Сутерен.мк

Самотија и осаменост

Повеќето аналитичари потенцираат дека во денешно време, кога многу се зборува за тимско работење, луѓето сепак, најмногу време поминуваат така што нешто работат во самотија. Способноста човек да функционира без проблем сам е една од најважните и се учи во детството.

Секако, не е добро кога некој е предолго сам, но не е добро и да се бега од самотијата, да не може таа да се поднесе. За оние кои се постојано опкружени со „некого“, Далај Лама своевремено изјави дека секој треба најмалку 20 минути во текот на денот да биде сам!

Да се биде сам и осамен не е исто. Осаменоста е непријатно чувство и таа не е нужно поврзана со самотијата. Осамен може да се биде и со куп луѓе околу себе! За разлика од неа, самотијата е потребна и може и тоа како, повремено да се ужива во неа!

Писателот, активистот и психотерапевтот д-р Зоран Миливојевиќ, вели дека правило е луѓето да „трошат“ време на она што навистина им е важно. Затоа оние кои „немаат време“ за себе всушност, го трошат времето на она што им се – чини важно!

Многумина најдобро се опуштаат кога се сами со себе. Во самотијата луѓето често се бават со своето тело. Некои пак, кога се сами запаѓаат во некој вид на спонтана медитација, при што во свеста им се јавуваат разноразни асоцијации. Затоа некои својата креативност ја поврзуваат со самотијата – тие едноставно, не можат да творат во присуство на други луѓе!

Главната придобивка од самотијата е средувањето на сопствените мисли, да се направи преглед на настаните, емоциите, носење на заклучоци, учење… Впрочем, многумина психолози тврдат дека луѓето кои не можат да живеат сами дури ни кус период, не се во состојба да носат одлуки, поставуваат цели и прават планови за иднината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *