Осум работи што можеби не сте ги знаеле за Доли Партон

Една од најуспешните уметници во светот почина на 80-годишна возраст. Се потсетуваме на суперѕвездата на кантри-музиката Доли Партон преку неколку необични факти од нејзиниот живот

Повеќе од 100 милиони продадени носачи на звук, 25 хитови на врвот на американските кантри-листи, 11 Греми награди и три награди Еми. Доли Партон беше една од најуспешните пејачки во светот, пишува „Дојче веле“.

Овој вторник, 25 август 2026 година, нејзиниот внук Брајан Сивер објави дека неговата тетка починала.

„Доли отвораше врати за генерации пејачи, текстописци, музичари и сонувачи од сите општествени слоеви и од сите континенти“, рекол Сивер во видео-порака објавена на нејзините профили на социјалните мрежи. „Немаше врата што не можеше да ја отвори, а вратите што ги отвори ја испишуваа и ја менуваа историјата.“

Еве осум интересни факти од осумте децении живот на Доли Партон…

1. Лекарот го платиле со пченкарно брашно

Доли Партон пораснала во сиромашно семејство со единаесет браќа и сестри во округот Севир, во американската сојузна држава Тенеси.

Лекарот кој ѝ помогнал да дојде на свет на 19 јануари 1946 година, нејзините родители го платиле со вреќа пченкарно брашно. Според некои извори, станувало збор за овесни снегулки.

Таа е родена во музичко семејство.

На седум години научила да свири гитара, а на десет години за првпат настапила во телевизиска емисија.

2. „Глупава русокоса“

За Доли Партон често се наведува дека има коефициент на интелигенција поголем од 140.

Нејзината прва песна која на 21 јануари 1967 година се нашла на американските кантри-листи го носела насловот „Dumb Blonde“ („Глупава русокоса“).

Во песната таа пее: „Оваа глупава русокоса не е ничија будала“.

Тоа бил самоуверен почеток на кариерата во музичкиот свет со кој тогаш доминирале мажите.

„Не ми пречат шегите за глупавите русокоси, бидејќи знам дека не сум глупава, а знам и дека не сум русокоса“, рекла таа еднаш.

3. Импресивна колекција перики

Во текот на повеќе од седум децении долгата кариера, Доли Партон ги следела модните трендови, вклучително и оние поврзани со фризурите.

Нејзин заштитен знак била платинесторусата коса. Но, таа не била вистинска.

За да не ја оштетува косата со постојано фарбање, уште како млада почнала да носи перики. Наводно, имала повеќе од 350.

Таа никогаш не ја криела ниту својата склоност кон естетски зафати.

Иако бројните операции го промениле нејзиниот изглед, останала препознатлива по ведриот карактер и хуманитарната работа.

Според проценката на магазинот Forbes, нејзиниот имот во 2025 година бил вреден околу 450 милиони долари.

Голем дел од тие пари низ годините ги насочувала кон хуманитарни проекти, особено во родниот Тенеси, но и низ целиот свет.

4. Програма за поттикнување на детското читање

Преку фондацијата Dollywood Foundation, Доли Партон од 1995 година им подарува книги на децата во рамките на програмата Imagination Library.

Родителите можат да го пријават детето веднаш по раѓањето, по што тоа секој месец добива по една книга, сè до наполнување на петгодишна возраст.

Досега се поделени повеќе од 300 милиони книги во САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Ирска.

Партон, која немала деца, ја започнала програмата во чест на својот татко Роберт Ли, кој не знаел да чита.

Нејзината фондација доделува и пет годишни стипендии за матуранти од округот Севир. Секоја стипендија вреди 15.000 долари.

5. Милион долари за истражување на вакцина против коронавирусот

Доли Партон во 2020 година донирала еден милион долари на Медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт во Тенеси. Центарот заедно со компанијата Moderna работел на развојот на вакцина против коронавирусот.

„Денес сум многу горда девојка, знаејќи дека сум учествувала во нешто што ќе ни помогне да ја надминеме оваа луда пандемија“, рекла во ноември 2020 година во британската емисија The One Show.

Неколку месеци подоцна и самата се вакцинирала пред камерите.

За таа прилика, својот хит Jolene го претворила во Vaccine.

6. Стотици преработки на песната „Jolene“

Jolene е една од најпреработуваните песни во историјата на популарната музика. Според порталот cover.info, постојат повеќе од 80 официјално објавени преработки.

Меѓу најпознатите е верзијата на групата The White Stripes од 2004 година.

И самата Доли Партон повеќепати повторно го снимила својот најголем хит – меѓу другото со групата Pentatonix, но и со нејзината кума, поп-ѕвездата Мајли Сајрус.

Трите заедно ја извеле песната во емисијата The Voice во 2016 година.

7. Два големи хита напишани истиот ден

Партон тврди дека во 1972 година истиот ден ги напишала песните „Jolene“ и „I Will Always Love You“.

Втората песна две децении подоцна Витни Хјустон ја претворила во светски хит.

Песната всушност не настанала од љубовна приказна. Со неа Доли Партон сакала да ја прекине соработката со својот ментор, кантри-ѕвездата Портер Вагонер.

„Помислив: Во што си најдобра? Во пишување песни. И така седнав и ја напишав оваа песна“, се присетила во 2023 година во емисијата на Хауард Стерн.

Преработката на Витни Хјустон ѝ донела на Партон околу 10 милиони долари во деведесеттите години. Дел од тие пари подоцна ги инвестирала во деловен комплекс во Нешвил.

„Тоа е куќата што Витни ја изгради“, се пошегувала таа еднаш.

8. Не победила на натпреварот за имитатори на Доли Партон

Можеби најзабавната приказна од нејзиниот живот се случила кога учествувала на натпревар за имитатори на Доли Партон.

Во емисијата на Елен Деџенерис раскажала дека намерно се нашминкала и се облекла уште поупадливо од вообичаено, за никој да не ја препознае.

Ставила поголем бен, ги зголемила градите и направила уште побујна фризура.

Натпреварувачите еден по еден излегувале на сцената, а победник бил оној кој ќе добие најсилен аплауз од публиката.

Доли Партон не победила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *