Сутерен.мк

„Нова Македонија“ слави 78-ми роденден

„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник. На 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, Велешко, во екот на Народноослободителната борба, речиси истовремено со конституирањето на првата слободна држава на македонскиот народ, е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“

„Документирајќи ги клучните настани од завршувањето на Втората светска војна, па сѐ до нашиот пат кон независноста, меѓународното етаблирање, домашните случувања и евроатлантските интеграции, „Нова Македонија“ е важен хроничар на нашата современост. Ви посакувам уште многу години успешна работа“, Стево Пендаровски, претседател на Македонија.

„Честит седумдесет и осумгодишен јубилеј! Единствениот весник во Македонија што заслужува да го поседува во своето име зборот Македонија. Легендарниот интелектуален инает на Галилео Галилеј дека „и покрај она во што верувате, тоа се фактите“ или „сепак се движи“, денес станува поважен за Македонците од кога било порано: фактите за Македонија, за милениумскиот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се вечни и тие ќе сведочат за „правото и слободата на македонскиот народ“ – на денешен ден се навршуваат 82 години од смртта на Димитрија Чуповски, а последните цитирани зборови се напишани на крстот на неговиот гроб. Ви посакувам успешна иднина, а весникот „Нова Македонија“ вечно да тлее за да во вечната темнина ниту се гаси, ниту светлост губи“, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.

„Дневниот весник „Нова Македонија“, без никаква дилема, колку поради фактот што претставува прв македонски медиум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот прв број излегува на крајот од Народноослободителната војна на македонскиот народ на 29 октомври 1944, за сите нас е еден од оние суштински темелници на нашата државност, израз на вековниот стремеж за наша национална слобода.

„Нова Македонија“ е веродостоен и доследен хроничар и сведок на макотрпниот и тежок пат на создавањето на државата, на изградбата на општеството, на неговите институции, на животот на сите обични луѓе низ децениите сосе сите нивни турбуленции, предизвици и премрежиња.
Дополнително, во тие, еве денес веќе 78 години постоење, преку неговите страници и низ неговите редакции се профилираа импозантни наши личности, општественици и дејци успешни во различни области, чиј придонес е тесно вткаен во развојот на нашата држава, вклучувајќи и во годините по распадот на поранешната СФРЈ, односно во годините на самостојно и суверено егзистирање на денешна Република Северна Македонија.

Оттаму, навистина, чествувањето на јубилејот на „Нова Македонија“ – 29 октомври – претставува не само чествување на новинарството, на повеќедеценискиот новинарски труд и потфат, туку и своевидно симболичко чествување на сите минати времиња на слободна македонска држава. Верувам и се надевам дека „Нова Македонија“ ќе продолжи, како досега така и отсега, да биде професионален, точен и кредибилен медиум, општествено одговорен фактор на јавната сцена, во интерес и на својата читателска публика, но и на сите граѓани на Република Северна Македонија“, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

„Седумдесет и осум години „Нова Македонија“. Седумдесет и осум години државност, сериозност и стабилност, континуитет, вредност, многу вложен труд. Седумдесет и осум години традиција.
Како почна?
Така како што му доликува на првиот македонски дневен весник, во екот на Народноослободителната борба, револуционерно и слободарски, борејќи се против фашизмот, со донесена одлука за основање на весникот на третата седница на Президиумот на АСНОМ во септември 1944 г. Прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик.
Што беше целта?
Да се прикаже формирањето на новата современа македонска држава, со поинакво општествено и политичко уредување, со нови и поинакви принципи, со нови начела на раководење и живеење и нова преродба.
Безброј содржини, текстови, колумни, анализи, критики, настани, беа дел од историјата на „Нова Македонија“. Така е и сега. „Нова Македонија“ останува столб на постоењето на македонската држава, еден од најважните двигатели во општеството со објективен и рационален пристап. „Нова Македонија“ беше и е бедемот на заштита на македонскиот јазик и идентитет. Честит 78. роденден. Продолжете по истиот пат, кој е трасиран и убедлив. Читателите го очекуваат тоа од вас, токму во овие моменти кога сме соочени со сериозни предизвици“, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

„За мене независноста на медиумите и слободата на изразување се силен индикатор дека општеството се движи кон демократизација. Досегашната улога и придонес на „Нова Македонија“ како професионален сервис во име на граѓаните ја гледам токму во оваа насока. Секако, и во однос на неспоредливиот и неуморен придонес во развивањето и поттикнувањето на критичката мисла и будењето на граѓанската одговорност, но и во соочувањето на носителите на моќ и јавни функции со одговорноста што ја имаат кон општеството и секој граѓанин поединечно.
– Овој медиум даде многу за општеството, нè градеше и продолжува да нè гради со својата длабока аналитичност, разноликост на значајни перспективи, силна конзистентност во име на јавниот интерес. Притоа, успевајќи силно да опстои на медиумската сцена во која моќта на јавниот збор и работа во име на јавниот интерес ја заслужуваат само најдобрите. „Нова Македонија“ е токму тоа, доследен актер на медиумската сцена, медиум за кој единствената и најсилна определба се врвните професионални начела и вредности на новинарската професија“, Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

„Големината на „Нова Македонија“ во однос на сите други печатени гласила во Македонија, симболично би ја споредил со големината на форматот во кој излегуваше во моето детство.
„Нова Македонија“ е дневен хроничар на македонскиот народ и држава со децении. Денес сериозен историски архив. Весник што создаваше навика за читање, па преку тоа и описменуваше. Разновиден по концепт, кој информираше, забавуваше, едуцираше и мислеше и на најмалите преку прилогот „Колибри“ еднаш неделно. Расадник на професионални новинари. Прво вработување на плејада денешни новинарски бардови. Гласило што одолеа на времето и не стана само обичен информативен портал до ден-денес.
Убав спомен и симбол на многу генерации и желба уште долги години да нѐ информира“, Отец Пимен, митрополитот европски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Во моето семејство сите ја читаме „Нова Македонија“ секојдневно од првиот број. Таа била и останува прв избор на дневен весник, не само зашто е првиот печатен весник во слободна Македонија туку и затоа што главно ги задоволува нашите критериуми за дневен печатен информатор. Ѝ посакувам среќен роденден на „Нова Македонија“ и успех за сите вработени во весникот! Остануваме верни читатели“, Нада Поп-Јорданова, академик.

„Купувањето и читањето весници е култура на живеење, па затоа „Нова Македонија“ како весник е круцијален елемент во креирањето на таа култура преку текстовите што ги креира и анализите што ги обработува, како и преку пренесувањето на различните мислења и ставови за одредена тема. За мене „Нова Македонија“ е важен дел од секојдневието, бидејќи преку текстовите ми дава добар поглед за одредени теми и ме наведува да размислувам за теми од различен агол. Весникот е многу важен елемент во делот на креирањето на културата, бидејќи покрива и теми што многу ретко се застапени во медиумите и јавноста и со тоа ја подига важноста за тие теми. „Колибри“, ЛИК и другите прилози покажуваат грижа за најмалите, за културата во Македонија, за важноста на битието. Весници купувам секој ден, најмалку два дневни весника, па затоа купувајте весници и подигнете ја културата на живеење и читање“, Синиша Пекевски, аналитичар.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *