Сутерен.мк

Првата севернокорејска шефица на дипломатијата

За прв пат во својата политичка историја, Северна Кореја именуваше жена за министер за надворешни работи.Чое Сон Хуи е назначена за шефица на дипломатијата.

Чое Сон Хуи, поранешната заменик-министерка за надворешни работи, беше назначена за шефица на дипломатијата на состанокот на владејачката партија со кој претседаваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг ун.

Родена во 1964 година во Пјонгјанг, Чое е ќерка на поранешниот севернокорејски премиер Чое Јонг Рим. Студирала во Северна Кореја, Кина, Австрија и Малта и течно зборува англиски. Својата кариера како преведувач ја започнала со учество во нуклеарните преговори во 1997 година.

Таа одигра клучна улога за време на самитите на Северна Кореја со САД, под претседателството на Доналд Трамп. Нејзините изјави објавени во севернокорејските државни медиуми се менуваа меѓу заканата од „нуклеарна пресметка“ до понуди за дијалог. Таа во Ханој седна до севернокорејскиот лидер на преговарачка маса.

Во една од своите последни изјави ги повика САД да ја прекинат „непријателската политика“ против Северна Кореја, вклучително и заедничките вежби со Јужна Кореја.

Нејзиниот политички став е дека севернокорејската програма за нуклеарно оружје е единствената сигурна заштита за суверенитетот на земјата. Сепак, нејзиното назначување може, во извесна смисла, да се толкува како одраз на подготвеноста на Пјонгајнг да отвори пат за дијалог со САД.

Дипломатката го наследува Ри Сон Гвон, член на „тврдото крило“, кој претседаваше со разговорите со Јужна Кореја и кој беше назначен да го води Одделот на Обединетиот фронт на партијата задолжен за управување со меѓукорејските односи.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *