Сутерен.мк

Причини за радост

Грчки мит раскажува дека една прекрасна девојка – воин, израсната во безусловна слобода била своевремено најбрза на светот. Татко и, и покрај почитта кон независноста на својата ќерка сепак, сакал таа да го прифати традиционалниот начин на живот, да се омажи и да има семејство. Девојката, Атланта поставила еден услов, што таткото од љубов кон ќерката го прифатил: таа ќе се омажи, но за оној кој ќе ја победи во трчање! Само еден младич, Хипомен, кој долго време бил вљубен во Атланта, го прифатил предизвикот иако знаел дека нема шанси да ја победи љубената. Помош побарал од Афродита, божицата на љубовта, која му дала три златни јаболка.
Кога почнала судбинската трка, Атланта лесно добила предност пред Хипомен, но тој го фрлил првото златно јаболко пред нејзините нозе. Девојката не можела да му одолее на сјајот на скапоценото овошје и застанала да го земе. Истото се случило и со следните две јаболка. Така ја изгубила трката и, слободата…
Повеќеслојни се пораките на приказнава, но очигледна е онаа дека материјалното знае да не заслепи и да заборавиме кои сме.
Знам дека ќе прозвучам како – никому потребните и „ничим изазваните“ – лајф коучи, но од лично искуство зборувам: секогаш треба да имаме нескромни, но реални желби! Да не жалиме за изгубеното и многу, мнооогу да очекуваме и од себе и од другите! Ќе се разочараме речиси секогаш, ама тоа не е причина да се задоволуваме со малку.
Не со предмети (и онака само зафаќаат место и прашина), туку да тежнееме, затоа што и ни припаѓаат, кон чекори исполнети со леснотија, соништа со страст, возвратена лојалност, искажано сочувство, признание за сработеното. Да не храбри љубовта кога сме сами, да имаме можност да направиме избор, па макар и погрешен.
Секој ден да имаме барем една причина за радост.
За насмевка.
Да го доживееме барем еднаш, она толку потребното – едно фала и, едно извини…

Бранка Доневска Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us