нашата полиција убеден сум дека избегнува да контактира со видовитите затоа што повеќето се безобразници кои заработуваат на туѓата мака. Освен тоа, доколку полицијата и би се користела со овие методи тоа би било и нивно јавно прифаќање, а факт е дека работата на парапсихолошки надарените луѓе се уште е предмет на дискусија во научните кругови. Згора на тоа, ако и не успее ’потфатот’ полицијата ризикува да се изложи на критика на јавноста иако, според мене, кога е во прашање добра намера, вреди да се проба се па, и по цена на неуспех. Општо речено, нашето општество е поприлично затворено за алтернативните области, дури и за алтернативната медицина сме доста резервирани, а камоли за паранормалното.“

Илиевски потенцира дека секогаш е подготвен да помогне па макар тоа значело и само охрабрувачки збор, но дека сепак, не меша прсти во се. „Постојат случаи каде што едноставно, треба да се остават работите такви, какви што се. Човек не треба премногу често да ја предизвикува судбината“.

Соња Маневска, која со астрологија се занимава три децении вели дека, ако се намножиле гатачи и бајачи, трипати повеќе од нив има астролози.

„Астрологијата стана лесно достапна и релативно брза за учење па просто не можат да се пребројат колку ги има. Како и да е, никој од официјалните авторитети не побарал од мене да им ги ’анализирам ѕвездите’. Што се однесува до пронаоѓањето на исчезнати лица, астролозите тука не можат многу да помогнат. Ова е област на математика, психологија и филозофија, а не на предвидувања. Се работи повеќе за насоки, совети, себеоткривања. Впрочем, судбината не ни може да се промени, но можеби да се ублажи, олесни. Врати има безборој, одлуката низ која ќе поминеме е сепак, наша. Сакам да кажам, верувам дека има ретки поединци, кои можат да ѕирнат во иднината, но не верувам дека можат истата и да ја променат. За жал, многумина од луѓето мислат обратно па се случуваат злоупотреби, дури и со астрологијата. Веројатно, заради тоа и властите се држат подалеку од ваквите ’сервиси’“ – вели Маневска.

(Не)селективноста на МВР

Нашите соговорници се едногласни во тоа дека иако, во најчестите случаи на видовитост всушност, се работи само за зголемена интуиција, искуство и добра психологија, не може да се игнорираат поединците кои докажале дека имаат способности да допрат до паралелните светови.

Во светот велат тие, не е невообичаено институциите да побараат совет од ваквите индивидуи. Портпаролот на МВР, Иво Котевски, вели дека не може истрага да се базира врз кажување на гатачка или хороскоп, но дека секако, ги земаат во предвид сите можни извори за да добијат релевантни информации во одредена истрага.

Тој признава дека во случајот со малата Ангела, добиле јавувања и од јасновидци, но по проверката на изјавите се покажало дека нема основа за понатамошна соработка.

„Ние сме должни да ги провериме сите сознанија сеедно, дали доаѓаат од јасновидец или универзитетски професор. Не одбиваме помош, од каде и да дојде таа. Секој добронамерен е добредојден! Меѓутоа, доколку некој смета дека може да ни користи во истрагата, треба тој сам да се јави затоа што МВР едноставно, не оди кај бајачки на консултации!“ – дециден е Котевски, кој додава дека во Министерството немаат оддел задолжен за вакви извори.

Официјално барем, ниту надлежните министерства во соседството нема да ви признаат дека соработуваат со парапсихолозите во случаите на исчезнати лица под мистериозни околности или неразјаснети убиства, но кога неретко по завршувањето на криминалистичката истрага ќе останат во ќорсокак без било какви докази за сторителот и вистинска трага, весниците јавуваат дека напомош им дошол токму некој од нив.

Меѓутоа, многумина и од екстрасензитивните личности ја одбиваат соработката со власта затоа што, им се случува по разрешувањето на случајот да бидат токму тие осомничени за соучешништво во злосторот.

Окултното и пропагандата

Клео Патра, која тврди дека во минатиот живот бил(а) египетска кралица му беше еден од главните советници на Милошевиќ

Доколку се погледнат  активностите на САД и поранешниот Советски сојуз ќе се види дека парапсихологијата на особен начин е користена од страна на разузнавачките служби.

Во 1970 година ЦИА во своите рамки извршила 7 000 експерименти за хипноза и телепатија, а во војната во Виетнам, покрај воените дејствија пааралелно се вршелеле и парапсихолошки истражувања.

Во бившиот СССР и земјите на источниот блок ваквите активности имаат многу подолго минато и се подетални. Русите уште во 1923 година почнале со апсења на личностите што имале било каква врска со паранормалното. (Познато е бегството на д-р Молн Ризл од Прага во Америка, токму од овие причини.) Целта се разбира, била нивно користење во функција на државата. Во Чехословачка, во 1925 година е објавена книга, во која опширно пишува за користењето на екстрасензорите во воени цели.

За времето на владеењето на Слободан Милошевиќ во Србија, многу од видовитите имаа слободен пристап до медиумите односно, беа ангажирани од извесни луѓе за ширење на позитивна енергија меѓу народот, со поддршка кон владејачката структура.

Повеќе од тоа: вистинско чудо е како во Хаг не беше повикана и самопромовираната кралица на сите српски пророци, затоа што важеше за една од главните официјални советници во домот на Милошевиќ. Споменатата госпоѓа (некои велат, се работи за господин) остана запаметена по изјавите дека Мира и Слобо не прават ниту еден потег без претходна консултација со неа и дека тие ќе бидат на власт и во 2010 година!

Режимот на Милошевиќ не е единствен кој во своите кампањи барал услуги од окултистите.

Уште Јозеф Гебелс во својот дневник од 1942 година ќе запише дека е „неопходно инкорпорирање на окултното во пропагандата. Мораме да извршиме притисок на сите окултисти да дојдат во наша служба.“

Исчезнатиот камен

Црквата не пропушта прилика да предупреди дека гатањето, баењето, предвидувањата воопшто, се нечисти дејствија и дека ниту еден верник не треба да се занимава со тоа. Меѓутоа, во 1951 година еден од најинтригантните случаи ќе го реши токму свештеник.

Таа година во Лондон е украден камен со тежина од 50 килограми што се користел при крунисување на англиските престолонаследници, а полицијата безуспешно трагала по крадците. Најпосле, побарале помош од човекот, кој живеел во белгискиот град Анверс, отецот Харкос, кој приоѓајќи на местото на криминалот ја кажал адресата каде е купен алатот со кој се извршила кражбата.

По втората „сеанса“, свештеникот дал нова адреса, каде се уапсени четири лица кои учествувале во споменатата кражба. Отецот Харкос, пред тоа бил познат дека за време на Втората светска војна со своите способности пронаоѓал изчезнати, но и мртви војници.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2009 година

 

 

 

 

One thought on “Ни гатачи не не спасуваат!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *