Не е движење или став, не е поза или бунт, туку синдром, дијагноза што е премногу лесно да се постави!
Снобизмот во времето кога е настанат терминот беше карактеристичен за меѓукласни движења, искачување од пониска кон повисока класа преку заслуги, манири, богатство. Оттука и самиот корен на зборот сноб – сине нобилитате, што буквално значи од латински: без благородништво.
Овој префикс, сноб е напишан пред имињата на студентите од елитните британски универзитети кои не потекнуваат од благороднички семејства.
Денес, кога не можеме да зборуваме за меѓукласно движење во првобитна смисла на зборот, иако тоа не значи живеење во општество без класа, снобизмот се рефлектира во еден вид племенска поделба на луѓето во однос на музиката што ја слушаат, политички верувања кои ги делат, ниво на образование, богатство, урбаност. Материјалистички снобови, верски снобови, естетски снобови, интелектуални снобови.
Како се препознава сноб?
Снобот користи се околу себе како негови гаџети, партнери, деца, кучиња. Тој се фали со репрезентативни познаници и роднини, позиција, статус или репрезентативно потекло ако го има. Доколку не, тој заборава, на пример на оние нерепрезентативни роднини, неговата нерепрезентативна провинција, паланка, град, село, акцент, средно име, презиме, име, прв сосед, мирисот на ѓубриво во жешко лето попладне, дискотека во која сите се познаваат.
Многу често снобот го напушта родното место за да тргне по патот на успехот во белиот свет, каде што луѓето ќе го ценат за тоа што навистина е. Го гуши родната грутка и знае дека никој не е пророк во неговото село. За жал, тој неретко се враќа со мал пакет неостварени соништа и право да гледа се‘ околу себе “од високо“ до крајот на неговиот снобовски живот.
Колку длабоко човек може да потоне во снобизам, дури и без да го сфати тоа, се покажува преку односот кон децата. Нема потреба да се навраќаме на премногу очигледните примери на “скороевиќи“ кои ги запишуваат своите деца во најскапите приватни училишта, ги испраќаат на курсеви по јазик и евентуално балет, иако дома им вметнуваат во главите систем на вредности во кој училиштето и образованието вредат исто колку и благородништвото во комунистичкиот систем.
Тука и, кучињата можат добро да послужат. Со педигре, се разбира.
Има такви што мислат дека се подобри од другите и има такви што знаат дека се’.
Сте слушнале дека некоја “тиква“ се покондрила, добила пари, социјален статус преку ноќ и замислила дека сега е подобра од другите. Но се знае дека навистина не е. Знаете дека не е затоа што знаете дека не може да биде подобра од вас, го знаете тоа затоа што знаете дека некои работи не можат да се стекнат преку ноќ, работи што ги поседувате – за кои „тиквата“ може само да сонува. Знаете дека таа е само сноб и затоа сте подобри од неа и не се фалите гласно со тоа. И, тоа не те прави сноб, зарем не?
Новото време нуди нови можности за модерните снобови. Денешното општество е материјално и транспарентно во смисла дека на секого му е овозможено да има пет секунди слава со помош на социјалните мрежи, барем меѓу своите “пријатели“, додека ја презентира својата нова фризура, автомобил, гардероба. Социјалните мрежи не натераа, без никакво размислување и срам, да им наметнеме информации на нашите “пријатели“ за тоа каде пиеме кафе, каков филм гледаме, со кого одиме на шопинг.
Можностите за самопромоција и создавање барем илузорно култ за себе денес се достапни за секого. А фактот дека луѓето не се двоумат да сведат се‘ на материјалистички предности е резултат на импровизираниот став дека богатството не е причина, туку плод и резултат на егзистенцијалната супериорност. Така, материјалното, не е замена за вистинските вредности, туку станува мерка за сите вредности. Тој што не се снашол, не заслужил ниту да успее.
Снежана Сани Богдановска