Бигфут повторно ја интригира јавноста

Американската Служба за шумарство, која со децении избегнуваше сериозно да се занимава со феноменот Бигфут, објави архивски документи за наводни средби со мистериозното влакнесто суштество и организираше трибина посветена на неговото постоење

Истовремено, нов документарен филм ја доведува во прашање автентичноста на најпознатата снимка од Бигфут, со што ја потресе заедницата на оние кои веруваат во неговото постоење.

Додека американската администрација објавува доверливи документи за неидентификувани летечки објекти, една друга мистерија, овојпат земска, повторно го привлече вниманието на јавноста.

Американската Служба за шумарство објави три историски документи од својата архива, кои содржат сведоштва за наводни средби со Бигфут во Монтана и сојузната држава Вашингтон. Најстарите датираат од 1941 година. Во Националната шума Станислаус во Калифорнија, недалеку од Јосемити, беше организирана и трибина под наслов „Бигфут во вашиот двор“, на која двајца вработени во Службата зборуваа за мистериозните суштества.

„Има непријатен мирис, вреска, завива, удира по дрвјата и свирка. Забележани се примероци од сите големини, од мали до големи, и мажјаци и женки“, изјави Кети Маркез, задолжена за информирање на посетителите.

Археологот Кети Стрејн наведе дека во текот на годините на подрачјето на западна Сиера Невада биле забележани 65 пријавени случаи на видување Бигфут.

Љубителите на овој феномен се надеваат дека потезите на Службата за шумарство навестуваат нов пристап на американските институции, сличен на програмата на администрацијата на Доналд Трамп за објавување документи за неидентификувани аномални појави.

„Се надевам дека тоа значи дека државните институции се подготвуваат да почнат да објавуваат информации за Бигфут“, изјави Џеремаја Бајрон, водител на подкаст посветен на овој феномен.

Мистерија стара повеќе векови

За разлика од Годзила и другите легендарни суштества, под името Бигфут, познат и како Сасквоч, не се подразбира едно суштество, туку наводен вид човеколики суштества кои ги населуваат шумите во Северна Америка.

Приказните за влакнести суштества кои одат на две нозе, испуштаат морничави звуци и шират непријатен мирис постојат со векови во различни култури ширум светот.

Домородниот народ Ми-Вук, кој живее во подножјето на Сиера Невада, има усно предание за „Јајали“ – џиновско, влакнесто суштество кое е најдобро да се избегнува.

Сепак, повеќето научници ги отфрлаат тврдењата за постоењето на Бигфут, посочувајќи дека досега не се пронајдени веродостојни материјални докази, како коски или измет, ниту се забележани недвосмислени видеоснимки, и покрај сè пошироката употреба на камери за следење на дивите животни.

Најпознатата снимка од Бигфут – измама што траела со децении?

Документарниот филм „Фаќање на Бигфут“ (Capturing Bigfoot), објавен на 20 октомври, ја потресе заедницата на оние кои веруваат во постоењето на ова суштество.

Авторите на документарецот користеле архивски материјали и разговори со членовите на семејството за да ја разоткријат најпознатата снимка од Бигфут, направена во 1967 година во шума во северна Калифорнија.

На снимката, која трае нешто помалку од една минута, се гледа крупно човеколико суштество покриено со кафеаво крзно, како се движи низ коритото на еден поток.

Генерации ентузијасти со децении го анализирале секој детаљ од снимката, обидувајќи се да ја утврдат нејзината автентичност.

Меѓутоа, според тврдењата на авторите на документарецот, станува збор за внимателно осмислена измама. Роџер Патерсон, авторот на снимката, бил каубој кој се соочувал со финансиски тешкотии и се обидувал да собере пари за да го заврши филмот за Бигфут. Според сведочењето на еден од неговите соучесници, Патерсон најверојатно самиот го изработил костимот во шупата во својот двор, користејќи бунди од крзно.

Документарецот предизвика бурни реакции меѓу аматерските истражувачи и трагачите по мистериозното суштество.

„Прилично е јасно дека станува збор за измама“, оцени Бајрон.

Што се крие во архивите на Службата за шумарство?

Само пет дена пред објавувањето на документарецот, американската Служба за шумарство на својата веб-страница објави документи под наслов „Документација за Бигфут/Сасквоч“.

Еден од документите се однесува на истрага од 1982 година, започната откако шумскиот чувар Пол Фримен пријавил дека видел Бигфут во оддалечен дел од Националната шума Уматила, недалеку од градот Вала Вала во сојузната држава Вашингтон.

Неколку дена подоцна, Фримен тврдеше дека пронашол и отпечатоци од стапала.

Биолог специјализиран за диви животни и експерт за следење траги од американската Гранична патрола ги испитале отпечатоците и заклучиле дека не ги оставило мистериозно суштество. Со ова не се согласувал Гровер Кранц, професор по антропологија на Државниот универзитет во Вашингтон и поборник на тезата за постоењето на Бигфут.

Кранц ги проучувал гипсените одливки од отпечатоците и тврдел дека се автентични, бидејќи папиларните линии на стапалата било невозможно да се фалсификуваат.

По контроверзиите, Фримен ја напуштил Службата за шумарство, но никогаш не престанал да трага по Бигфут. Десет години подоцна направил видеоснимка на која накратко се гледа темно суштество меѓу дрвјата.

Неговиот син Мајкл се присетил дека татко му тој ден се вратил дома блед и видно вознемирен, извикувајќи дека успеал да го сними Бигфут.

„Татко ми беше како Супермен. Тоа беше единствениот пат во мојот живот, вклучително и денот кога почина, кога видов дека се плаши од нешто“, изјави Фримен.

И таа снимка стана предмет на бројни анализи, расправи и оспорувања.

Археолог тврди дека видела два Бигфута

Меѓу оние кои веруваат во постоењето на Бигфут е и археологот Кети Стрејн, вработена во американската Служба за шумарство.

Во детството врз неа големо влијание имале праисториските цртежи на карпите во индијанскиот резерват Туле Ривер, на кои се прикажани влакнести човеколики фигури.

Денес таа е членка на здружение посветено на проучувањето на наводниот северноамерикански шумски мајмун.

Стрејн тврди дека во 2012 година, за време на една експедиција во планините на Оклахома, видела две млади влакнести суштества како со голема брзина се оддалечуваат преку карпестиот терен.

„Претходно ми зборуваа дека се брзи, но кога навистина ќе го видите тоа, останувате во шок. Немав претстава дека можат така да се движат“, раскажа археологот.

Од шумските преданија до туристичка атракција

Интересот за Бигфут има и туристички потенцијал. На трибината во Националната шума Станислаус, одржана на 8 октомври, се собрале толку многу посетители што голем број од нив морале да стојат.

Биле прикажани аудиоснимки од наводното завивање на Бигфут, како и мапа со локациите на кои биле пријавени средби со мистериозното суштество.

Стрејн ги повикала љубителите на авантури да ја посетат Националната шума Станислаус, истакнувајќи дека округот Туолуми е на второто место во Калифорнија според бројот на пријавени видувања на Бигфут.

Сепак, и покрај објавувањето на архивските документи и организирањето на трибината, американската Служба за шумарство не го променила својот официјален став.

„Иако не можеме ниту да го потврдиме ниту да го негираме постоењето на Бигфут, го препознаваме неговото културно влијание, местото што го има во преданијата на домородните племиња и значењето за Националната шума Станислаус“, порача Кети Маркез.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *