Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Блуз за чаламџиите

Пред едно чудо години, во минатиот век, кога работев во една таверна на Крит, онака шашардисан од мирисот на скапите пури на богатите, белосветски гости, што удираше директ во глава, посилно од Подморницата („коктел“ – чашка узо нурната во кригла пиво, задолжително испиен на екс, за да застане чашката од узото на врвот на носот на среќниот пијач со црвено лице и со бел круг од пивската пена од криглата, се до веѓите), редовно им се чудев на распиштолените западњаци кои, со ококорени очи, збрлавуваа од радост што на чинија како раткапна од тркало на сканија, добиваа парченце месо, со димензии како новиве, денешни осминки бурек, и испрскано со 6-7 капки некаков сос… Па, воодушевени од уметничкото дело на готвачот, де мирисаа, де се ѕвереа, де дегустираа залче по залче од тоа мевцето, со минимални голтки од вината со гламурозни етикети, за кои јас им ги менував кофите со мраз.

Немаше дерт и сечење вени, немаше паѓање во севдах и дробено стакло (и на најбрзите критски ора, во кои западњаците, оперирани од осет за ритам, несмасно се ѕенѕаа, се фрлаа само чинии од гипс или дури и листови од рози), немаше хаос… Сè така, мирно, со насмевка, одмерено… Лапни залче, сркни голтка… Добро, толку млад и отпојќе зелен, секако дека не можев да ја прикријам ироничната насмевка, кога си ги галеа мевовите, демек, прејадени. Со келенерите и шанкерите, голтари од јужна Европа и северна Африка, си разменуваме мајтап-погледи, на минување, имитирајќи ги мирисањето на виното – во чаши како аквариумот од мојата детската соба, и сечењето&палењето на пурите, чудејќи им се на умот… А тие, толку поинаквите од нас, секоја вечер, сè така безгрижно, среќни до еуфорија, со прскалките и знаменцата од сладоледот во рацете, ќе си заминеа во ресортите, каде во баровите околу базените ги чекаше беплатната пијачка за лека ноќ. Оставајќи редовно дебел бакшиш и знаменца од нивните земји и ветувајќи на прошталните вечери, дека повторно ќе дојдат следното лето…

Фото: Ѓорѓи Личовски – „Маалски копнеж“

Јас, пак, никако не можев да сфатам – како заспиваат луѓено живи гладни, мислам, со онакво ѓоа-каснување, во количества доволни за просечен гулаб од ескадрилата на маалскиот ни гулабар. Потоа, во утринските часови, пред да заспиеме премалени на полските кревети, меѓу вреќите компир во магацинот, со скараџијата од соседната, ни оддалеку не толку репрезентативна таверна (здраво момче „из једно село, ту близу Лесковац“, кое со гола тупаница ги омекнуваше големите „Т-боун“ јунешки стекови, за да ги потпече на огин за неговите, не толку репрезентативни гости), дебатиравме на тема – што ќе им се на тие богатите, толку пари, кога не знаат да живеат? Абер да се немало од уживање! А бе, да не знаат ни да се најадат и напијат до балчак, да се претапанат, онака машки, балкански… Сè додека во срча до колена, не допрат до песна за херојските им претци, загинати во тежок бој за слобода ем човечки правдини, или барем да залипаат за невозвратените ишарети на селските убавици и за скршените срца на оставените млади моми за мажење, поради печалбата… Се думавме така, со тогашниот ми сонародник, алчно кинејќи ги и џвакајќи ги големите парчиња месо од недопечените „Т-боун“ стекови кои ги „заштедел“ во двете дневни смени, за разликите меѓу нив – блазираните и нас – вечно гладните&жедните… Сè додека сонот не ќе ни ја прекинеше вечерата/појадокот. Море, и на сон се прашувавме како некој може да ужива само со незачинета салата, две кременадлички од јагне-цицалче, прелиени со сос од шумско овошје, и чаша-две вино? Кога, душата, си сака многу повеќе…

Потекнувам, нели, од маало во кое „Ли-Ли“ (литро најевтино бело или розе, наливно вино со литро најгазирана минерална вода) со „десетки„ со кромид се нарачуваат како мезе, главно јадење и десерт, ама и потоа, како дижестив, по турското кафе… Чисто онака: „Дете, дај тоа ќебапите и виното, нека ја красат масата!“. Можеби и поради тоа што дедовците&бабите во многуте војни и окупации, ни гладувале, како наследство ни останало дека софрите (оние јавните – за слава и празници и секако на излегување во кафеана) мора да се преполни, за да се види во чија куќа мрсно се јаде. За да цркнат душманите, де… Кој од нашите претци водел сметка за калории, холестерол, висок притисок…? Кога се немало – се гладувало. Кога се имало – се претерувало, во сè и сешто! Само еднаш, нели, се живее. Да се истера ќеифот, па и „да умрам, да не жалам!“. И нема тоа врска со нервниот систем, („јадам на нервна база и, ете, сè ми се фаќа…“) или со лачењето на среќните хормони, со ендорфинот или серотонинот, со смирувачкото дејство на полниот желудник… Во историското наследство е проблемот… Може малку и во чаламот.

Фото: Огнен Теофиловски – „(Не) те сакам“

Носталгично пекајќи за младоста, со години моите домашни ги индоктринирав со преживеалиците од Крит, кога си бев млад и убав, глорифицирајќи ги до небо убавините на островот (всушност, жалејќи си за времето на безгрижност, кога уште верував дека некогаш ќе бидеме поинакви и дека сè од корен ќе се смени на поарно), и, некако логично беше еднаш да заминеме токму таму на семеен одмор, барем додека наследникот ни, сè уште сака да летува со родителите. Нормално, нивното доживување на моето место од бајките, не беше на – од мене посакуваното – ниво, но јас надмоќно се правев дека тоа не го забележувам, терајќи си ја ваканцијата, евоцирајќи си спомени и барајќи ги познатите места и лица. Но, раскажувајќи му на наследникот една моја дамнешна, американска резил-епизода, кога на свечена вечера, додека келнерите забрзано ги раскреваа „раткапните“, а гостите веќе бираа десерт и ново соодветно вино, јас (малку од инает, а малку и затоа што навистина не ме најадоа некакави препелици со боровинки), и покрај шокираните лица на домаќините, си нарачав екстра метро до метро ипол ребра на скара и пиво, ја воочив грешката во педагошкиот пристап. И, решив да го доистрчам кругот, ама од другата страна. За малиот.

Со син ми и со најсреќната поубава половина на светот, мојата де, отидовме на вечера во убедливо најскапиот ресторан во критското гратче, во кое, во минатиот век сепак, сум им завидувал, а не сум бил свесен или не сум сакал да си признаам, на оние толку поразличните од мене, оние со „раткапните“ и со смрзнатите кофи за вино. Додека јас бев повторно опиен од познатиот мирис на пурите, малиот се ѕвереше во есцајгот и во здрвениот келнер – полиглот, а во ширум отворените очи на мајка му, лесно можеше да се прочита благиот прекор поради веќе стокмениот есап за бројот на деновите од одморот што ќе бидат скусени поради само една вечера. Ама, ако е бал…., нели, нема шанси маалскиот гроф да биде циција. Па, келнерот со хирушка прецизност ја обезкостуваше рибата, јас бирав вино (сепак, со исаф – некаде од средината на картата), најубавата поубава половина се смееше од сè срце, малиот сјаеше во лицето, бркајќи го десертот по „раткапната“, и си го галеше мевот, тврдејќи дека е сит… Сите – воодушевени. Сè така, некако одмерено…. И сè така безгрижно. Со прскалките и знаменцата од коктелите во рацете, си заминавме. Додека нè следеше мирисот на пурите, не се свртев да видам каков израз на лицето има момчето што ја тргна од масата кофата со мраз.
Ич не ми беше гајле….

Со килоипол ќебапи во мрсна хартија, дојдов пред гранапчето и на маалските камаради, почнав да им ја раскажувам прикаскава. Некаде на четвртото пиво, распослани по гајбите, почнаа да ми признаваат дека не се живее од чалам и дека ние ќе си играме и понатаму дрн-дупка со тие поинаквите од нас, оти… толку и единствено така, можеме да си се браниме. Пред гранапчето. И пративме еден од комшиските копиљаци да донесе уште ќебапчиња. Да ја красат импровизираната маса.

(Авторот, роден во 1964 година, е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

Од книгата “Маалски прикаски (1+2)” , “Или -Или”, Скопје 2019 та.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *