Сутерен.мк

Околу 19 илјади Македонци се неписмени

Во Македонија најголем број од населението е само со средно образование, една четвртина имаат само основно школо. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека бројките од овој трет сет на податоци од пописот се очекувани. Од неписмените граѓани кои се на возраст од над 15 години, тројно повеќе се жени.

Над 4.1 отсто не успеале да го завршат основното образование, 27.8 отсто имаат само основно, а најголем процент, 44.1 се со средно.

Додипломски студии имаат завршено 17.3 отсто, 1.9 имаат магистратура, 0.4 се доктори на науки. Најголем број од нив се градежни инженери 18.7 проценти, 1.9 се од областа на информатички технологии. Директорот на ДЗС вели бројките се реални и не го изненадуваат. На 77 годишнината од основањето, Симовски вели најголем предизвик и натаму им е потребата за нов стручен кадар.

Во Македонија официјално невработени се сто илјади лица. Најмногу се со средно школо и повеќе од половина се мажи. Пописот покажува дека во државата од работоспособното население над 15 години имаме повеќе граѓани кои не бараат работа (768 549 граѓани) отколу што се официјално вработени (608 520 лица) . Најмногу вработени има во преработувачката индустрија.

Бројот на издржувани лица изнесува 450 766. Според статистика, бројот на лица со попреченост изнесува речиси 100 000 граѓани од кои 1.8 отсто се деца до 14 години. Интересно е што во државата од вкупно 839 174 станови, 36.6 проценти се празни и не живее никој.

Последниот попис кој беше направен по цели 20 години покажа дека во државата живеат вкупно 1 836 713 граѓани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *