Сутерен.мк

Двофотељаш

Тој е оженет, а јас сум девојка. Го чекам да се разведе, но тоа не се случува. Што е најстрашно, во меѓувреме и направи уште едно дете на сопругата. нејзе никогаш не ја вади во јавност, јас сум таа која го придружува на сите ивенти. Сите знаат за нашата врска и сите ја одобруваат, но нема финиш, нема почеток, нема продолжеток… Сакам деца, сакам дом, сакам живот… Го сакам, ме сака, а се стои во место…

Бисера, Прилеп

Бисера дарлинг, се сама си кажавте. Нема почеток, нема крај, нема… ништо. Сакате многу работи, а нив ги нема. Сите ја одобруваат вашата врска, а резултатот од тоа е нула. Го сакате, ве сака, а никој не е среќен. Што да кажам јас!? Бидете трпеливи! Бла, бла, бла…. Оставете го! бла, бла, бла…. Се е бла, бла, бла… Љубовта е добра, забавна, движечка само кога не е суетна, себична…. Искрено, што ќе ви е тој шизик!? Прво, не можам да замислам некој да си го заложи својот живот како нечиј џокер!? Особено не, некој што преферира да го есапат за интелигентен. Имам разбирање за истерување хирови, но за живеење во сенка, како втор избор, резервна појава… Аман, немој! Уште и со цел памет, сакате да му родите дете!? Не, страстите траат неколку месеци и тоа може да се апсолвира, но кога некој, полнолетен, со години, доброволно, се нафати да биде некому резервно тркало, а притоа ги убедува и другите дека тој, некој „го сака“, а доказ се ивентите… Среќна ли сте Бисера, дарлинг? Тоа е најважното прашање. Кога некој ве сака, среќата, радоста јас би рекла, се подразбира. Се друго е под цената. (А цената што ја плаќате е бајаги висока.) Доколку не сте, спасете се. Тоа ќе го сторите така што во секоја смисла ќе се одалечите од вашиот предмет на желба. Не заборавајте, човек копнее само по она што секојдневно го гледа….