Сутерен.мк

Рамнодушност

Точно е дека луѓето секогаш нешто чувствуваат, ама тоа што можат секогаш да го почувствуваат не се чувства, односно емоции. Различните чувства во нашето тело секогаш можеме да ги регистрираме, но емоциите ги доживуваме само повремено, во некои ситуации. Дали ќе го доживееме некое чувство или не, не зависи од ситуацијата туку од тоа како ние сме ја сфатиле и оцениле истата.

Емоциите ги доживуваме тогаш, кога оценуваме дека ситуацијата е многу битна. Ако мислиме дека е важна на негативен начин, затоа што мислиме дека во неа е загрозена некоја наша вредност, тогаш ќе почувствуваме негативна емоција. А, ако ситуацијата ја оцениме како важна на некој позитивен начин, резултатот ќе биде пријатно сеќавање. Колку повеќе ни е важна ситуацијата, толку и чувството ќе биде посилно.

Што чувствуваме кога не проценуваме дека сме во некоја важна ситуација? Тогаш не ни размислуваме за своето доживување, а ако обратиме внимание, можеме да забележиме и дека не чувствуваме ниту една емоција. Тоа чувство на нечувствителност е рамнодушност.

Зборот рамнодушност често има негативно значење. Овој поим го употребуваме за да опишеме некој кој би требало нешто да чувствува, ама тој не може. Неговата „рамна душа“ значи дека е рамнодушен. Но, некои тоа чувство на неосетливост го опишуваат како смиреност.

Кога е некој рамнодушен во однос на некоја конкретна ситуација, тој покажува дека таа ситуација не го загрозува неговиот систем на вредности. Кога некој рамнодушно набљудува како една личност малтретира друга или мачи животно, тој покажува дека не сочувствува со жртвата, дека му е сеедно како таа се чувствува и што ќе биде со неа понатаму. Затоа и некогаш рамнодушната реакција е израз на пасивно непријателство! Рамнодушноста може да биде и израз на презир.

Кај некои луѓе, рамнодушноста е повремена реакција на некои личности или ситуации. Тоа се нарекува ситуациска рамнодушност. Кај другите, рамнодушноста може да биде основен однос кон животот, светот и опкружувањето,така што тоа се нарекува структурна рамнодушност или апатија. Појавата на апатија е знак дека некој веќе нема повеќе желби, дека не гледа важни цели пред себе, дека не е поврзан емоционално со светот, дека ништо веќе не му е битно. Волку „рамна душа“ може да биде знак дека некој се откажал од животот. Апатијата е тешко пореметување, кое е составен дел од сложената душевна болест – шизофренијата.

Кога во некое друштво или заедница, подолго време се случуваат голем број на негативни работи, тогаш луѓето, кои се дел од тоа опкружување, а за да се заштитат од сопствените негативни емоции, почнуваат да ги подигнуваат праговите на својата чувствителност. Резултатот е дека припадниците на заедницата колективно „отрпнуваат“ – она што порано ги возбудувало, веќе ја нема таа моќ. Затоа општествената и политичката апатија е многу битен знак дека на тоа општество му е потребна помош!

Д – р Зоран Миливојевиќ, психотерапевт

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us