Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска ја одобри таблетата на производителот „Фајзер“, која се продава под името „паксловид“ и ќе стане првиот орален антивирусен лек против оваа болест одобрен во Европската Унија!
Истражувањата покажале дека лекот значително ги намалува хоспитализирањата и смртноста кај пациенти со ризик од развој на тешка болест и треба да биде ефикасен против сојот омикрон.
Антивирусни лекови дејствуваат така што ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира и на тој начин ја инхибираат болеста.
Овој тип лек може да означи чекор кон крајот на пандемијата бидејќи е лесен за употреба, може да се зема дома со чаша вода.
Европското регулаторно тело препорача одобрување на употребата на „паксловид“ за третман на ковид-19 кај возрасни на кои не им е потребна кислородна поддршка во лекувањето и кои имаат зголемен ризик од развој на тешка болест.
САД, Канада и Израел се меѓу ретките земји кои веќе ја одобрија употребата на оваа таблета на „Фајзер“.