Сутерен.мк

Отец Пимен: Урна Јана

Боже колку беше убава Јана уште од малечка. Е арно, ама колку шо беше убава толку беше и палава. Имаше некој дух во неа да се натпреварува со малските деца. Попалава беше и од машките деце. Кога другарките играа со крпчиња и повиваа големи компири како бебиња држејќи ги во прегратка, таа играше ашици и аликама со машките. Море и ги победуваше, па често тие од срам расплакани се прибираа дома, а следниот пат одбиваа да играат со неа.

Ама како минуваа годините стануваше свесна дека е девојка и се поретко ги гледаше маалските другари. Учеше низ дома со баба и да плете, со мајка и да готви, па куќа и двор да замете. Стануваше чупа за мажење, ама пусти дух немирен не се смируваше. Уште ја држеше она “што на ум, тоа на друм”. А и стрвна си беше, рака на срце.

И така Јана наша, едно есенско попладне тргна до кај баба и во соседното село да и однесе од зелникот што за првпат сама го замеси. И значеше нејзиното мислење за постигнатиот квалитет, а беше и спремна за совет како би била уште подобра во месењето. Не сакаше повеќе да ги срами нејзините кога ја покажуваа со прст како Машка Петра. Ама Јана, Јана ли ќе беше ако по пат не ја надвладееше стрвноста.

На излезот од селото во последната куќа ги забележа комшиите како растовараат кошеви со грозје за вино. Културно им посака добар ден и со здравје да се пие виното и си се понуди кога ќе стаса ширата да им дојде на гости за да ја проба. Никој не остануваше рамнодушен на најзиниот убав лик и милиот дух, па ни комшиите. Се насмеаја, се заблагодарија и ветија дека ќе пуштат абер кога ќе е готова ширата да дојде да проба и дека плус и кафе и локум ќе дадат.

-Ќе памтам, ќе си го врзам в крпче да си знете – рече Јана низ насмевка, одмавна со рака и го продолжи патот.

Ги остави домаќините да си продолжат со работа, но помислата да си касне тазе грозје неа не ја остави. Лесно ги одби помислите да касне Кратошија и Таљанка, ама никако и помислата за белото грозје Лисичина. Ретко ја имаше таа сорта и рано ја береа, па некако се плашеше да не и мине годината и да го соберат грозјето, па да и остане непробано. Погледна кон небото да види до кај е сонцето. Виде и веднаш во бистрата глава направи математика дека има време да скршне од патот, да урне по полето и да си набере некој грозд Лисичина. А и баба и ќе ја освежи си мислеше.

За час веќе беше низ полето грабејќи прекутрупа кон блиските лозја. Ги знаеше тие копачки точно кај се низ лозјата уште од дете. До душа не беше свратила таму неколку години, што пак и ја зголемуваше желбата да скине некое зрно, некој грозд. Го дофати првото зрно и со сласт го вкуси.
-Мммм, ммммм, мммм, бре, бре шеќер благо – си мрмореше од сладост.

Едно, и уште едно, две, три, па грозд, два во кошничката врз зелникот да има и за баба и и за по пат. Го покри со чеврето и само што се заврти од зад грб слушна машки глас:

-Аирлија работа Јано, не сум знел дека е ваше лозјево.

И се смрзна крвта во жилите, а во образите и заструи со цела брзина што веднаш поруменија. Јазикот и се фати и едвај успеа да подголтне. Мислеше дека ќе се струполи од срам. Го препозна гласот на падарот што и прозборе, но и смеата на другиот падар кој самозадоволно се смееше за уловот. Полека се заврти, отпоздрави и призна дека не е нивно лозјето:

-Не бре, како наше, туку пусти иштаф за Лисичина ма измаме. Ќе проштавате. Реков и на баба ми еден грозд да е однесам за здравје да си к’снит, душа да облажит –  несмасно се правдаше Јана.

Не би сакал ни да помислам шо се им се мотало низ глава на падарите кога се обидоа да се спогодат со неа.

-Ами ќе најме некој мунасип, ќе са напреме наудрени дека не сме та виделе и ќе та пуштиме. Ама ти шо ќе таксаш? – се огласи еден од падарите со непристојниот предлог.

Не се излета веднаш да одговори. Трипати измери пред да пресече. И мудро одлучи.

-И да таксам бело лице устрамено, туку поарно вие и да са пофалите нешто дека сум таксала без да таксам, а мене чиста да ми е совеста, отколку тоа шо ќе таксам вие да го премолчите, а мене цел живот и совест и страм да ма јајт.

Ја пикна раката во кошницата, ги дофати двата грозда, им ги тутна на двајцата падари по еден во рака, одважно ги погледна и оставајќи ги двајцата видно збунети на заминување продолжи:
-Е така, сега јас си кажав шо имав да си кажам, ево ви го грозјето да си го јајте душа да облажите, јазик да наквасите, оти очите суви ќе ви останат. А ќе ви останит и само фалењето. Ако сакате и со песна фалејте са, мене душава чиста ми е, јас пак раат ќе спијам, а вие подзинати ќе си останите.

И како да беше побрза и од ветрот, пак јурна и урна низ полето кон куќата на баба и. Лесна како птица како што и беше лесно на душата, оти нејзе и беше чиста совеста колку што на падарите им беа нечисти намерите.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна:

Урна Јана

Урна Јана,
урна Јана
по полето.

А наберит,
а наберит
бело грозје.

Бело грозје,
бело грозје
лисичина.

А фатиле,
А фатиле
падарите.

Таксај Јано,
Таксај Јано
шо ќе таксаш.

И да таксам,
И да таксам
фајде нема.

Бело лице
бело лице
устрамено.

 

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *