Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: И бол и бес!

Има еден вирус многу поопасен од овој што веќе втора година прави партали низ светот. Се вика НЕЧОВЕЧНОСТ и си живее кај нас со децении, но поради широката распространетост ретко кој го препознава. Ово вирус, речиси секогаш е придружуван од некоја бактериска инфекција што се нарекува „чисто зло“, а на оваа здравствена состојба се налепуваат и придружни предизвикувачи на „сатанизам“ од габична природа. Не може поинаку да се опише изживувањето кон животните Што секодневно станува се погрозоморно и помасовно! Ама, ајде да тргнеме по ред…

 

Го видовте обесеното кученце на дрво во Демир Капија? Немаше повеќе од два месеца. Поминаа десетина дена, дали забележавте дека локалниот Хитлер е фатен, или можеби уапсен? Аааа, не, ок. Сервираните виршли, леб, салама, со отров, со клинци, со игли, како прилог во Карпош, Лисиче, Драчево, Кисела Вода,…. се редовно на менито. Дури и по парковите за миленици! Некоја прегладнета душа која разулавено ќе почне да јаде, потоа ќе умира во тешка агонија, која ќе трае со часови. Дали некогаш сте чуле или виделе за сиве овие години, некој Менгеле да биде фатен и казнет? Да му се види суратот? Добро, знаев дека не. Сте го виделе ли поморот на животни и улици прекриени со трупови, во Делчево, Берово, Кочани Прилеп, Струга…? Не, а? Никој ништо не видел, никој ништо не чул, никогаш и никаде, иако барем во Скопје камери има на секој чекор. Дело има, истрага нема!

Ако логички се размислува, единствениот заклучок што се наметнува е следниов: или труењата и убиствата се системски, или државата однапред ги помилува убијците, егзекуторите и трујачите. Постојат сведочења дека во Тетово, Гостивар, Кичево… со камиони се транспортираат и оставаат кучиња од една, во друга општина. Ниедна локална самоуправа не се изјаснила во врска со оваа појава, иако напати е и документирана. Понатаму, монструмите најчесто, барем последнава година, излегуваат „на терен“ за време на полициски час или во глуво доба. Кој може да излезе за време на рестрикција? Не знам, кажете ми вие! Каснувањата од куче или маче се друго дваесет. Се ми се чини дека според бројот на побарувања по овој основ и висината на сумата од неколку илјади евра предвидена како оштета, некој си ја „пере и дере“ и на овој начин? Кој е тој? Не знам, вие кажете. Многу од скопските општини пред четири години најавија свои локални стационари за бездомни животни. Полни им беа устите со милост, со проекти и со соодветни локации. Е, кај се де? Не знам, вие да не знаете?

Тоа што јас го знам е следново: во секое маало функционира една граѓанска, доброволна „Лајка“ која не троши буџетски пари. Оваа каста кај пошироките народни маси е позната под името – кучкари. Неформалната дружина функционира од мене за тебе, за нас, за храна, за лекови, за дом, за спас, за живот! Членовите на овие маалски Лајки добро се познаваат меѓу себе, си помагаат во секое време и на секое место. Животните кои се на улица се стерилизирани, вакцинирани, стоплени, сити и напоени. И тоа е сосема доволно ако се изземат сопствениците на расни миленици кои си ги пуштаат своите нестерилизирани чеда да се шетаат сами, оти газдите многу работат и немаат вишок време за трошење. Лично и персонално сведочам дека кученцата што ќе се родат неколку улици над мојата, се од еден бел ретривер и една многу паметна мешана шарпланинка, кои безгрижно се сакаат во раната пролет. Да не бидам погрешно сфатена, немам јас ништо против љубовта во ниедна форма, туку против последиците од неодговорноста на себичните персони.

И ова ќе го речам: од 100 кучиња на улица, 99 ќе мафтаат со опавчињата, а само едно ќе биде агресивно. Не по своја вина, тоа е сигурно. Од 100 луѓе на улица, само еден наместо камен, ќе фрли лепче. Ама, сите останати ќе му речат дека се што се случува е баш по негова вина! На крајот ќе кажам и дека луѓето кои ги сакаат животните, без исклучок ги сакаат и луѓето. Не е случаен коренот на зборот хуманост. Исто така знам дека сите што се грижат за животинките и за луѓето како за себе, неизмерно ја сакаат и ја почитуваат и природата. Ако јас се прашувам, ова е и повеќе од доволно за здраво и хумано општество.

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *