Боб Меки, кој ги дизајнираше впечатливите костими за ѕвезди како Шер, Тина Тарнер, Доли Партон и Елтон Џон, почина на 87-годишна возраст
Американскиот моден дизајнер, познат како „Султанот на пулејките“ (или, Султанот на штрасот), поради своите блескави креации, во текот на кариерата освоил една награда „Тони“ и девет награди „Еми“, а трипати бил номиниран за „Оскар“.
„Со тешко срце соопштуваме дека господинот Боб Меки денес почина“, беше објавено на неговиот профил на Инстаграм.
Во соопштението понатаму се наведува:
„Своите 87 години ги живееше исполнето, остварувајќи го својот сон да биде моден дизајнер и костимограф, што беше сè што некогаш посакувал. Неговиот гениј и извонредните дизајни ќе живеат засекогаш и ќе продолжат да му носат убавина на овој свет.“
Меки имаше особено големо влијание врз кариерата на Шер и го дизајнираше нејзиниот прочуен костим со пердувестиот украс за глава во стилот на мохиканска фризура, кој го носеше на доделувањето на „Оскарите“ во 1986 година. Костимот стана познат како нејзиниот „одмазднички“ изглед, бидејќи таа година не беше номинирана за ниту една награда.

Костимот, инспириран од сценските танчарки, вклучуваше раскошен пердувест украс за глава во стилот на мохиканска фризура и го откриваше стомакот на Шер, што во тоа време претставуваше многу нов и шокантен изглед.
Овој костим влезе во историјата на модата како една од најнеобичните и најекстравагантните креации некогаш видени на доделувањето на „Оскарите“.
„Не бев номинирана за филмот за кој сите мислеа дека всушност ќе ја освојам наградата, ‘Маска’, па таа вечер се облеков од некаков вид одмазда“, објасни Шер во документарниот филм „Bob Mackie: Naked Illusion“ од 2024 година.
Меки во 2010 година за Би-Би-Си изјави дека Шер, кога ја започнувала кариерата, „не изгледала како никој друг во светот на забавата во тоа време“.
„Сите едноставно полудеа по таа жена бидејќи можеше да облече што било“, додаде тој.
Шер често се наведува како првата жена што го покажала папокот на американската телевизија, а креациите на Меки имаа клучна улога во тоа.
Меки беше и креативниот гениј зад неколку костими на сер Елтон Џон, меѓу кои и веќе легендарниот бејзбол-костим на тимот „Доџерс“, секако украсен со светки, кој музичарот го носеше за време на настапот на стадионот „Доџер“ во Лос Анџелес во 1975 година.
„Секојпат кога ќе облечев нешто што Боб го направил, се чувствував навистина, навистина посебно“, напиша Елтон Џон на Инстаграм.
Потоа додаде:
„Неговите костими беа уметнички дела и ќе остане запаметен како еден од најлегендарните дизајнери во историјата на Холивуд.“
Пејачката Пинк со години носеше бројни негови креации. Објавувајќи фотографии од неколку костими што ги носеше на сцената за време на турнејата „Funhouse“ во 2009 година, таа напиша:
„Имав огромна среќа што толку долго ме облекуваше. Беше полн со љубов, неверојатно духовит и вистински гениј.“
„Таму ќе има некои фантастично облечени ангели“, додаде таа.
Меки дизајнираше речиси до самиот крај на својот живот. Сабрина Карпентер носеше една од неговите креации на доделувањето на наградите „MTV Video Music Awards“ минатата година.
Тој го дизајнираше и фустанот што Мајли Сајрус го носеше за време на настапот на доделувањето на наградите „Греми“ во 2024 година. Таа година ја освои наградата „Греми“ за песната „Flowers“, посветена на раскинувањето, па можеби токму тоа беше нејзината верзија на „одмаздничкиот“ фустан.
Роберт Гордон Меки е роден во 1939 година во Монтери Парк, Калифорнија. Дизајнерската кариера ја започнал како цртач на скици за Жан Луј, француско-американски костимограф.

Една од првите задачи на Меки била да нацрта скица за фустанот што Мерилин Монро го носела кога во 1962 година му ја отпеала познатата верзија на песната „Happy Birthday, Mr. President“ на Џон Ф. Кенеди.
Во 1960 година се оженил со холивудската пејачка и актерка Лулу Портер, но се развеле три години подоцна. Имале син, Робин, кој починал во раните триесетти години од животот од болест поврзана со СИДА.
Меки бил во врска со иранскиот моден дизајнер Реј Агајан од 1963 година до неговата смрт во 2011 година.
„Мислам дека сум најстариот жив дизајнер во Холивуд“, изјави Меки за „Гардијан“ во 2018 година.
На прашањето дали некогаш ќе се пензионира, едноставно одговори: „Се надевам дека нема.“