Сутерен.мк

Татјана Алексиќ: Азурен брег на леб

Посветено на патувачите, оние кои умеат да патуваат за да патуваат…

Нивните патувања немаат крај, како што ни за планинарот врвот на планината никогаш не е освоен. Врвот за планинарот е само почеток на ново искачување, а на патувачите секој нов пат им отвора други патишта. Посветено на оние кои патуваат за да учат, а не за да се фалат со селфи сеанси. Учењето живот е највисоката школа, почнува од најрана возраст и трае до крај на животот. Најчесто не е поврзана со материјална позадина, зашто нема пара со која благородност се купува.

Многу блиски со патувачите се читачите и сонувачите, тие умеат и без кеш да се одлепат од стварноста и отпатуваат таму каде кредитни картички не функционираат. Посветено на сите оние мајки кои им мачкаат паштета на леб на своите деца додека се играат во песок, било езерски или морски песок. И јас сум една од нив, која знае да замеси мекици во камп и да им ги сподели на плажа да гнетат со сиренце и патлиџанче. Битно е да не се остави трага од конзумирана храна во околина и да не се фрлаат отпадоци. Има нешто многу мајчински во мачканото лепче. Посветено на оние кои не можат да отпатуваат на монденски места, но се читачи и сонувачи, па да отсонуваме заедно…

Приказни од Азурниот Брег за читачите и сонувачите на Антоан де Сент Егзипери, еден од митските жители на Ница ќе го опише Азурниот брег како „рај над кој неподвижните облаци маѓепсано гледаат во сенките на морето со боја на мастило, каде како во кутија уредно наредени лежат куќи со боја на песок и школки“ . „Окото не може да ја види суштината, тоа е привилегија на срцето“ – вели истиот автор на ,,Малиот принц”, затоа да влеземе во срцето на Азурот, бескрај од спокој над кој бдеат ангели.

Крај Азурот морската пена е благоглаголива, ноќите во тилот ви дишат, а бескрајно долгите денови бавно течат. Брзината е резервирана само за сиромашниот краеви на светот каде обичните смртници брзаат и трчаат не знаејќи дека секоја трка е бесполезна – главница веќе одамна е поделена. Од Сан Тропе до Ница сѐ уште живее духот на митологијата, но не грчката или римска митологија со вечно нивно авторско право, туку светската митологија во која живите живеат со мртвите! Тука живееле, твореле, сакале и умирале најголемите кои им ја подариле смислата на минатото, сегашноста и иднина, чиј дух живее и лебди над Азурното Море…

Ги де Мопасан и талентирана Русинка Марија Башкирцева ќе бараат милост за своето здравје по должината на сончевата Ривиера. После смртта на саканата пријателка покосена од туберкулоза, Мопасан се лекува од сифилис и од лудило, неисцрпно пишувајќи до самиот крај. Честа ќе биде глетката како двајца пријатели го држат на раце додека погледот му талка низ морскиот шир… Пријателите го држеле во прегратка за да ја скријат неговата лудачка кошула од љубопитните очи на новинарите.

Крај Канскиот хотел „Негреско“ често бил паркиран спортскиот автомобил на Исидора Данкан, која после два брака, трагично загубено дете и кариера во залез, ќе бара мир во спокојот на Ница.

Но немирниот дух не дава мир, влегува во автомобил каде ја чека младо и насмеано машко лице, без да забележи дека всушност смртта и се смее. Исидора вљубена во брзината, брзо го игра последниот танц. Нејзината долга наметка се вплеткува во тркалата на возилото и… „На крајот секој умира од својата страст“ – Иво Андриќ во „Проклета авлија“!

Во Ница се родени и делата на Ниче кој барал лек за својата болест во чистиот морски воздух, но и инспирација за „Така говореше Заратруста “ и „Од онаа страна на доброто и злото“. Денеска туристите може да прошетаат по патеката на Ниче од каде бродовите личат на нимфи си лепливи крилја, каде што секогаш сѐ е на свое место, каде боите на природата изгледаат како да поминале низ сито, а снегот има сладок вкус …Така говореше Ниче за Ница, додека умирал од последиците на страста – сифилисот. Денеска во тој дел луксузна куќа има Ринго Стар, Стоунсите честа инспирација за своите албуми, а Паганини скапо место за своето почивалиште.

Чехов во Ница ги пишува последните два чина од драмата „Три сестри“ живеејќи ги последните страници од својот живот… За коцкарницата ќе забележи: „Рулетот ми остави впечаток на едно раскошно ве-це“. Неговиот препознатлив хумор се забележува и во описот на Ница: ,,Овдека првиот пес кој ќе дојде, веќе има мирис на цивилизација, а собарките насмевка на војвотка. На питачот му се обраќаат со персирање и етикеција „господине“ … Господине питач, вашата паштета на леб никому не би му пречела!

Денеска на Ривиерата нема питачи, но собарките сѐ уште како да се со „сина крв“. Кога сме веќе кај сина крв, Грејс Кели во Монте Карло на истата кривина каде вози автомобил по сценарио на Хичког , по две децении трагично го губи животот. Мртвите души на Гогољ во кожен куфер пристигаат во Ница, а по него и рускиот балет со славниот Сергеј Џагиљев и неповторливиот Нижински ( „Попладнето на еден фаун“ од Дебиси), чии костими за балетската точка ги изработувала Коко Шанел, а декорот славниот Пабло Пикасо.

Рускиот балет останува во Монако, а Нижински со поматен ум ќе остане до крајот на животот во едно швајцарско село.
Една од најстрастните љубовни приказни од Ривиерата е на Зелда и Скот Фицџералд. Љубовта, залиена со многу џин и зачинета со многу невкусни скандали, ќе заврши во лудница.

Во потрага по духовен мир, Ривиерата често ќе ја посетуваат Хемингвеј, Шагал, Реноар… И сите на крајот ќе завршат, како вели нобеловецот Андриќ, убиени од сопствената страст! Има нешто сигурно добро во парче паштета на леб со морска сол и мирис на школки, било езерски или морски.

(Авторката е наставник по македонски јазик е една од малкуте дами на ова тло, која не само што има да каже, туку и го кажува тоа. Без задршка, калкулации и уште поважно, не обзирајќи се на бамборењето на бесрамните, кои толку многу ги има, а богами и со добро здравје и долг животен век се.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *