Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Двете

Во овој невообичаен период од животот во кој светот или човештвото од природна потреба на чистење или од човечка алчност, се прпелка секојдневно во немоќта, пред очите ми излегува слика на Двете. Ги сретнав многу одамна. Имаа свои имиња, но секогаш беа заедно и за себе велеа: „Ние, двете“. Така и јас ги ословував, иако не ми беше јасно зошто. Не бев на чисто ниту која е нишката што екстремната различност ја спојува. Да бидат заедно, а да се различни по социјалниот статус, по однесувањето, по карактерните особини, по облекувањето. Небаре сијамски близначки! Нејсе!

Двете не можеа една без друга. Останаа нераскинлив дел уште од детството, кога го „шпартаа“ моето тесно опкружување, па до денот денешен, кога се вивнаа во светот. Две во едно. Ха! Црно и бело. Која е црна, а која е бела зависи од перцепцијата лична или колективна. Зависно од целта кон која се стреми набљудувачот и каква полза ќе има од едната или од другата. Многу прилики имав да се среќавам со нив, но некако најдраги ми се сеќавањата од младоста. На времето кога толку бев простодушна што влијанието од едната го почувствував на своја кожа, додека другата иако знаеше дека не е така, не се мешаше и не сакаше да ме окуражи, да ми помогне. Но, не е се така како што во даден момент ни се чини. Таа, другата, сепак многу ми помогна. Ми даде една животна лекција, ми ги изостри сетилата, ме подучи дека за се постојат најмалку две страни. Хм!

Па и Двете се токму тоа. Едната секогаш насмеана, со широко отворени очи, со певлив и пријатен глас за слушање, со цврсти чекори од кои блика сигурност, подготвена на се, на ништо-никако и никогаш. Привлечна за многумина. За мене чудна и неразбрана. Другата тивка, срамежлива, со ситни чекори и безмалку секогаш чекор-два зад првата, со малку спуштени капаци на очите затскриени зад долгите свиткани клепки, замислена, чинам во очекување да скокне преку широко корито на матна река. Кога првата ќе се расприкажеше „Од Кулина Бана, до данашњег дана“, елоквентно и убедливо, а слушателите внимателно и напрегнато ќе ја слушаа, ќе се доближев до втората, оти таа ми беше и сеуште ми е поинтересна. Тогаш со напрегање ќе го слушнев нејзиниот премногу тивок шепот. „Post nubila Phoebus” (После облаци Сонце)!

По ноќешното невреме кога Небото се распука на ситни парчиња, а грмотевиците и молњите ме сетија на болките при изнедрување нов живот, во моите кошмарни сни, ме потсети дека она што човечкиот род не може да го исчисти, а премногу го извалка (ама и не запира во валкањето), тоа ќе мора природата или Создателот. Како милувате!
Утринското Сонце тивко и насмевнато полека навести топол јулски ден.

Имавме повеќе такви ноќи и утра и таа 1979-та година во акцијашката населба во близина на Загреб (Хрватска). Војнички организирано со сите правила и прописи и по хоризонтала и по вертикала. Само што по појадокот не земавме пушки туку лопати и крампови. Во автобусот наспиените бригадири раскажуваа шеги, досетки, пееа песни, а оние кои ноќта биле полубудни или будни од младешките немири, дремеа потпрени на седиштата од автобусот. Ненаспиени беа и тие кои ноќта биле дежурни (пожарни) по два часа, уште повеќе пак оние кои по казна (често пати неправедно по нечие кодошење) биле на прекуредно дежурство и тоа три или четири часови. Тоа утро јас бев во втората група, оти на командантот и на неговите пиунчиња и шпиунчиња не му се допаѓаше мојата искреност и поинакво мислење од неговото. Не сфаќав дека во на високо ниво организираната ОРА „Сава“, треба да научам дека униформата што ја носевме обврзува на молк, на почит и на она со што не се согласуваш. На хиерархија поставена од некои си високи органи,тела,… Нејсе! Во полусон слушнав како најзабавната група на задните седишта на опашката од автобусот нешто раскажува. Не именува, но не беше тешко да се препознае кому му е наменета приказната. Најчесто накитена за да биде поинтересна. Ха!

– Ноќеска ме разбудија грмотевици и кога ги отворив очите гледам две бригадирки скокаат од прозорец и тивко се губат во темнината, вели еден од забавувачите.

– Како скокнале? Леле! Вистина? Кои беа? Љубопитно прашува другиот преправајќи се дека не ја знае измислената приказна. Останатите забавувачи гласно се смеат, некои и намерно подобро да ги слушнат будните и да се разбудат поспаните.

– Еее, двете другарки што спијат на креветите на кат една под друга, до ѕидот со кој бараката е одделена од спалната на командантот, oбјаснува детално актерот.

Другарка ми Марина ја поткренува главата наслонета на седиштето пред неа. Со лактот ме поттурнува. Ме гледа со ококорени очи од изненаденост и неверица.

– Овие за нас нешто измислуваат! Ама ние скокавме од прозорецот пред „повечерие“, а не ноќеска. Уф! Па ноќеска ти беше пожарна!, се чуди Марина, со која откако сфативме дека сме далеку од „ударничка значка“ и дека премногу ни е важна слободата од некакво си признание, нашето присуство таму беше за лична забава.

За среќа еден од групата забавувачи, неупатен или пак, совесен за измисленото сценарио, потпраша:

– А командантот каде беше? Зарем тој не го слушна скокот од прозорецот веднаш до оној на неговото сопче?

– Еее, не знам. Можеби бил на состанок во Штабот! Се обиде актерот да се извлече.
Ја поткренав главата и силно извикав дека командантот беше со неговата девојка, а не на состанок, оти јас бев пожарна на вратата, преку која ниту лилјак не може да прелета.

Наеднаш и ненадејно замолкнаа сите во автобусот, а Марина ми потшепна: – Опаа, вечер кога ќе стоиме пред јарболот на знамето командантот пак ќе ти одреди прекуредно пожарство. Тууу бре, викенд е, нема да можеме да гледаме филм. Ха,ха! Ма кој ги шиша, вечер ќе те дружам и пак ќе правиме забава, гласно се изнасмеа Марина.

Не ми беше важно што командантот ќе ме казни. Од се ми беше најважно да ја кажам мојата вистина, која од за нив, познати причини останатите бригадири замолкнаа. Во тоа време веројатно биле задоволни што тие нема да бидат пожарни или пак, што ќе добијат пофалница, „ударничка значка“. Некои од нив, кога се вративме во Куманово добија по некоја награда за заслуга (вработување или нешто друго), а командантот доби висока младинска функција и се до пензионирање ги менуваше фотелјите. Првите две-три години по тоа, ме одбегнуваше на улица, а потоа кога упорно му одев во пресрет да го погледнам в очи и да го прашам како е, верувале или не, се насладував на неговиот спуштен поглед и неразговетен одговор.
Можеби и затоа скромната и тивката од Двете ми беше миленица, оти таа беше за Вистината, а не како другарка и за Лагата.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *