Секој Бонд бил одраз на своето време, сега е ред на Патинсон

Џејмс Бонд отсекогаш бил своевидно огледало на културните стравови и духот на времето во кое се снимале филмовите. Шон Конери ја отелотвори самоуверената машкост од раниот период на Студената војна, Џорџ Лејзенби внесе емоционална ранливост на крајот од шеесеттите, додека Роџер Мур во седумдесеттите донесе ескапизам и доза театрален хумор

Тимоти Далтон го врати ликот кон помрачните и побезмилосни корени на Ијан Флеминг, Пирс Броснан го претстави гламурозниот херој на постстуденовоената ера, а Даниел Крег во 2000-тите создаде физички силен, но психички повреден агент, обележан со трауми од детството, пишува The Conversation.

Од „Самрак“ до мрачниот Бетмен

Роберт Патинсон влегува во улогата со исклучително богата актерска биографија. По завршувањето на сагата „Самрак“, тој изгради статус на еден од најразновидните актери од својата генерација, склон кон предизвикувачки и често бизарни улоги – од психолошката напнатост во филмот Good Time до клаустрофобичниот „Светилникот“.

Дури и неговиот Бетмен од 2022 година беше изненадувачки мрачен и интроспективен. Таквиот актерски опсег отвора простор Патинсон да продолжи и да ја продлабочи помрачната визија за Бонд, која ја започнаа Далтон и Крег.

И визуелно, тој делува како спој од своите претходници – има извајано лице како Броснан, а интензивните тренинзи за Бетмен покажаа дека може да одговори на физичките барања на улогата, иако на 40 години е една деценија постар од возраста што продуцентите своевремено ја посакуваа за новиот агент 007.

Преиспитување на машкоста и нова доза хумор

На прв поглед, како Англичанец од повисоката средна класа, Патинсон може да изгледа како предвидлив избор. Но, тој веќе повеќепати успешно си поигрувал со неконвенционалните претстави за машкоста – од улогата на младиот Салвадор Дали во филмот Little Ashes, во кој ја истражуваше квир-желбата, до комичните улоги што ја исмеваат машката суета.

Токму хуморот би можел да биде неговото најсилно оружје. Зад сериозната и мрачна надворешност се крие суптилен комичар, што го покажа во вестернот Damsel, историската драма „Кралот“ и трагикомичниот филм The Drama од 2026 година.

Таквиот пристап би можел да му овозможи на новиот Бонд, на духовит или сериозен начин, да се осврне на современите теми како што се токсичната машкост, согласноста и машката ранливост.

Предизвик за сценаристот и новата актерска екипа

Ијан Флеминг го замислил својот таен агент како неутрална фигура и „анонимен тап инструмент“, а пред сценаристот Стивен Најт сега стои задачата да го искористи Бонд за да го прикаже судирот меѓу традиционалните корени на ликот и современата култура.

На новиот филм би му користела и поразновидна споредна актерска екипа – женски ликови што не се дефинирани исклучиво преку односот со Бонд, негативци што го доведуваат во прашање неговиот елитизам, како и квир-ликови што внесуваат нова динамика во неговиот свет.

Сепак, во центарот на сè ќе биде токму Патинсон и неговите актерски одлуки, од кои, на крајот, ќе зависи понатамошниот успех на култната филмска франшиза.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *