Сутерен.мк

Тужба за Хилари!

Кога човек живее сам има бајаги слободно време. Кога имаш слободно време, а – немаш куче (а немаш, зашто куче без зграда и нема некоја поголема смисла), не си склон на хобија, ниту по некои домаќински активности, од секогаш успешната шопинг – терапија немаш долго време ни навестување, не одиш по роднини, затоа што роднините по правило се божја лоша подела на улогите, немаш постојан партнер бидејќи се уште не си сретнала поумен маж од себе, немаш… ма, многу работи немаш!

И така, си одам јас дома, не знаејќи што со себе и своите „немам“ – пријателите ми немаат нерви за полудневни појави со еден куп слободно време и, што да се прави, освен да се прочита нешто или да се прешуштиш на прегратките на сеопштата мајка на човекот од 20 – от век – телевизијата.

А на ТВ и во весниците на сите можни начини се третира, не аферата, ами сферата на оралноста на првиот човек на САД, Бил Клинтон! Така и треба! Не може кога сака, како сака и со кого сака орално да општи првиот светски полицаец! Особено, ако се знае дека за оралности се задиолжени медиумите, а не таму некои курсистки, како Пола Џонс и Моника Левински! (Патем, и во двата случаи сум разочарана. Не дека некогаш Американците покажале дека имаат вкус, ама се работи бре, за првиот нивни човек, па да му понудеа нешто пореспектабилно!?)

Само не е во тоа проблемот. Проблемот е што лично мислам и убедена сум дека вистинскиот, кој треба да се најде на обвинителната клупа, не е Били, ми неговата мили т.е. Хилари! Жената гајле нема што цел свет се занимава со фројдовските комплекси на нејзиниот маж, што светската библиотека на вицеви е за десет пати збогатена, што којзнае како ја гледаат нејзината ќерка на училиште, што којзнае што мислат нејзините блиски за неа (за нацијата, веќе се виде), што Моника ја победува во медиумската популарност, што Пола и однесе речиси милион долари… И, не што нема гајле, ами уште и го држи за рака!? Демек, американска филозофија: „Те подржувам миличок дури и кога не сакаш да ’зборуваш’ со мене!“

Таа госпожа Хилари само го потврдува правилото дека на мажите им е се дозволено! Замислете само, такво нешто да и се случеше на пример, на Маргарет Тачер? Тачерка се правда за својот другарски, сочуствителен, чисто алтруистички контакт со својот курсист: „Оралниот секс не спаѓа во брачно неверство! Оралниот секс не е секс.“ (Да бе, баење е.) И веднаш потоа, како примерна сопруга, си го бакнува мажа си.

Хилари со својата амбициозност по секоја цена да остане прва дама (не би се изненадила да и е желба дури и да му го земе местото на Били) не само што воведува нови мерила за тоа што е секс, а што колегијална фантазија, туку и го поттикнува оралното за сметка на она двосмерното и, за поголемиот дел од човечката популација, позадоволителното, што покрај нејзиниот детинест брачен придружник е на добар пат да изумре. Оти тоа е неморално! И неверство! За се друго ќе се држиме за рака.

Сепак, ни тоа не е најболното. Лично, сметам дека клинтоновка најмногу штета предизвикува кај овдешното, балканско – женско, сопружничко и останато членство. Не само што ги охрабрува овдеѓните швалерчиња да општат наоколу без некоја особено видлива причина, туку повеќе ги охрабрува нивните животни избранички, со кои одржуваат „верност до гроба“, сосема да занемат во преиспитувањето на тоа со кого го делат својот кревет. Најнакусо, кога ќе го обвините вашиот „посилен пол“ на кој (ќе) му фали „п“, дури да е и претседател на куќен совет за што и да е, тој има да ви ј затвори устата со едно уште покусо: „Ако може Хилари да издржи, можеш и ти!“

Не се секирам јас за женичките, кои како и Хилари, од амбициозност ли, од опортунизам, неспособност ли, конформизам, алибизам… си ги трпат избраните им партизани сеедно дали се од типот „пукни – избегај“ или водат февруарски походи. Ако математиката им излегува во позитива, нека си тераат.

На останатите гајлето им го берам. Што кога такви ти се соседи, колеги, познаници, шефови… Кои, кога така напумпани со восхит и одобрение од своите метреси и законити придружнички, со преполно препотентно ( а најчесто е импотентно) его ги трпиш на улица, в кафеана, на работа… Што тогаш? Како да се справиш со некој, кого една Хилари Клинтон го држи за рака велејќи му дека усните раскажувачки дејствија се сосема во ред!? А ваквите примери, лесно стануваат традиција.

Значи, Хилари под итно на суд! Зашто од некаде мора да се почне.А најдобро е од врвот.
Не можеме да почнеме од подома, од едноставна причина што ние имаме хиларици на тони, ама немаме моники! Да и се суди на госпожата затоа што ни се заканува вистинска епидемија, не од биловци, туку од биковци! А додека не и се суди и пресуди на некоја клинтонова и конечно, машко – женските погледи на свет не почнат да доаѓаат на вистинското место – снаоѓајте се како знаете и умеете!

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *