Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Пукна ли балонот или уште го дуваме!

Не знам кој ден е од изолацијата. Не е многу важно. Се охрабрувам дека секој ден не доближува до „слободата“. Хм, слобода, човечки права, голема заработка на лесен начин, на брзина, патувања и патувања без содржина, скапа, брендирана облека, шминки и доградби на лицето и телото да се смени личниот опис, да се личи на некој друг, бегање од природното, гнасење на природата, гнасни зборови исфрлани од устата упатувани кон близок, познат, непознат,сиромаштија…

– Балонот го дуваме постепено, но не запираме кога тој е најубав. Дуваме, дуваме да биде се поголем и на крајот тој пука. Ете, тоа сме ние,…, ми вели другарка ми Весна. Секој наш разговор исполнет со ведрина и смеење го завршуваме со по некоја „мудрост“.

– Уште сме далеку од тоа да почнеме да се менуваме и да бидеме подобри луѓе. Ова ќе трае долго. Премногу сме извалкани во душите. Згазивме се што беше човечно, вели мојата пријателка Неда, од друг континент.

– Она за што немав време, сега ќе го сработам. Секое лошо за добро, важно е да извлечеме поука и да се менуваме. Се надевам, вели драгата ми Душка од Флорида.

– Како сте? Ќе издржиме, сме издржале и многу други тешки години. Си наоѓам работа. Пишувам поезија, подготвувам настава за моите ученици. Како прваче сум, низ насмевка ми вели моја пријателка Рефика од Бихаќ, и патем додава да престанам да пушам.

– Тетка, ме нападна клаустрофобија. Не знам како ќе го издржам сето ова и до кога ли ќе трае. Каде да побегнам?, ми се обраќа внука ми Снежана од Србија.

Бегање нема и велам. Се сетив дека Лафонтен рекол дека наидуваш на судбината која си сакал да ја избегнеш. И препорачувам по нешто од она што знам дека и таа го знае, но да ја потсетам и да се обидам да и помогнам.

– Излези во дворот и диши длабоко барем триесеттина секунди. Работи го она за што до сега си немала време. Пеј и смеј се, духовита си. Насмеј се себеси и на своја сметка. Добро ќе е и за тебе и за домашните. Ха,ха!

– Ќе те послушам, вели и се исклучува.

Времето на „остани дома“ секому му е тешко. Или барем на повеќето. Некои дури се дрзнуваат да се спротивстават не почитувајќи ги мерките, кои секој ден ќе се заоструваат. Иако не радо мораме да прифатиме. И мене на пример, не ми се седи дома, особено кога знам дека тоа морам да го почитувам. Но, го почитувам заради службите кои своите работни обврски мораат да ги завршуваат без притисок и врвулици. Не сакам да употребувам лоши и кавгаџиски изрази кон никого. Секој треба сам да си дојде до сопствено сознание дека ова е за доброто на човештвото. Не, не, не е важно која теорија циркулира по интернетот. Која и да е, опасноста од вирусот е присутна.

Вирусот се разбеснел, им се налутил на луѓето и возвраќа. Колку и да ми е тешко, помислувам дека мора да издржам за да не ја сменам агрегатната состојба. И да не создавам дополнителни проблеми.

Туку, гледајќи ги сликите по интернетот како не се почитуваат мерките се мислам, дали и кога ќе почнеме да стануваме подобри луѓе. Кога ќе бираме зборови кога некому нешто треба да кажеме! Дали себеси ќе си се насмевнеме затоа што уште постоиме! Кога ќе почнеме да се однесуваме пољубезно, потолерантно, макар и преку маски да се поздравиме со насмевка, оти се чувствува и тоа! И ако некои човекот го нарекле хомо инвестигатор (човекот постојан истражувач), во ова чудно време да почнеме да си го истражуваме сопственото битие. Ако не за друго, барем за да го исполниме своето неограничено време. Лесно е да се исчисти домот, да се измијат рацете, но да пробаме да ја прочистиме сопствената внатрешност.

Чинам, тука најмногу работа има. Сега има и време. Нека биде и игра на дете, кое постојано се чуди и восхитува, поверува, па се сомнева.

– Не верувам дека вирусот ќе смени се. И преку маски ќе научат луѓето да бараат љубов, ама и да водат љубов. Љубовта мора да опстане и точка, вели другарка ми Весна, со насмевка, поднаместувајќи ја маската.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *