Сутерен.мк

Роберт Перишиќ: Човек од теренот

Несомнено, Роберт Перишиќ (1969) е еден од најзначајните хрватски автори, кој остава значаен белег во модерното балканско книжевно творештво. Перишиќ е човекот кој за своите дела ги собра сите суперлативи на овдешните книжевни критичари, почнувајќи ја кариерата како новинар, колумнист и уредник во многу хрватски медиуми.

Роден е во Сплит, а живее во Загреб, каде што и дипломирал на Филозофскиот факултет. Како што вели, во моментов се одмора од новинарството на коешто потрошил две децении и му било начин да обезбеди сигурна егзистенција што ќе ја инвестира во литературата и пишувањето. Иако неговото име сѐ уште стои во импресумот на неделникот „Глобус“, последниве две години откако неговиот прв роман, „Наш човек на теренот“, е издаден и во САД, многу ретко работи за медиумите. Признава дека ова е ризичен потег во однос на егзистенцијата, но истовремено е и широк хоризонт што му овозможува целосно посветување на книжевното творештво.

Неодамна во Хрватска е објавен и неговиот втор роман, „Подрачја без сигнал“, опишан како урнебесен, ироничен и брутално сентиментален (пост)транзициски „тур де форс“. Неговите книжевни критики во хрватските медиуми, но и збирките раскази, песни и романи, се меѓу најчитаните на просторот на поранешна Југославија. Не само поради интригантноста на содржината туку и поради луцидниот и духовит начин на искажување на неговите ставови.

  • Имате ли коментар за она што се случува со Вашиот колега Борис Дежуловиќ и отказот што го доби за текст напишан пред три години во „Слободна Далмација“?

-Актуелен е тој случај деновиве. Тоа се веројатно некои процеси што се одвиваат во весникот. Дежуловиќ е новинар од кого не се откажувате толку лесно, затоа што е многу читан автор и човек со одредена улога и одредено влијание во јавниот живот во Хрватска. Затоа по малку е чуден гестот на „Слободна Далмација“.

  • Какво е Вашето мислење за новинарството на Балканот?

– Тешко е сега да се најде некоја ефектна и прецизна дефиниција, но секако дека тоа е новинарство што премногу длабоко се закопало во локалната слика на светот. Кога сте надвор од својата земја и од дистанца ќе земете да прочитате некој весник, ќе видите дека некои теми што се важни за нашите средини во суштина не се теми, туку дневно-политички „дешавки“, изјави, секогаш проследени со многу препукувања. Недостига рамка што ќе им даде смисла. Значи, таа наша креирана стварност по малку заличува на „бигбрадерска“ реалност, односно важноста на тоа кој е во куќата, кој излегол, кој ќе влезе… Во тие моменти овие работи стануваат многу важни, не претпоставувајќи дека сите во комплет ќе ги заборавиме веќе следната сезона.

  • Дали медиумите креираат извртена реалност?

– Не, не, таа е реалноста. Нашето новинарство е со толку ограничен досег што некој странец, на пример, нема да разбере што се случува. Тоа зборува за тоа колку овие општества во суштина се мали, бидејќи медиумскиот свет се формира според големината на државата. Некоја вест е прва или втора во вестите само кај нас, а во друга земја нема ни да влезе во тајмингот за дневник. Толку е безначајна.

  • Каде ги барате приказните за расказите, песните, романите?

– На терен. Јас сум човек од теренот. Ги пишувам набрзина уште додека ми се свежи во главата.

  • Во Вашите романи средината во којашто се одвиваат настаните е опишана прецизно. Колку општеството и неговите карактерни особини се добар мотив за едно книжевно дело?

– Тоа е секогаш работа на авторот, кој влез ќе го одбере за да разработи одредена тема. А, влезови има многу. Кога пишував кратки приказни, тогаш земав поинаков облик на фокусирање на стварноста. Кога пишуваш романи, мораш да ја опфатиш и заднината на општеството во коешто се движат ликовите. Единствено така ќе бидат сфатливи и ликовите и нивните постапки. Кога некој автор од САД, на пример, пишува роман, не мора да објаснува многу, затоа што на сите ни е приближно јасно во кој свет живее тој.

Моите романи се општествени и произведуваат специфични заплети токму поради природата на опкружувањето во коешто функционираат ликовите. Не судам за своите книги. Не тргнувам од некоја автобиографска желба за исповедување. Ми се чини дека примарно е да бидат обработени некои теми што се перципирани малку или не се перципирани воопшто.

  • Зошто го одбравте хуморот како главна шина по којашто се движи и се раскажува приказната?

– Мене ми е важен хуморот, затоа што, во суштина, некои работи не можат да се објаснат без парадокс. А парадоксот е секогаш по малку смешен од едната и тажен од другата страна. Хуморот е присутен и како начин без којшто не може да се поднесе животот. Кај мене тоа е хумор што не е шутнат на прва топка, веднаш, како раскажана шега, туку како слика на она што оди накриво. Духовитоста мора да биде присутна и поради желбата да се избегне патетиката.

  • Дали би можеле да живеете во Скопје?

– Да, сигурно. Мислам дека ќе се враќам во Скопје, затоа што ми се допаѓа живоста на градот и луѓето. Можеби звучи како стереотип, но овде е присутен еден момент карактеристичен за Југот што е витален, без оглед на проблемите што постојат. Тоа е мојата импресија. Често излегувам во Скопје со различни луѓе. Многу ми се допаѓаат ноќниот живот во Старата чаршија и нејзината мистичност. Затоа најчесто сум таму.

  • Кога би можеле да избирате, каде би живееле?

– Јас сакам да се движам. Ретко сум во Загреб, а уште помалку во Сплит, каде што сум роден и каде што живеат мајка ми и брат ми. Кога некој е долго време во некоја средина и поминува многу време со едни исти луѓе, сѐ што се случува му изгледа како нешто многу битно. А не е. Многу е здраво, барем за луѓето како мене, кои немаат постојана работа и може да пишуваат каде било, да се движат. Сакам да се движам и да патувам. Конкретно, кога би можел да избирам, идеален град за мене би бил оној каде што се среќаваат сите градови. Такви се Њујорк и Берлин.

  • Дали луѓето им даваат душа на градовите или обратно?

– Еден град, сам по себе, според својата структура или според своето централно место, може да го одреди неговото функционирање. Ако има душа, тогаш има и приказна со којашто дише, што се објаснува тешко. Во секој случај, градот тогаш има и вкус и мирис, дури и допир. Во секој случај, луѓето ги облагородуваат градовите.

  • Имате ли своја дефиниција за љубов?

– Во секој случај, љубовта има многу опции. Тоа што ние го сметаме за љубов е многу ограничен поим, бидејќи веднаш помислуваме на врска меѓу маж и жена. Љубовта би била нешто како позитивна емоција. Лошо е тоа што љубовта со себе секогаш носи многу товари. Треба да знаеш и да научиш како да ги носиш.

  • Колку е таа присутна во Вашите дела?

– Во мојот прв роман, „Наш човек на теренот“ (издание на Македоника литера, н.з.), имав една интересна сцена. По десетгодишна љубов меѓу главните ликови, ним им се накалемени разни долгови, сметки и кредити. Двајцата љубовници кои толку романтично и нежно се сакаа, одеднаш станаа бизнис-партнери. Тие се соочуваат со урнатини и плевел и заедно се не затоа што сакаат, туку затоа што мораат.

  • Дали мажите и жените се од различни планети?

– Не се, се разбира. И кај едните и кај другите постои голема желба да се биде различен. Тоа е и пропагирано во средини како нашите. Додека на Западот тоа е тотално релативизирано, кај нас сѐ уште на момчињата им се вели „немој да плачеш како девојче“, „не носи црвена, розова маица“… Тоа се товар и неприродност, што раѓаат невротичност. Тоа ги оддалечува мажите од себеси и тоа е, во секој случај, лошо. Во суштина, тоа е еден културен и општествен проект во којшто живееме.

  • Кога ќе Ве прашаат зошто не сте оженет, што одговарате?

– Затоа што сум разведен.

  • Дали постои машко-женско пријателство?

– Ако не си оптоварен со сексуалноста, се разбира дека постои. Ако некој е на сопирачка, а другиот на гас, тогаш е само прашање на време кога пријателството ќе се претвори во нешто друго.

  • Што правите кога не читате и не пишувате?

– Понекогаш читам затоа што сакам, но читам и затоа што морам. Додека работев како книжевен критичар, секоја недела морав да прочитам некоја книга, нешто како професионален читач, без оглед дали ми се читаше или не.

  • Како се релаксирате?

– Сакам да шетам. Сакам да сретнувам луѓе, да седам во кафулиња и кафеани. Тоа за некого може да звучи како губење време, но за мене е есенцијално. Само така, на терен, можеш да слушнеш приказни и да запознаеш различни профили на луѓе со свои особености. Не сум се прославил со некое хоби, затоа што го немам. Во оваа смисла сум многу здодевен, признавам. Фудбалот го оставив во средното училиште. Почнав да пушам и засекогаш расчистив со него.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2015 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *