Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Моите чудни обетки

Тоа сиво ноемвриско рано претпладне побрзав на време да стасам на договорената средба со еден од директорите на културна институција. Студот го отргнував со комплетна зимска облека додека низ главата ми скокаа прашањата за темата на која ќе разговараме. Беше одличен соговорник, со кого може да се зборува без да се почувствува времето. Во близина на зградата се потсетив да проверам дали обетките ми се на ушите, откако вечерта ги наоѓав на две различни места. Се уверив дека се тука и пак ги вратив ракавиците на раце.

Насмеаниот и љубезниот директор потстана од столчето да ми посака добредојде и ме покани да се сместам каде што ќе ми биде најудобно. Го избрав најблиското спроти него за разговорот да биде „очи в очи“, а и тонот во диктафонот да биде чист. Наеднаш заринка фиксниот телефон и тој со извинување ја крена слушалката. Службен повик. Наеднаш пред мене на масата прекриена со стакло падна нешто предизвикувајќи ѕвонлив звук. Пред моите дефектни очи подготвени за четврта хируршка интервенција се стркала една од моите обетки. Неоткопчана. Ја превртев од сите страни, го погледнав директорот кој уште зборуваше со погледот кон ѕидот, на брзина ја ставив во чантата и ја отфрлив мислата за обетките. Со нив ќе се позанимавам откако ќе го завршам разговорот. Помислив да го прашам што значи ова. Веднаш се откажав. Телефонскиот разговор заврши, директорот се врати на местото спроти мене и првпат започна деконцентрирано. – Исклучи го диктафонот те молам, ајде од почеток – вели. И така, неколкупати. Лицето му се зажари. Ситни капки пот му паѓаа од челото кон очите. Се вознемири. Му упатив некој збор за охрабрување, оти знам дека темата не му е непозната, дека нема трема,… „По ѓаволите! Што се случува со човекот?!“, се прашував. По можеби двочасовно мачење да го каже тоа што требаше, на мојот диктафон останаа забележани испрекинати реченици, чкрапања од вклучи – исклучи, што подразбира многу време за составување на текстот.

-Не знам што ми е денеска! Ова не ми се случило никогаш. Извини, те молам, верувам дека текстот добро ќе го направиш како и многу пати до сега! – му ветив да не се грижи, иако малку страхував да не се поткраде некоја грешка.

Додека излегував од зградата мислите ми се вратија на обетките. Кого да прашам за објаснување, а да не ме смести од другата страна на разумот, се прашував. Кај пријателите во една златарница влегов со насмевка, најавив дека само мене ми се случуваат глупости и веднаш ја ставив обетката на стаклениот рафт. Мојот пријател, искусен златар ја погледна од сите страни, се увери дека обетката е „читава“ и дека не може лесно сама да се откопча и пак да се закопча. Ја протркала неколку пати на рафтот, ми ги погледна ушите и слегна со рамениците: – Чуда се случуваат, а денеска е Свети Архангел Михаил. Оди в црква…
-В црква? Која? – прашав изненадено, оти в црква влегувам многу ретко.

„Чуда се случуваат!“ Ми татнеа зборовите. Чудо, нели е тоа нешто невообичаено што се случува во животот на луѓето со учество на некоја невидлива сила. За верниците е лесно, оти тие веднаш се повикуваат на божјата сила, божјата промисла или наум. За скептиците, атеистите и некои други тоа не постои. Мене неколку пати ми се случија „чуда“, кои им беа смешни на тие околу мене, иако беа сведоци.

Да не ми се случи третото необјасниво паѓање на обетките, првите две од претходната вечер ќе ги заборавев како и многу други случајности. Првото паѓање на „десната“ обетка беше незабележано, а ја пронајдов во аголот од кујната. Паднала и се стркалала таму каде што тогаш не сум поминала. За час-два второто паѓање се случи кога спокојно гледав телевизија, а во ракавот од тренерката почувствував дека нешто ми се запетлало. Хм! Ја извадив од ракавот и тивко се запрашав што е со обетката вечерва. Сопругот ме слушна, немо ме погледна и продолжи да ја следи програмата.

Обетките ги ставив на видно место во дневната соба, за да им го следам движењето. Се потсмевнував во себе и ги потпрашував каде ли наумиле да шетаат. Не се помрднуваа. Моите роднини и пријатели од разни професии во тој период ги испрашував за „чудо“. Ги гледаа, проверуваа, ги превртуваа меѓу прстите и немаа никакво објаснување. Ме гледаа и мене, веројатно помислувајќи си дека сум под стрес од она што ме очекува на операцијата. Можеби си помислиле и дека сум излегла од „рамката“ на разумот. За да не создавам тешки мисли кај луѓето ионака оптоварени со сопственото секојдневие, престанав да раскажувам за моите чудни обетки, кои подолго време останаа мирни во фиока.

Кога одлучивме да се преселиме, обетките ми излегоа пред очи. „Опаа, тука сте! Во новото живеалиште нема да „одите“,“ им се заканив со потсмев.

Ги ставив в чанта, се стрчав по скалите и забрзано ги однесов во златарницата на пријателите. Ги предадов на едниот од нивните синови, тој ја процени вредноста како на старо злато и ми ја кажа сумата која ни малку не ми беше важна. Сакав да се ослободам од нив со сознанието дека завршиле во топилница, таму од каде и што излегле.

Тоа е само еден од моите одбранбени механизми кога ги чистам непознаниците, непријатните, несаканите настани и учесниците во нив. Често пати успевам и на подолг рок да ме остават на мира. Но, мојот нервен систем не секогаш трајно се ослободува, та умее да ме изненади и да ме потсети на некого или на нешто. Да ме вознемири. Секако без одговор.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *