Ајде да се изгушкаме, да се поздравиме до следното видување! Реков со погласен шепот. Со едната рака се држев за кваката, а и едната нога ми беше на половина чекор до излезот. Тој првин ништо не ми одговори, а јас прошетав со погледот по станот и по мислите да не сум испуштила нешто да кажам или да понесам. Неговиот молк и таинствен поглед ми ја разнежи душата, ме облеа топлина, ми го озари лицето. И уште еднаш го потсетив да ми пријде да се изгушкаме, да се поздравиме, не очекувајќи го неговиот одговор. Ме гледаше без трепет и со сериозен тон одговори дека не може, дека нема гушкање, затоа што тој има бактерија. Се насмеав и наеднаш излегов, затворајќи ја вратата од станот. Со невообичаено забавени, по малку и тешки чекори газев по скалите, за среќа удолу. Ми беше и смешно и чудно. Се обидував да се сетам како ни измина денот. Многу се гушкавме. Му велев дека многу го сакам, а потоа тој мене истото ми го кажуваше. Не изостануваше и кратко објаснение зошто јас него, а зошто тој мене, го сакам и ме сака. Цел ден не споменавме никаква бактерија, ниту пак некој од нас двајцата се накашла, ниту кивна. Но…
Откако почна претераното гушкање на познајници, на оние од средната генерација, помалку на старите, а најмногу на младите, не можев да најдам одговор од каде и зошто сето тоа. Особено, што ми беше јасно дека во тие пропагирани гушкања и размена на енергија со многу луѓе ниту е искрено, ниту пак некому нешто му значи. Мода. А се што е модерно не значи дека е полезно, а уште помалку и премногу човечно. Ми беше многу непријатно во периодот кога имав алергија на лицето, со правдање да го избегнувам гушкањето. Морав да им напоменувам дека имам алергија на кожата и дека по речиси секое гушкање осипот ми се активира. Често пати забележував дека луѓето забораваат и дека гушкањето им стана некаква механичка навика, без емоција, без чувство, без таа толку експлоатирана позитивна енергија. Очевидец бев и на шушкања против некого кој ни се доближува, а кога ќе се сретневме се зачудував на лицемерната насмевка и гушката со задршка. Чуму сето тоа! А гушкањето продолжуваше. По социјалните мрежи се промовираа и проекти за гушкања кои ништо не не чинат. Верувале или не, со нетрпение очекував да дојде мигот кога гушкањето ќе си го врати вистинското значење.
Се почесто почнаа да не напаѓаат разни вируси. Мутанти, аѓутанти, фолиранти, емигранти, одомаќени, еднодневни, седмодневни,… Сепак, гушкањата продолжија. На улица, во јавен превоз, на автобуски постојки, по кафулиња,… Наместени насмевки, вообичаени прашања на кои оној што прашува не го ни дослушува одговорот. Зошто му е одговорот, кога уште утре пак ќе го испали како од топ и пак исто. Се повеќе гушкања, се помалку човечност.
Наеднаш се појави корона или ковид 19, кој според стручњаците мутира, шета, се шири, ослабнува, се засилува, уништува и опоравува. Страв. Стравот е најтешката болест. Стравот е и психолошка војна. И од таа војна, како и од секоја, победници се профитери. Но, ние обичните непрофитабилни најбројни нездружени здруженија сакале или не, преку ноќ станавме помали или поголеми жртви. Меѓу најразновидните препорачани мерки и упатства за заштита од смртоносниот вирус (а кој вирус пак, не може да биде смртоносен) потрчавме да набавиме маски. Аха! Да ја засилиме заштитата на нашите карактери зад кои се крие лицемерие, завист, злоба, нечовечност, омраза кон се, кон секого, кон самите себеси. Си помислив дека секоја мода има најмалку една своја сезона. Не знам дали носењето видливи за заштита на невидливите маски ќе потрае, но добро знам дека во многу лоши работи секогаш постои нешто добро. Секогаш сакам да го извлечам доброто. И корона чинам, не е само вирус, туку нешто многу повеќе од тоа. При тоа не мислам ниту на профитерите, на фармакомафијата, на воените сили, на уништувачите на економијата во некоја земја и на уште многу друго. Корона е опомена, сигнал, дека нешто треба да смениме.
- Да се гушнеме, цмок, цмок, цмок! – ми вели мојот тригодишен внук, по два дена, откако ми ја спомена бактеријата.
- Бактерија имаш или не? – го прашав, со насмевка.
Се насмеа и одважно ми рече дека се шегувал.
(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)