Сутерен.мк

Новите љубовни врски

Од мали нозе не учат дека единствена животна цел ни е да се пронајде партнер со кој ќе имаме потомци и ќе живееме среќно до крајот на животот. Меѓутоа, новите генерации ги отфрлаат општествените норми заради лично задоволство и поголема исполнетост на сегашноста. Овој бунт на новото време наречен е полиаморија!

Концептот на моногамијата предизвикува бројни полемики меѓу научниците, психолозите и сексолозите. Додека едните цврсто се убедени дека моногамијата е единствениот правилен пат и како аргумент го наведуваат податокот дека спаѓаме меѓу петте отсто цицачи кои се способни да одржуваат врска само со една личност, другите под нос им ги ставаат истражувањата под заеднички наслов „општествена моногамија“.

Накусо, општествената моногамија означува двајца луѓе кои заеднички одгледуваат потомци и живеат во заедница, но речиси редовно, едниот од нив има навика да „застрани“ од патот. Истражувањата покажуваат дека обично, станува збор за мажите, чии генетски предиспозиции и желбата за продолжување на видот често водат до полиаморија.

Замрсен е тој свет на односи во кој сите пливаме. Тој голем аквариум на потенцијални партнери, поранешни партнери, изневерени, оставени, како никогаш порано е преполн и пред речиси невозможна мисија да произведе еден примерок кој можете да го претставите на мајка ви, без страв дали уште еднаш ќе се појави, а и ако се, во каква состојба ќе биде.

Вложувањето на сите свои надежи, очекувања, желби и емоции во само една личност не е лесна работа, а одржувањето на односите по принципот „се додека смртта не не раздели“, во денешно време е се потешко, на моменти дури и неиздржливо.

Заради овие причини, се побројни се оние кои се одлучуваат на отворени опции и на одржување на неколку врски во исто време, со согласност на сите партнери. Значи, овде не станува збор за неверство. Ова се парови кои свесно се гледаат со други луѓе и го распоредуваат времето по договор. Како некој емотивен time – share во кој секој има свое време, свој филм, своја претстава и свои приказни и никому не му пречи тоа.

Според последните истражување повеќе од пет проценти од Американците го практицираат овој вид на односи. Светските магазини наменети пред се за жени, полиаморијата веќе ја нарекоа „следното големо нешто“ во љубовните врски, пренесувајќи ги приказните на среќните љубовници. Дали полиаморијата е бунт на новото време? Барем според статистиките, полиаморните односи се најпопуларни помеѓу помладите генерации, оние помеѓу 20 и 30 години.

Поразени од релациите што владееле меѓу нивните родители и високата стапка на рзводи, младите луѓе покажуваат повеќе храброст впуштајќи се во овој вид на конекции. Додека кај помладите ова се сфаќа како дел од нивното растење, постарите генерации сепак, се уште наидуваат на препреки во формирањето на вакви односи. Колку и да се трудиме да бидеме слободни, факт е дека живееме во општество во кое моногамијата и понатаму се смета за единствено правилна заедница, па секое излегување од ваквата рамка наидува на обвиненија.

Според познавачите, овој тренд е најзастапен во Њујорк, градот во кој не е тешко да се пронајде партнер, но да се биде во врска „еден на еден“ е рамно на добивка на лотарија за зелена карта. Така што, многу од неговите жители се одлучуваат на полиаморија.

Анкетираните кои учествувале во истражувањата се изјаснувале дека уживаат во ваквите односи, запознаени се со постоењето на останатите партнери, но во никој случај не се доаѓа во ситуации на колективна дружба. Напротив, сите се држат до договорениот распоред на средбите.

Некои од испитаниците сепак, по некое време се откажале. Иако, во релацијата влегле свесно и знаеле за правилата, не можеле да издржат односно, да се ослободат од љубомората и чувството дека се на некој начин на „замена“. Се обиделе и тие да најдат партнер плус, но едноставно како што се цитирани „за нивниот желудник тоа биле преголеми залаци“! Не можат, не сакаат да делат ниту да се делат и не се чувствувале добро во сето тоа.

Што ќе рече, за полиаморија сепак, мора да се имаат и одредени предиспозиции. Треба да си скроен така за некои работи да не те допираат. И секако, да не веруваш во совршениот спој на две души кои се сретнале.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *