Сутерен.мк

Петар Темелковски: Некој мора, бакнеж да стави!

„Со еден потег одлучен на раката, со помош на перо, мастило и знаци, ја искинав завесата од својата душа и сега таа пред вас, блеска со сета своја добродетел и мани. Вие што ме прогонувате, еден ден ќе седите во првите редови, кога ќе се пее мојата поезија и ќе ги крштевате  своите деца со имињата на моите стихови. Ќе ги распорам сите свои вени, ќе се втурнам длабоко до дното на сопствената крв, ќе го искорнам однатре последниот атом на болката и ќе го фрлам пред вашата страст и белким крвта моја ќе ве – насити!“

… Рече еднаш Кочо Рацин. Го говореше, не еднаш, Петар Темелковски. Ова и многу други нешта. Само не секогаш, тоа било сфатено само, како актерска уметност. Темелковски изгледа, не се лути. Како што не го лути ни тоа што најголемиот број на награди ги добил од странски држави. Овде, на ова тло, кое толку многу го велича, не му бе баш наклонети.

Петар Темелковски нема горчина во себе поради тоа (или барем, не ја покажува). Напротив! Во неговиот жив и самоуверен говор, во неговата итра мудрост, во овој физички упадлив идеалист, не се крие, ами постојано се открива една многу весела личност!

  • Со Александар Поповски и Дарко Митревски го снимивте „Збогум на 20- от век“. Најспорно нешто околу него беше дека тоа е „филм на пријатели“!? Работевте „про боно“ или не?

– Пред се, би сакал да кажам дека мене филмот многу ми се допадна! Внатре има неколку елементи од кои никогаш нема да останам рамнодушен. Во „Збогум…“ опфатени се мугрите на нашето постоење. Распнато беше македонското сонце. Се воодушевив од тие двајца млади талентирани луѓе, кои сознале дека сонцето е Бог и така прават голем пресврт со својот филм. Инаку, филмот е навистина филм на пријатели!

Направен е со многу скромни средства, но со огромно гостопримство од страна на режисерите. Грижата за нас беше на највисоко ниво. Јас не потпишав ни договор. Кога ќе видам кај некого доблести, мене договори не ме интересираат, а во овој проект видов. Се работеше од љубов и уметничка потреба. Доколку филмот заработи нешто, можеби и ние ќе заработиме, но тоа не е воопшто битно.

  • За сиве овие години, Ви застана ли некој на патот кон успехот?

– Да, застанаа многумина, но на погрешен пат. Бидејќи, патот кон успехот врви низ трње. А тие стоеја на меки, удобни столови, со здебелени задничиња, со показалчињата в раце., под шепата на своите спонзори и ме чекаа. Ама не ме сретнаа. Јас не одам по такви блуткави патеки. Јас пред премиера одам в црква, а не на вечера со некого. Зашто, ако сакаме да не љуби божицата Талија, не можеме да ја изневериме.

На патот секогаш може човек да ти застане. За среќа, живеам во некои хигиенски околности: кога имав проблеми не побегнав во ракија, туку во талентот, семејството, пријателите. Тие што ми застанаа на патот за да го спречат мојот од да станам ѕвезда, заборавија или не знаеја, дека моите патишт не се хоризонтални, туку вертикални Како што заборавија дека ние живееме, дека јас живеам на ѕвезда!

  • Каков е Вашиот однос кон наградите, што овде и не ви беа баш, пречесто доделувани?

– Не можам да ви речам дека наградите ништо не ми значат, ама можам да речам дека сигурно не можат да ме поместат од мојата почва. Наградите се радост, но не е стабилно стоењето на три – четири награди. Јас стојам на многу посвет постамент. (Сепак, добро е да се имаат, да не речат дека без потреба давам интервјуа.)

  • Што значи всушност, тоа?

– Тоа значи дека својата енергија ја црпам од Господ Исус Христос и неговите апостоли, од македонските светители, од моето семејство и пријатели. Никогаш не сум ја црпел од ниеден социјалистички сојуз, ниеден СИЗ, ниедно министерство за култура, од никакви матици на иселеници…  Затоа и никогаш не сум завидувал на награди. Секојпат сум завидувал на колеги кога добро ќе одиграат на сцената и тоа е се!

  • Не се чувствувате онеправдан?

– Понекогаш ми е само криво зошто мора да е сето тоа така!? Воопшто земено! Меѓутоа, не се лутам. Од чисто себични причини: ако носиш зло во себе ќе ти се разболат градите. Ако се лутам, ќе почнам да мразам. Ќе се случи „гриз на гриз“! Не може така! Некој мора бакнеж да стави! Потребата од бакнеж е неминлива!

  • Се врзувате ли со одредени автори, режисери со кои работите?

– Со некои (како Љубиша Георгиевски, Јордан Плевнеш…) сум работел подолго од другите, но сум соработувал со многу различни луѓе. Уметниците не ги делам по боја на очи. Во дарбата сме сите еднакви! Уметникот не треба да биде определен за овој – оној!

  • Сакате да кажете дека не сте политички определен!?

– Не членувам во ниедна партија, но сум симпатизер и тоа јавно се знае. За мене се знае дури и за кого сум гласал!  Затоа што не правам мимикрија од моето чувство. Зошто чувството да го водам подземно, де се среќава со фекалии, кога може на сончев зрак да се движи. Дури и кога ќе се наоблачи малку, ќе се огрее на другата полутопка. Не сакам да имам поштари на чувствата. Секогаш зборувам отворено, секогаш она што сметам дека е вистина!

  • И кога боли?

– Погрешен е зборот боли, но еве, во недостаток на посоодветен… Вистината, ако боли, боли на почетокот. Потоа цел живот ти е убаво! А лагата е убава на почетокот, ама после цел живот се чувствуваш лошо.

  • Сепак, познато е дека луѓето кои во моментов се на власт Ви се блиски…

– Да, имам таму пријатели, како што имам и во опозицијата. Позици, опозиции… Единствена позиција за мене е уметноста. Вистинскиот уметник треба да биде како народна чешма. Каква чешма ќе биде таа, ако само одредени можат од неа да налеат!? Мене публиката ми е светост. Не можам да ја поделам неа, а публиката ми се луѓе од најразлични партии, идеологии…

  • За Вас има и мислење дека ја издигнувате македонската нација на штета на другите?

– Бидејќи направив неколку монодрами за поделбата на Македонија, за Никола Вапцаров, за Филип Втори Македонски… бидејќи моите симпатии се јасно изразени, луѓето имаат таков впечаток. Никогаш не сум ја величал сопствеата нација за сметка на другите. Точно е дека зборувам дека е ова само дел од нашата држава. Точно е дека Македонија ми е мила, но и дека постојано велам: „Македонија на маса е поделена, на маса треба и да се обедини!“

Зарем е национализам љубовта кон сопствената земја!? Не мислам никому лошо од едноставна причина што македонскиот народ не е таков. Тоа е добар народ, благороден. Такво му е наследството. Имам пријатели од сите земји, од сите нации. За националист ме сметаат луѓето кои се чувствуват Македонци од 1941 година, а бајаги ги има и оние од ’91 – ва. Јас мугрите на моето потекло ги љубам и чувствувам 7 000 години наназад. Зарем не ви е пријатно да сте потомок на Александар Македонски, на Гоце Делчев!? Ами ние, арно што не сме побудалени од гордост!

  • Не мислите ли дека , не може баш, туку – така да се избере потеклото?

– Не го тврдам само јас тоа. Тоа го зборуваат 1 500 историчари! Само ние велиме за себе дека сме мал народ. Еден наш поет има речено:„ Немој да мислиш дека сме мали, ако зглавје ни е камен…“ Како може да биде мал народот кој го дал јазикот,  основата на кој говорат 620 милиони луѓе, кој прв го примил Божјиот збор! Ние немаме бомби, но имаме култура, огромно наследство од убавина. Врз оваа земја е ставена Господовата рака!

  • Како се чувствувате на сцена?

– Секогаш се среќаваш со нови карактери, ликови. Ако правиш вистинска анализа на ликот, ќе стекнеш уште еден пријател. Прекрасно чувство е да штитиш некого! На сцената јас штитам постојано некого. Кого и да го играм. Дури и негативен лик, јс го штитам до крајна граница. Е сега, актер, кој со голема енергија му приоѓа на ликот, може да ги доведе во опасност останатите. Па така, од публиката може да настрада Црвенкапа!

  • Посакувате ли некој од Вашите потомци да се занимава со глума?

– Тоа е нивен личен избор и нема да се мешам. До сега, моите два сина не покажале афинитети кон оваа професија. Можеби е и подобро така. Зашто (немојте да го сфатите ова како себефалење) во принцип, сенката што ја прави успешен родител е многу дебела, студена. Тешко се вирее под неа. Сенките од бабите и дедовците се поретки, дури и убави, шарени…

 

  • На што ги учите своите синови?

– На тоа дека не е глупост да се биде добар. Добрината е доблест! Дека не треба да се суди зашто, ако секој суди, на земјава ќе има 5,5 милијарди судии. Ќе нема луѓе! Дека музите не одат кај секого. Тие одат во катчиња на сласти, на добрина, во амбар од душа! Дека уметноста е поетика, убавина, трагедија, добрина. Ги учам на она на што ме учи Бог.

  • Што мислите, ќе имаме ли конечно, промени на подобро?

– Промената е корисна дури и кога е полоша. Оваа примена е волјата на македонскиот народ, а јас верувам во тој народ и ја почитувам неговата волја. Со самото тоа што нема да биде исто, сме во позитива! А како ќе биде, ќе видиме. Никому слепо не верувам, но е многу нечесно што луѓето уште не седнати на местото, почнаа да ги критикуваат. Верувам дека ќе биде подобро, како што верувам дека и со следното менување на власта треба да биде подобро. Инаку, за се треба двајца! И за подобро, и за полошо.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *