Сутерен.мк

Родилиштата како мачилишта

„…Повеќе од 80 проценти од жените наведуваат дека претрпеле ’медицинска небрежност’, и голем дел се жалат од односот на медицинскиот персонал, но едвај три проценти поднеле официјална жалба и тужеле.
Нивните сведоштва се одраз на општата тенденција жените да не се слушаат и да не им се верува, како и на недостатокот на доверба кај жените во ефикасноста и праведноста на судовите.

’Кога одат во породилното одделение жените се во ранлива положба, институцијата ја покажува својата моќ врз нив и тие едноставно стануваат безгласни букви во целиот процес’.

Една од родилките кои навеле дека го изгубиле бебето е Дина Ангелова, по потекло Русинка, која живее во Северна Македонија.

Ангелова за БИРН раскажа дека плодовите обвивки ѝпрснале додека била дома, и дека со амбулантна кола била донесена во општата болница во Куманово, град во северниот дел на земјата.

’Таму почнав да крварам, тоа траеше три часа’, вели таа. ’Но вработените беа крајно непристојни и ми се развикаа затоа што сум правела неред во болницата. Ми рекоа дека сум отворена, но дека бебето е премногу високо и не можам да раѓам’.

’Агонијата траеше повеќе часови. Барав царски рез, но ми рекоа дека сè е во ред’. Доктор, кого Ангелова го опишува како постар и поискусен, се развикал на медицинскиот персонал, велејќи им дека ’ќе ја изгубат и жената и детето’.

Конечно, бебето било родено, но било ставено во инкубатор и пренесено во главниот град, Скопје. Ангелова ја задржале во Куманово. Потоа телефонски ѝ јавиле дека бебето умрело, а Ангелова сама побарала отпуст од болницата.

’Никогаш не го видов бебето’, вели таа. ’Па секогаш кога одам во црква палам две свеќи, една во случај бебето да е некаде живо, а една ако е мртво’.

Аутопсијата покажала дека бебето проголтало премногу плодова вода. Ангелова вели дека други доктори со кои се консултирала ѝ рекле дека ако ѝ направеле царски рез детето ќе преживеело.

Ангелова го пријавила случајот во Јавното обвинителство во Куманово од каде за БИРН изјавија дека побарале да се спроведе истрага од полицијата, а барале и екпертско мислење од Институтот за судска медицина во Скопје, кое допрва треба да им биде доставено.

’Само сакам да се дознае каде е вината и да се казнат виновниците за други мајки да не го поминуваат она што го поминав јас’, вели Ангелова.

Многу други родилки се соочуваат со слични искуства во Северна Македонија, земја со една од највисоките стапки на смртност кај новороденчињата и родилките во Европа.

Смртноста кај новороденчињата падна на рекордно ниско ниво во 2018 година, со 5.7 на секои 1.000 живородени деца, но сепак беше повисока од просекот од 3.5 на Европската Унија за таа година.

Според извештајот на УНИЦЕФ од февруари 2018 година, Северна Македонија има втора највисока стапка на смртност во првиот месец од животот во Европа, а пред неа се наоѓа единствено поранешната советска република Молдавија.

…’Начинот на кој се постапува со новите мајки, недостатокот на грижа…. остава неизбришлива трага врз сите нас, и извесно е дека сите добро ќе размислиме пред да се одлучиме за следна бременост’…
…’Малтретирањето и насилството врз жените во службите за репродуктивна здравствена заштита и гинеколошко-акушерските установи е појава што е присутна секаде во светот и која ги погодува жените од сите социо-економски слоеви’.

Насилството при породување опфаќа физичка злоупотреба, принудни медицински зафати, или зафати спроведени без согласност, одбивање да се дадат лекови за обезболување или анестезија, нарушување на приватноста, но исто така и понижување и вербална злоупотреба…“

Повеќе на prizma.mk…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *