Познатиот и признат писател бара поголема социјална и професионална сигурност за писателот и достоен надомест за авторскиот труд. Друштвото на писателите на Македонија, според него, треба да биде постојан застапник на авторите пред институциите и да остане независен јавен глас
Повод за разговорот со Раде Силјан (1950 година), поет, есеист, критичар, антологичар, учебникар, преведувач и издавач, е објавувањето на „Поетски облици на времето“, четири децении по „Пронајден облик“ и 35-годишнината на „Матица македонска“. Добитникот на орденот „8 Септември“ се навраќа на својот поетски и издавачки пат, на преиспитувањето на сопствените критички судови и на одговорноста кон книжевното наследство и идните автори.
Во разговорот Силјан ја поврзува одбраната на македонскиот јазик и идентитетот со правдата и со достоинството на човекот во сопствената земја. За младите што заминуваат, вели: „Лесно е да му кажете да остане, а потешко е да му одговорите што сте направиле за неговото останување да има смисла“.
За Силјан, наследството е и присуство на луѓето што веќе ги нема, а пишувањето го враќа кон родниот крај и кон она што сме го пропуштиле во живеењето. Зборува и за сознанијата што доаѓаат кога веќе не можеме да го продолжиме разговорот со другиот: „Песната почнува и од таа недовршеност“.

Минатата година се навршија педесет години од Вашата прва поетска книга, а годинава се одбележуваат четириесет години од „Пронајден облик“ и триесет и пет години од основањето на Вашата издавачка куќа „Матица македонска“. Го добивте и орденот „8 Септември“. Што Ви е најважно кога денес се навраќате на тој пат?
– Кога годините вака ќе се соберат во една реченица, патот изгледа појасен отколку кога сме го оделе. Во него имало радости, сомневања, работа чиј исход не сме можеле да го знаеме. Признанието го примив со благодарност. А за придонесот, сепак, ќе кажат и други. Човек тешко може да ја види вистинската мера на она што самиот го направил зашто го знае и сето она што сакал, а не успеал да го направи.
Голем дел од животот поминав пишувајќи, читајќи и подготвувајќи туѓи ракописи за печат. Во тие работи има многу часови што не влегуваат во ниедна биографија. Има и луѓе без чие знаење и доверба некоја книга немаше да се појави. Кога се навраќам, ги чувствувам присутни и во она што денес се врзува за моето име.
Особено место за мене има објавувањето на Библијата на македонски јазик, во превод на архиепископот Гаврил, во времето кога раководев со „Македонска книга“. Подоцна, во „Матица македонска“ ги објавувавме и делата на Марко Цепенков, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Радован Павловски и редица други автори. Работата на тие изданија ме потсетува колку многу сме наследиле. За извесно време нам ни е доверена грижата за книги што ќе им бидат потребни и на луѓето по нас.
Сакав македонската книга да има каде да се роди и од каде да тргне кон читателот. Денес, најмногу ме интересира дали тој пат ќе остане отворен и за оние што доаѓаат по нас. Би сакал да има помалку работи што секоја генерација мора одново да ги почнува. Ако сме создале нешто вредно, треба да се погрижиме другите да може да продолжат од него. Мислам дека и по тоа ќе се познава колку сме направиле.
По четири децении од „Пронајден облик“, ја објавувате книгата „Поетски облици на времето“. Дали денес поинаку ги читате македонските поети за кои сте пишувале? Што може да Ве наведе да преиспитате една поранешна оцена?
– Книгата на која ѝ се враќаме не стоела во место сите овие години, иако на страниците се истите зборови. Се менувал нашиот живот, сме прочитале други книги, сме доживеале нешто за што порано сме имале само претстава. Некој стих што порано сме го одминале сега ќе нè запре. Понекогаш откриваме колку малку сме биле подготвени за она што веќе било напишано.
При подготовката на „Поетски облици на времето“ повторно ги прочитав и ги преработив огледите. Ги зедов предвид и подоцнежните остварувања на авторите зашто еден опус ја менува светлината во која ја гледаме секоја негова книга. Во шесте целини огледите за триесет поети се поврзани со разгледувања на нашето постаро наследство. Ме интересира како и во разни времиња се продолжува и се преобразува македонското поетско искуство.
Генерациите го наследуваат истиот јазик, а во него влегуваат со искуства што претходните не можеле да ги знаат. Во таа средба се открива и живоста на наследството. Вклучувањето едно дело во книжевната историја или во антологија не ја завршува нашата работа со него. Треба повторно да го прочитаме, да видиме што ни открива за времето во кое настанало и што може да ни каже за нас самите. И најголемото име може да остане само име ако престанеме да го читаме неговото дело.
Оцена би променил ако видам дека сум бил неправеден или дека нешто суштинско ми избегало. Но, не секое оддалечување од некогаш блиска книга значи дека таа станала помалку вредна. Понекогаш се променил само мојот сензибилитет. Се обидувам да ја разликувам таа промена од вистинската причина за нова оцена. Затоа се враќам на стиховите врз кои сум го потпрел судот: дали и денес можам да покажам што сум препознал во нив, дали нешто сум преценил, а нешто сум оставил непрочитано.
Во враќањето има и нешто болно. Повторно се среќавате со гласовите на луѓе што веќе ги нема. На страницата тие сè уште ни се обраќаат, понекогаш со непосредност што нè затекнува. Затоа не можам наследството да го доживувам како завршена работа. Читајќи го, и ние сме изложени на неговиот суд.
Кога ќе се навратите на поетските почетоци, што останало од тогашниот порив, а што годините Ви одзеле или Ви помогнале да разберете?
– Останала вознемиреноста од нешто што не умеам веднаш да го кажам. Од неа и почнува пишувањето. Во младоста човек има повеќе доверба во силата на сопственото чувство. Подоцна дознава дека чувството може да биде длабоко, а песната сепак да не успее. Тешко е да се прифати тоа, особено кога знаете колку ви значело она за што сте се обиделе да пишувате.
Моите први песни ги објави Владимир Костов во „Развиток“. Петар Т. Бошковски беше првиот читател и рецензент на „Третиот лик на времето“. Таквото внимание му е многу потребно на млад човек. Некој сериозно ве прочитал во време кога уште не знаете што можете. Мислам дека нешто од таа доверба останува во вас и подоцна, кога ќе седнете пред туѓ ракопис.
Од Жван и од демирхисарскиот крај го понесов чувството за живот што има подолго паметење од поединецот. Во еден збор може да се задржи начин на живеење, во името на едно место да остане спомен за нешто што оттаму веќе исчезнало. Родниот крај во песната со годините се менува. Се населува и со отсуства. Сè потешко е да кажете дали се враќате кон местото или кон луѓето преку кои сте го запознале.
Можеби годините најмногу ме научија да почекам со зборот. Особено со зборот за туѓата болка. Има искуства за кои нашата реченица лесно станува премногу убава. Тогаш е подобро повторно да ја прочитаме и да видиме кого сме сакале да покажеме со неа: човекот за кого пишуваме или себеси.

Во Вашата поезија личната судбина е поврзана со родниот крај и со историското паметење. Од „Третиот лик на времето“ до изборот „Лажно време“, што се променило во Вашиот однос кон времето? Може ли песната да го зачува она што животот го губи?
– Сè повеќе го чувствувам времето во она што исчезнува незабележано. Некој збор поретко ќе го чуете. За некој човек ќе сфатите дека веќе нема кого да прашате. Во историјата загубите се запишуваат со години и со имиња на настани, а во животот може да останат во една мала, навидум безначајна празнина. Поезијата има слух за неа.
Можеби токму затоа во мојата песна „Тестамент“ наследниците очекуваат скриено богатство, а го наоѓаат татковиот завет да ги чуваат тапиите од лозјата и нивите. Таа слика за мене не е исцрпена со едно објаснување. Во неа има и приврзаност, и грижа, и страв дека наследеното може да се изгуби. Ако ја читаме денес, се отвора и прашањето кој ќе остане да ја обработува земјата. Имотот може да биде сочуван во документ, а животот да се повлекол од него. Тука веќе се допираат личната и народната судбина.
Кога велам лажно време, мислам и на тој расчекор меѓу она што го објавуваме за себе и она што ни се случува. Можеме долго да зборуваме за напредокот, а човекот сè помалку да верува дека утре ќе му биде подносливо. Можеме свечено да го изговараме името на татковината, а да не го слушнеме оној што во неа останал без надеж. Поезијата ме враќа кон тој глас. Не секогаш умеам да му најдам достоен збор.
Песната не може да го врати изгубениот човек или да го насели празниот дом. Може да сочува нешто од нивната единственост, од она поради што загубата боли. За мене, важно е читателот да почувствува дека таму некогаш имало цел живот. Ако тоа чувство премине кај друг човек, нешто сепак е спасено од заборавот.
Како долгогодишен издавач, имате непосреден увид во ракописите. Дали македонската книжевност има недостиг од добри автори или ни недостигаат посериозно читање, селекција и критика?
– Дарба има. Ме загрижува дали умееме да ја препознаеме додека е уште несигурна и дали сме подготвени да ѝ помогнеме да се развие. Авторот вложил време во ракописот и очекува некој внимателно да го прочита. Издавачот го има правото и да го одбие, но тоа право подразбира дека го прочитал. На авторот му се должи барем сериозноста што ја бараме од него.
Во ракописот може да има неколку страници што нè задржуваат и многу несигурност околу нив. Треба да се види дали од тоа може да настане книга. Не помага само да му кажете на авторот дека нешто е слабо. Треба да можете да покажете каде се губи напнатоста, каде сликата останала недоработена или мислата е кажана пред песната да стигне до неа. Потоа останува и потешкото прашање: колку да се вмешате. Доработката не би смеела да го избрише она поради што ракописот воопшто ве заинтересирал. Некој приговор авторот ќе го прифати веднаш, за друг ќе биде потребно да разговарате повторно.
Македонската книжевност ми е премногу важна за секоја книга однапред да ја прогласам за значајна. Во нејзините најдобри дела ги имаме и високите мерила што нè обврзуваат. Кога ќе препознаеме вредно остварување, треба да умееме да кажеме во што е неговата вредност. А кога укажуваме на слабост, должни сме да го сториме тоа со знаење и со почит кон вложениот труд. Рамнодушноста понекогаш се крие и зад пофалбата: на авторот му кажуваме убави зборови, а неговата книга воопшто не сме ја прочитале.
Како се одлучувате да објавите книга за која верувате дека ѝ е потребна на македонската култура, а се сомневате дека ќе ги врати вложените средства?
– Таа тешкотија ја чувствуваме во секојдневната работа. Подготовката и печатењето треба да се платат, а книгата понекогаш долго го чека својот читател. Од тие обврски не ве ослободува сознанието дека објавувате нешто вредно. Со годините учите и да ја одмерите сопствената можност зашто зад ветувањето стојат авторот, преведувачот, луѓето што ќе го подготват изданието.
Но, кога пред вас е дело од наследството што долго било недостапно, се јавува и поинаква мисла: што ќе се случи ако сите ја одложуваме работата додека не стане исплатлива? Некои книги тогаш би чекале предолго. А во меѓувреме ќе помине една генерација што не ги прочитала. Во културата и одложувањето остава последици, само што тие не се гледаат во годишната сметка.
„Матица македонска“ ја основав 1991 година во пресрет на самостојноста. За мене, таа работа беше поврзана со вербата дека на сопствената држава ѝ се потребни и книги во кои ќе може да се препознае, да се проучи, да се преиспита. Три и пол децении подоцна таа потреба ја чувствувам со иста сила. Сè уште има дела на кои треба да им се вратиме и ракописи што заслужуваат да стигнат до читателот.
Затоа државната поддршка ја разбирам и како обврска книгата да остане достапна. Ме интересира дали изданието стигнало до библиотеката, дали некој ученик или истражувач ќе може да го најде и по неколку години. Печатењето е само дел од работата. Треба да знаеме и што се случува со книгата откога ќе заврши промоцијата, кога авторот веќе не е присутен да зборува за неа. Тогаш почнува да се гледа дали сме ѝ обезбедиле живот меѓу читателите.

Што губи книжевноста кога критиката отсуствува, а што губи општеството кога несогласувањето се доживува како непријателство?
– Се губи можноста да ги провериме сопствените судови. За критиката е потребно време во кое ќе ја прочитаме книгата и ќе го преиспитаме првиот впечаток. Треба да се познава делото на авторот и да се најде збор што ќе биде и точен и праведен. Тоа е работа што бара списанија, уредници, пристоен надомест. Кога тие услови слабеат, се губи и можноста за разговор што ќе продолжи по првата реакција.
Но, има нешто и до нас писателите. Во сопствената книга сме вложиле премногу од себе за лесно да ја поднесеме забелешката. Тоа можам да го разберам. Тешко е кога од таа повреденост почнуваме да ја оспоруваме чесноста на секој што не нè пофалил. И критичарот има свои ограничувања, може да погреши. Потребно е да можеме да разговараме за она што го прочитал наместо веднаш да пресудуваме каков човек е.
Слично се однесуваме и во поширокиот јавен живот. Го препознаваме името на говорникот и веќе знаеме дали ќе го прифатиме кажаното. Ако е близок до нас, ќе му ја дополниме и слабата мисла. Ако не ни е близок, ќе бараме скриена намера и во точната забелешка. Така полека ја губиме способноста нешто да нè изненади, да ни го промени мислењето. На крајот, остануваме опкружени со потврди, а сè помалку разбираме.
Критиката ни остава и трага за тоа што сме препознале во една книга, а што сме одминале. Ако од нејзиното објавување остане само веста дека излегла од печат, идниот читател тешко ќе дознае што ни значела таа. Важен ми е разговорот во кој едно толкување ќе поттикне друго, ќе биде дополнето или оспорено. Во него и авторот може да открие нешто за сопствената книга.
Како поет и антологичар сте следеле разни генерации. По што ја препознавате автентичната песна, особено кога е напишана поинаку од она што Ви е блиско?
– Понекогаш ќе ја прочитате песната и ќе продолжите понатаму, а нејзината слика ќе се врати кога веќе не мислите на книгата. Тогаш се враќам за да видам како песната го постигнала тоа. Што се случило со зборовите што ги употребуваме секој ден, па овде одеднаш ме запираат? Како еден стих го менува значењето на претходниот? Се прашувам и што би се изгубило ако се смени еден збор или се отстрани еден стих. Вредноста на песната почнува појасно да се гледа кога ќе можеме да покажеме како е создадена.
Не би ја врзувал автентичноста за една поетска постапка. И многу едноставен стих може да биде празен, како што и тежок стих може да ви се отвори дури по долго читање. Важно ми е да почувствувам дека авторот имал причина да проговори токму така. Помодарството се насетува кога зад новата постапка не се открива ново искуство. Но и повторувањето на еден некогаш силен израз може да стане удобна навика.
Пред песната на млад автор се обидувам да се сетам дека моето искуство има и граници. Тој живее нешто што јас не сум го живеел на ист начин. Можно е неговиот јазик првин да ми изгледа туѓ. Би било штета таа прва оддалеченост веднаш да ја претворам во суд. На нашата книжевност ѝ е потребен и глас пред кој ќе мораме одново да учиме да слушаме.
Македонскиот јазик често е предмет на политички расправи. Што значи за Вас да се брани неговата самобитност и што треба да направиме за книгите напишани на македонски повеќе да се читаат во светот?
– Најтешко ми паѓа кога за македонскиот јазик се зборува како за нешто што допрва треба да добие дозвола да биде свое. Во него се наталожени животите на луѓе што ниту воделе преговори ниту можеле да замислат дека еден ден нивниот збор ќе биде предмет на такво оспорување. На него се именувани нивната радост и нивната мака. На него е создадено дело што ни претходи и што нè надминува. За писателот, тоа прашање задира многу подлабоко од една политичка расправа.
За својата македонска припадност не умеам да зборувам од дистанција. Таа е во начинот на кој го разбирам светот. Оттаму ја разбирам и потребата на другиот да го сочува својот јазик. Тешко би можел убедливо да го барам за себе достоинството што би му го одрекувал нему. Таквата почит не ја намалува нашата определеност, туку ѝ дава човечка тежина.
За присуството во светот е потребна долга работа. Преведувачот треба да го чуе и она што не е докрај изговорено во реченицата: како се премолчува болката, како се покажува блискоста, кога еден обичен збор носи нешто многу постаро од самиот текст. Тука точноста ја надминува замената на зборовите. Затоа ми се важни преведувачите што остануваат со нашите книги, што ги познаваат и меѓусебните разговори на нашите автори. За таква посветеност се потребни време и поддршка, а потоа и издавач што ќе се погрижи преводот да најде читатели.
И дома имаме многу работа. Ми се чини недоволно постојано да зборуваме за загрозеноста на јазикот, а да се навикнеме на библиотека без нови книги или на училница во која читањето е само задача за оценка. Детето треба да открие дека на македонски може да го каже и она што допрва го чувствува, што уште не го кажал никој наместо него. Во таа слобода има иднина за јазикот.
Скопје во 2028 година ќе биде европска престолнина на културата. Би сакал таа можност да ја искористиме за да создадеме врски што ќе траат. Преведувач што ќе се заинтересира за македонски автор треба да има поддршка да продолжи да го чита и да работи на неговите книги. Странски издавач што ќе објави едно наше дело треба да може полесно да ги запознае и другите. Успехот на таква културна година ќе се гледа и во книгите што ќе продолжат да се преведуваат и да се читаат по нејзиното завршување. На македонската книжевност ѝ е потребно трајно присуство меѓу читателите во светот.

Што значи да се брани Македонија денес кога расправите за идентитетот се преплетуваат со недовербата во институциите и со заминувањето на младите?
– За мене, тие грижи се поврзани. Тешко го поднесувам оспорувањето на македонската самобитност, помислата дека некој друг би имал право да ни ја одмерува припадноста. Исто толку тешко го поднесувам и сознанието дека човек може да се почувствува излишен во сопствената земја. Да учи, да работи, да се обидува, а на крајот да поверува дека за него нема место. Во таквото разочарување се губи нешто што подоцна многу тешко се обновува.
Самостојноста ја носевме како голема надеж. Можеби затоа денешните отстапувања од таа надеж толку болат. Од државата очекувате да можете да ѝ се обратите без страв и без некој да ве препорача. Кога пред една врата вашето знаење и вашата мака тежат помалку од туѓото познанство, се нарушува и чувството дека припаѓате. Државата се брани и со правдата во неа.
Не сакам за младите што заминуваат да зборувам како да ми должат оправдување. Оној што заминува често носи и болка што не ја гледаме. Лесно е да му кажете да остане, а потешко е да му одговорите што сте направиле за неговото останување да има смисла. Ме загрижува и тишината што ја остава заминувањето. Јазикот може да биде сочуван во книгите, а да станува сè поредок во секојдневниот живот. Тоа прашање не може да го реши само писателот.
За европската иднина размислувам со желба Македонија да живее достоинствено, без постојано да мора да го оправдува правото на своето име, на својот јазик и на своето паметење. Не можам да прифатам дека приближувањето кон други народи бара да станеме помалку свои. Но додека траат политичките спорови, животот на човекот не стои. Нему денес му треба праведна постапка, можност да работи, причина да му верува на утрешниот ден. Ниедно идно решение нема да му ги врати годините поминати во чекање.
И ние во културата сме дел од ова. Кога зборуваме за неправдата, вреди да погледнеме и како се однесуваме кон оној што не му припаѓа на нашиот круг. Ако најнапред прашуваме со кого е, а дури потоа што напишал, и самите му го стеснуваме просторот за работа.
Може ли и угледот да ја стесни слободата на писателот затоа што од него се очекува веќе познатиот глас? Како се останува верен на своите уверувања, а отворен за она што животот допрва ќе го покаже?
– Може. Кога ќе почувствувате дека луѓето ве прифаќаат поради нешто што сте го кажале, лесно е да посакате повторно да им го дадете тоа. Со време веќе го знаете и одговорот што ќе го очекуваат од вас. Во тоа има удобност, но за пишувањето таа удобност може да биде погубна. Престанувате да се изненадувате од сопствената мисла. Почнувате однапред да знаете каде ќе стигне реченицата.
Длабоко сум приврзан кон македонскиот јазик, кон земјата македонска од која сум и кон нејзиното паметење. Но таа приврзаност не ме ослободува од потребата внимателно да ги разгледам настаните пред да го кажам својот суд. Особено кога пресудата ми доаѓа лесно. Понекогаш токму тоа е знак дека сум се потпрел врз готов одговор.
И болката може да нè затвори. Кога долго ја чувствуваме сопствената повреденост, постои опасност туѓото страдање да ни изгледа помалку важно. Пред војните и човечките несреќи што ги гледаме писателот тешко може да остане чесен ако најнапред проверува на која страна му припаѓа жртвата. Во една уништена човечка судбина има нешто што не дозволува такво одмерување. На тоа ме враќа и читањето: кон животот што сум можел да го одминам затоа што не личи на мојот.
Ако се покаже дека сум погрешил, моето претходно убедување не ја намалува грешката. Тоа не е лесно да се признае, особено кога многу луѓе ви поверувале. Но би ми било уште потешко да продолжам да бранам реченица во која повеќе не верувам, само затоа што под неа стои моето име.
Друштвото на писателите на Македонија го предводевте од 2008 до 2014 година. Како ја гледате неговата улога денес и што треба да направи за книжевниот живот и за статусот на писателот во 21 век?
– ДПМ го доживувам како дел од историјата на македонското културно осамостојување. Во него се вградени делата и заложбите на луѓе од кои сме учеле што значи да се биде писател на македонски јазик. Таа историја обврзува. Наследениот углед треба да го потврдуваме и со денешната работа. Затоа состојбите во Друштвото ме засегаат и лично, и како поранешен претседател, и како писател.
Друштвото минувало и низ тешкотии, а некои прашања останувале отворени подолго отколку што сме посакувале. Искуството од раководењето ме прави внимателен со оцените. Знам колку работа има зад она што однадвор изгледа едноставно и колку трпение е потребно за да се доврши почнатото.
Важно ми е членовите да чувствуваат дека учествуваат во одлучувањето и дека нивниот глас има тежина. Тоа се гледа во постапките: како се донесува одлука, дали таа се образложува, како се разговара со член што има поинакво мислење. Книжевните разлики треба да ни бидат причина да разговараме. За заедничката работа се потребни јасни правила и меѓусебна почит.
Посебна задача на ДПМ е борбата за професионалниот статус на писателот. Државата не смее книжевниот труд да го третира како хоби или како дополнителна дејност, препуштена на личното снаоѓање. Кога се повикува на книжевноста како на национална вредност, таа презема и обврска кон луѓето што ја создаваат. Постојните форми на поддршка треба да се унапредуваат и да се изнаоѓаат решенија што ќе му овозможат на писателот поголема социјална и професионална сигурност. Тука спаѓаат социјалното осигурување, поддршката за времето потребно за создавање и достојниот надомест за авторскиот труд.
Во таа борба ДПМ треба да биде постојан застапник на писателите пред институциите. Да ги познава нивните тешкотии, да подготвува конкретни предлози за културната политика и да инсистира на исполнување на преземените обврски. Писателот треба да знае дека има здружение што ќе му помогне да ги заштити своите права. Солидарноста се проверува и кога станува збор за човек чија последна книга не ни се допаднала.
Овој век го поставува и прашањето кому му се обраќаме. Во Домот на писателите треба да влегуваат ученици, студенти, наставници, луѓе што сакаат да читаат, а можеби никогаш не биле на книжевна вечер. Ако постојано разговараме меѓу истите луѓе, лесно ќе поверуваме дека сите други престанале да се интересираат за книжевноста. Треба и ние да тргнеме кон нив, кон библиотеките и училиштата, кон средините во кои средбата со писател е редок настан. Местото на живеење не смее однапред да го одредува местото во книжевниот живот. Тоа важи и за авторот и за читателот.
Младите автори треба да добијат можност да влијаат врз работата на Друштвото. Нивното присуство ќе биде вистинско кога нивна идеја ќе промени нешто, кога ќе им се довери одговорност и ќе има кој сериозно да го прочита нивниот ракопис. Помислувам и на читателите што веќе живеат далеку од Македонија. Снимена книжевна вечер, достапно списание или разговор што може да го проследат од другата страна на светот им овозможуваат да останат во допир со живиот македонски збор. Таквото присуство бара редовна работа и внимание кон луѓето на кои им се обраќаме.
Зачувувањето и дигитализацијата на архивата се дел од грижата за нашето заедничко наследство. Во писмата, записниците и старите броеви на списанијата има сведоштва за тоа како се создавал нашиот книжевен живот. Ако ги загубиме, по нас ќе остане помалку отколку што сме наследиле. Должни сме да ги сочуваме и да ги направиме достапни за проучување. Новите технологии отвораат и прашања за користењето на авторските дела и за вештачката интелигенција. ДПМ треба навреме да учествува во тие разговори, со јасно залагање за заштитата на авторството и за одговорноста за објавениот збор.
Од ДПМ очекувам јавен глас за македонскиот јазик, за слободата на творештвото и за достоинството на писателот. Тој глас треба да остане независен и кога некоја власт му е благонаклонета. Друштвото не смее да се сведе на церемонијална организација. Чествувањето на едно дело добива полна смисла кога се бориме и за условите во кои ќе настане следното.

Може ли македонскиот писател да живее од својата книжевна работа? Зошто толку лесно ја прифаќаме претставата за писателот што создава и покрај сопствената немаштија?
– Мислам дека во таа претстава има нешто сурово. Нè трогнува кога ќе прочитаме во какви тешки услови настанала некоја голема книга, па понекогаш забораваме дека авторот не страдал за нам да ни остави поубава приказна за нејзиното создавање. Тој живеел со вистинска грижа, со умор, со обврски. Не знаеме колку ненапишани страници останале во таа немаштија.
На нашиот мал пазар е тешко да се живее само од пишување книги. Но тоа не го објаснува секое непочитување на авторскиот труд. И како издавач го чувствувам ова прашање како сопствена обврска. Потребни се чесни договори и почитување на договореното, без авторот постојано да мора да моли за нешто што веќе го сработил. Кога од него бараме професионална работа, љубовта кон пишувањето не може да биде замена за надоместот.
Книга на која се работело со години може да се прочита за неколку вечери. Во тие години авторот треба и да живее. Кога зборуваме за стипендии и за поддршка, јас го имам предвид токму тоа време што не се гледа во готовото издание. Можноста човек да остане со ракописот, да не го напушти во мигот кога почнал да открива нешто важно. Културата може да загуби многу и без да забележи дека некоја книга воопшто не била довршена.
За мене, поддршката има смисла само ако авторот остане слободен да го напише она до што дошол, дури и кога тоа е непријатно за оние што ја обезбедиле. Од писателот може да се очекува сериозна работа. Благодарноста не би смеела да му ја одредува содржината на книгата.
Кое прашање и денес Ве враќа кон пишувањето?
– Ме враќа прашањето како продолжува присуството на оние што веќе ги нема. Во нас остануваат нивни зборови, постапки, нешто недоискажано. Понекогаш дури подоцна разбираме колку многу сме добиле од нив. Во мојата поезија тоа прашање се шири и кон предците, кон родниот крај, кон сето она што сме го наследиле без да можеме да ги прашаме луѓето што ни го оставиле.
Во пишувањето се враќаме и кон она што сме го пропуштиле во живеењето. Некогаш ни се потребни години за да разбереме една туѓа постапка, некој збор што нè повредил или нечие молчење. Тоа сознание доаѓа кога веќе не можеме да го продолжиме разговорот. Песната почнува и од таа недовршеност.
Се обидувам да им се приближам со збор, а знам дека зборот не е целиот живот. Има нешто што секогаш му се измолкнува. Можеби токму поради тоа се пишува и следната песна. Би сакал во неа да остане место и за она што јас не сум успеал да го разберам, а некој друг ќе го препознае.
Бранка Д. Најдовска