Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Неизвесна независност

Минатиот месец го прославив мојот педесетти роденден, или што би рекол мојот очен лекар, сериозно истрчувам во второто полувреме. Случајно или не и мојата Македонија славеше јубилеј, 30 години независност.
И кога се случуваат јубилеи, неминовно е да се вратам наназад, и како на филм во мојата глава да ги изгледам изминатите години, затоа што и двата јубилеја сакала или не, се испреплетуваат меѓу себе.

Кога мојата Македонија ја дочека својата независност имав 20 години и сто торби полни надежи. Како минуваа годините, торбите се ветвеа и празнеа, а моите години се зголемуваа. Сега на триесет годишнината од роденденот на Македонија, сватив дека веќе немам ниту една торба.Надежите отишле во неповрат. Не затоа што сум престанала да се надевам, туку затоа што тие што требало да ги исполнат желбите и надежите на една генерација, не успеале да ги исполнат своите лесно изговорени ветувања. Ветувања, дека заедно во својата земја ќе го доживет својот раст и растеж на демократијата, и се што таа носи со себе. Економска стабилност, политичка коректност, конкурентност, натпревар во знаење, валоризација на трудот, мерливост на компетенциите, напредок според утврдени норми, берза на трудот, независност на судството, право на избор….

Често пати знам да се шегувам и да кажам дека мојата генерација е жртва на транзицијата. Жртва на лажните политички месии, кои од земјава направија обратно од се што очекувавме. Успеаа да го уништат зборот право и правда, знаењето да го сведат на дното, неспособноста да биде предност, напредувањето да оди низ нечии листи, изборот да биде меѓупартиска книшка и билет за надвор од земјава… И не само тие. Сите ние успеавме да ја испоганиме земјата, да ги уништиме нејзините природни убавини, да го извалкаме нејзиното име, успеавме да ги отруеме водите, да го изместиме системот, да го битисаме образовниот и здравствениот систем… уште љубовта кон неа ни остана.

Ама државниот врв одлучи да празнува. Да направи дефиле, на кое ќе ја презентира својата според нив надмоќ, а според народот немоќ. Видовме со што се располага нашата НАТО армија, ама и нашата полиција. И имаше што да видиме особено полицијата. Ги видовме дури популарните “марици“, со кои дежурните полицајци ги собираат алкохолизираните лица, проститутките што одлучиле да ја сменат трасата на шетање и оние малкумина што не ги почитуваат Ковид – мерките и се бунтуваат протов нив. Ги видовме и пожарникарите и скалата на Шилегов, и се сетив на пожарите кога за малку ќе изгореше половина Малешевија. Ги видовме и малкуте здравствени работници, кои одлучиле да продефилираат, и се разбира беа бурно поздравени. Малку, затоа што добар дел од нив се борат за животот во ковид центрите и немаат време да дефилираат. Видовме од се по нешто. И цело време размислував кој недостасува на дефилето. Се сетив електричните тротинети на министерот за надворешни работи Бујар Османи и Киро манго со ФАПОТ од Струмица.
Државата прослави, ама прославив и јас. Пеевче. Во кругот на семејството согласно препораките за заштита од корона вирусот.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *