Сутерен.мк

Славење на времето

Кој прв почнал да го одбележува почетокот на годината? Од каде потекнува зборот календар? Што би се случило кога минутите би чинеле пари?


Дочекот на Новата година е најстар од сите празници, а за прв пат е одбележан во древниот Вавилон, пред околу 4 000 години. Од тогаш многу обичаи се променети и ширум светот се слави на различни начини. Според античките автори, славењето на почетокот на годината е произлезено од одбележувањето на раѓањето на сонцето и во текот на историјата, како што се менувале религиските системи, се менувале и календарите и начините на сметањето на времето, така и денот кога се дочекува почетокот на годината трпел промени. Христијаните со векови го избегнувале одбележувањето на новата година заради противење на паганските традиции, па дури од 12 – ти век постепено го прифаќа први јануари како почеток на календарското лето. Разни култури и религиски системи имаат различни обичаи врзани со дочекот на новото лето, но сепак, Грегоријанскиот календар денес, од практични причини, се користи речиси, во целиот свет.
Називот календар води потекло од грчкиот збор „калео“ што ги означува појавите на младата месечина. Од ова потекнува и латинскиот израз „календе“ со кој старите Римјани го обележувале првиот ден во месецот. Самиот термин календар на почетокот во Рим ја означувал годишната даночна книга, а подоцна и даночниот приход што во неа се запишувал. Дури подоцна со овој збор се именувале годишниците – книгите поделени на месеци, седмици и денови. Иако називот коледар (круг / сончев круг) кај словените често се јавува како синоним за календар сепак, овој термин има грчко – латинско потекло. Низ историјата, во различни цивилизации, календарите различно се сметале: некои (како и современите) според соларната година која трае околу 365 денови, некои се базирани на т.н. лунарна година (според движењето на месечината и месечевите мени), која трае околу 354 денови, а некои се комбинација на претходните два. Се верува дека низ историјата на човештвото се користеле над 1 500 различни календари, а денес ширум светот, во употреба се четириесеттина.
Кога се би плаќале со време, купохоличарите би имале голем проблем. Додека купиш ова, земеш она, пазариш нешто и каснеш малку – пет години си веќе постар. Зборот „животна заштеда“ би добил поинакво односно, буквално значење. „Глуварење“ или „убивање време“ би било исто што и фрлање на пари. Луѓето би се труделе да не го трошат залудно, ако веќе не го искористиле за барање на нов пар фармерки или шал. Сите би го ценеле времето кое другите луѓе го трошат на нив, доцнењето не би се толелирало. Би се потрудиле деновите да ги организираме до детали, за да не дојде до непланирани трошоци. Тоа не значи дека би немало забава напротив, вистинските поклоници на уживањето ќе можат да кажат дека многу години ги потрошиле квалитетно! Староста не би морала да не прашува каде ни била младоста, кога доказите би биле насекаде околу нас – особено на Инстаграм.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *