Сутерен.мк

Цане Андреевски: Поетот на добрината

Тој е еден од оние тивки книжевни творци, кои секогаш цврсто стоеле на земјата, не мислејќи дека на писателите ангели им слетуваат на рамениците. Непретенциозен, но со свој определен став за поезијата, кој по свој терк ги реализира поетските книги. Не многу плоден, но нестандарден автор, чии стихови денес ги цитираат интернет – блогерите, а неговата литература за деца се уште е непосредна, оригинална и духовита

Цане Андреевски (1930 година, Кратово) првата стихозбирка “Сончева порака”, ќе ја објави во 1951 година и таа е целосно посветена на децата. Поезијата за возрасни, дотогаш публикувана парцијално како одделни песни, ќе ја оформи како збирка во 1956 година, насловена како “Добрина”. Овој наслов се чини, ќе го следи целиот живот: тој до денес го носи епитетот “поет на добрината”, а неговата поезија опстана до сегашниве дни – ја цитираат дури и интернет блогерите!

Во изминатите децении (патем, Андреевски, работниот век го помина како уредник и новинар во Радио Скопје) ги објави расказите за деца “Јаготки”, стихозбирките “Сребрен поток”, “Што има ново”, “Планета со петел”, “Шинато уво”, “Белата ме:ка, синиот кит и другите”, книшката со приказни “Дарби”, повеста “Нашите први учители” и “Остануваме на Ножот”, минијатурните раскази “Малата голема точка”, збирките поезија за возрасни “Свечености”, “Врски”, “Дождот”… Ја составил антологијата “Македонска љубовна лирика”. Ги објави “Разговори со Конески” и “Разговори со Милчин”. Негови дела се преведени на сите светски јазици и наградени со најзначајните домашни признанија.

Деновиве од печат излезе избор од творештвото на овој ненаметлив писател, насловен како “Свечености”, каде, како што ќе запише Георги Сталев, секој може да се пронајде себе си, зашто не постои “смртна душа” која не поминала низ светлината, но и низ катакомбите на животот, низ искушенијата на мислата, со доброто или со демонското во себе, спасен или неослободен од него.

  • Дали “Свечености” ви е обид да се сублимираат нештата, творештвото?

– Изборот „Свечености“ е еден од можните избори. Лично јас го правев и сакав тој да го отслика во главни црти моето творештво во текот на годините што изминале. Секој автор има свој почеток, свој развој, а за крајот да не зборуваме – некој упорно твори, некој замира, некој го повторува веке напишаното и така натаму. Јас сакав да ги изберам поиздржаните творби, оние што и денеска, можеби, ке го привлечат вниманието на читателот, ке го предизвикаат неговото љубопитство и ке го задоволат или нема да го задоволат, неговиот вкус. Значи, сакав да направам една проверка на она што сум го пишувал и одамна, и во поново време.

Секој автор има некаква надеж не само во рамките на денешницата, туку и за во иднината. Денешниве генерации можат да го следат она творештво што денеска се објавува, па не е одвишно да им се даде можност да се запознаат и со она што е создадено пред повеке години.

  • Задоволен ли сте од досега направеното?

– Секое задоволство е релативна работа, денес си задоволен, утре не си. Се зависи од аголот на гледањето на нештата. Зависи од целите што човек си ги поставил. Зависи од тоа како си прифатен како автор од читателите, од критиката… Тоа што јас сум го напишал и потпишал мене лично ме исполнува со задоволство, па дури и со гордост. Сметам дека создаденото од мене си има некој свој посебен печат. Добронамерните ова го согледале, оние другите, се чини, не успеале да проникнат во некои суштини на мојата природа.

А за проживеаното, тоа е посебна тема, бидејки сметам дека бев и сведок и учесник во многу појави, настани, доживувања и лични и пошироко, и во секој случај беше мошне интересно и убаво да се живее и создава.

  • Остана ли нешто што требаше, а што не го направивте?

– Секако, останаа многу нешта. Секој човек се замислува себеси како неисцрпен вруток, бунар. Во основа и така е. Но, треба секогаш и да внимаваме што вадиме од бунарот… Да не им станеме здодевни на луѓето, зашто не сме само ние на светов.

  • Вие сте нестандарден поет. Не многу плоден, но вон клишеата…

– Ова „нестандарден“ го сфаќам не само како комплимент, туку во извесна смисла и како оценка. Благодарам. Не сте далеку од вистината, зашто вашиот став наоѓа поткрепа во низа искажувања за моето творештво. А, вистина е и тоа дека обемот на моето творештво е со поскромни димензии, кое исто така некои го нагласуваат.

Јас не знам зошто на некои луѓе им е поважен квантитетот одошто квалитетот. Некои идеи во мојата поезија можеле да бидат предмет за цела збирка, а јас сум се определил за само една песна, бегајќи од разводнување и банализирање на темата. Не сум сакал да верглам, да верглам и да кревам прав од излишни зборови… Пред историјата и пред читателот важен е пред се, квалитетот.

  • Важите за писател кој не го мистифицира творештвото, кој цврсто стои на земјата, со двете нозе…?

– Има и такви писатели кои сметаат дека ангели им слетале на рамо и ги храбрат во процесот на пишувањето… Или дека тие поседуваат творечки својства кои обичните луѓе ги немаат, дека се тие родени под некаков посебен знак… Всушност, според мене, секој човек претставува неисцрпен извор на мисли, емоции, енергија и притоа, ако се има волја и подготовка за пишување, може тоа да се прави со поголем или помал успех. „Треба да се цени мајсторот во секој занает“, што ќе рече Блаже Конески и ќе додаде дека поезијата е една неминовна духовна манифестација.

  • Вашата поезија е многу емотивна. Како што велат, Вие сте поет на добрината. Меѓутоа, честопати емоциите се сметаат за второкласни, за помалку вредни од разумот…?

– Емотивноста не може да биде ни добрата ни лошата страна на поезијата. Кон секоја личност или појава, пристапуваме и со разум и со емоции. Зависи од нивниот сооднос и од ред други фактори какво финале ќе доживее една литературна творба. Се е проникнато од нашиот став кон разни појави и од нашиот темперамент.

Можеби крајностите се непожелни, зашто се јавуваат како префорсирани едноличија. А тоа веќе води во сферата на баналноста, површноста и така натаму. Надвор од литературата, во животот, во ова време имаме се послаба контрола на емотивните лостови и затоа се на показ некои катастрофални ексцеси.

Добрината е доминантна тема во мојата поезија и во творештвото за деца. Ова произлегува од моето животно искуство, од некои неизбришливи трагични настани во детството и од желбата, утописка или реална, добрината да завладее со целото човечко битие.

  • Како го коментирате податокот дека Вашата љубовна поезија и денес се цитира на интернет-блоговите?

– Драго ми е ако дел од мојата поезија на ваков современ, модерен начин, комуницира со помладите наши генерации и ако тие ја доживуваат како нешто што жи е блиско и препознатливо на нивната современа емотивност.

  • Колку чиателот влијае врз Вашата литература?

– Има писатели што го замислуваат својот читател, а има и такви што не го земаат предвид. Секој работи според некоја своја замисла. Тешко е да се следи читателскиот вкус. Кај нас тој е на различни нивоа, а за жал, домашната литература како да не е во центарот на читателското интересирање.

Се разбира, има и автори, и дела, кои го демантираат ова. Односно, има дела, пред се романи, по својот квалитет рамни на убавите дострели и во светот, кои се со возбуда прифатени од страна на читателите. Во оваа насока своја позитивна улога имаат и наградите за литературни дела.

  • А критиката?

– Таа, сама за себе, е голема и важна тема во нашата литературна средина. Со оглед на фактот дека имаме обемна литературна продукција, критиката не се чувствува тука како некој фактор. Како да ја немаме.

Вистина е дека порано, особено во почетокот од развојот на нашата современа литература, критиката беше силен фактор, строг оценувач и креативен стимулатор на творештвото. Општо речено, имаше атмосфера на живост, на интересирање, на возбудливи оценки, позитивни или негативни и така натаму.

Денеска, во услови на огромна литературна продукција, критиката како да бега од делата. Еден нејзин дел, од академска височина се занимава со опширно аналитичко претставување на определени личности и појави, но без некој систем. Дневна критика, критика наменета за обичниот читател, што ќе го информира и ориентира, нема. Со еден или два исклучоци.

  • Затоа пак, совршено функционира законот на ориентот: „ти мене – јас тебе“?

– За жал, има и такви пројави кои внесуваат уште поголема збрка во литературната ситуација. Излегуваат на површина становишта и квазивреднувања со кои литературното творештво ја губи довербата кај читателот како манифестација на чисти духовни пориви.

  • Има ли потреба од превреднување на нашата литература?

– Превреднувањето треба да биде постојан процес, а не да се одвива кампањски и парцијално. Слободно може да се рече дека се создадени услови за тоа. Прво, веќе имаме таков обем во литературата, во сите родови и жанрови, што претставува богато поле за разновидни анализи, прегледи, класификации.

Второ, имаме солидно образовани млади луѓе за таа работа. Тие, како нова генерација, со благопријатностите што ги дава дистанцата, можат да им дадат свое толкување и извесна свежина на идеите и струењата во изминатото време. А трето, имаме и Институт за литература кој е, и треба да биде, долгорочен осмислувач на процесот за средување, според светски норми, на материјата од литературната област.

  • Колку македонската книжевност е поврзана со светските процеси?

– Нашата литература треба да го одрази нашиот духовен простор од минатото и сегашноста, се разбира во некаков дослух со движењата пошироко во светот. Веќе имаме дела преведени на други јазици и таму, надвор, добро се котираат. Особено, од помладите автори. Некои од нив се и во улога на менаџменти на сопственото творештво, што е во духот на напливнатата глобализација. Меѓутоа, има потреба и нашето општество да се ангажира на овој план со еден подлабоко осмислен и пред се културен начин.

  • Толку книги се напишани, а светот е се полош…?

– Уште нашиот Жинзифов на времето се беше запрашал низ стих – “О, вие книги многубројни, со каков уродивте плод? Ги смаливте ли маките огромни на горкиот мој народ?” Прашањето на Жинзифов е општочовечко и општоважечко. Ова кажува дека од литературата се очекува да влијае врз судбината на луѓето. И, општопознат факт е дека таа влијае. Но, не во некои конкретни ситуации, во однос на конкретни дилеми.

Литературата влијае врз духовниот капацитет на човекот, таа не пренесува во една друга стварност, не забавува, не облагородува, го буди чувството на меѓучовечка толеранција и така натаму. Светот е полош поради судирањето на различни идеологии и интереси. А во таа глобала, литературата е немоќна. Таа може, во извесна смисла, за индивидуата да биде и еден вид засолниште и утеха.

  • Дали сте задоволен од состојбата на нашиот литературен јазик, како несомнен сведок на неговиот развој?

– Нашата јазична ситуација е стабилизирана. Нашиот литературен јазик веке не може никој да го оспори, зашто тој е прифатен од длабочината на душата на нашите луѓе. Пред се затоа што има добра основа и соодветни решенија кои одговараат на неговата природа, а кои се потврдиле во животот и во практиката. Писателите и средствата за јавна комуникација се тие што помагаат тој, јазикот, да стане уште поусовршен заради исполнување на својата задача во сите сфери.

Имено, треба да се практикуваат и други популарни форми низ кои ќе провејува грижата за усовршување на нашиот јазик. Ова се прави и во средини каде литературниот јазик достигнал високо, совршено, ниво, но грижата за него не престанала. Кај нас треба да добијат гласност реакциите по повод погрешната употреба и на само еден збор. Некој треба да се јави и како аниматор на јавни искажувања во врска со некои прашања поврзани со јазикот.

Имавме година на македонскиот јазик и – што стана? До кои резултати се дојде? Што се подобри, а што остана како проблем, како грда појава? На младите лингвисти треба да им се препуштат задачите од оваа област, а, се разбира, државата треба штедро да го помогне секој издржан проект во оваа област, сеедно дали тој се реализира во МАНУ, во Институтот за македонски јазик, на Филолошкиот факултет, или во некоја друга институција – издавач, приватна активност и така натаму.

Разговори со великанот

  • Ја објавивте исклучителната книга „Разговори со Конески“, а сепак, таа како да остана недоволно позната… ?

– Таа книга ја правевме со Блаже Конески со голема преданост и љубов. Драго ми е што тој искрено и се израдува. Иако објавена пред деветнаесет години и денеска некои читатели ми го изразуваат своето задоволство. Таа е веке распродадена. Можеби треба некој да ја преиздаде. Лично јас, се повеќе сум восхитен од животот и делото на Блаже Конески и книгата ја сметам за потребно четиво на секој што сака да се запознае со делото на овој наш великан.

Власта и опозицијата треба да се култивираат!

  • Што е она што Ве засега во моментов во нашево општество?

– Има многу прашања на кои треба да се одговори, но треба и простор и аргументација. Еве нешто што како човек ме засега. Власта и опозицијата мора да го култивираат меѓусебниот дијалог. Тие ја инфицираат сета наша средина и тоа може да предизвика долготрајни последици. И второ, треба да научиме да им парираме на нашите пријатели и непријатели. На пријателите и на пријателските гестови да одговараме со нужното внимание и со постојано подадена рака за соработка. А, на непријателите, односно на нивните непријателски манифестации, да бидеме спремни да им одговориме со аргументи.

Аргументите се во нашето денешно постоење како народ со сите атрибути и во низа историски факти. А тие факти треба добро да се познаваат, да се знаат и да се сомелат. На пример, не може некој закоравен шовинист се уште да искажува чиста глупост дека сме коминтерновска нација, а ние веднаш да не го прашаме дали нашиот Пулески е коминтерновец, дали бугарскиот писател Славејков е коминтерновец кога зборува дека, уште во средината на 19 век, надоаѓа опасноста од македонизмот. И така натаму.

Нема млади автори за деца

  • Многу ретка е појавата во една книга да бидат објавени творби и за возрасни и за деца, како во “Свечености”…?

– Можевме со издавачот да направиме три книги: една со поезијата, а другите две со творби за деца. Од практични причини јас се определив за една книга. Првата и најважната причина е што и сметам дека творештвото е неделиво. Авторот се изразува низ разни форми, но тоа на крајот на краиштата претставува една целина. За мене тука е важен мојот пристап, мојот однос кон творештвото.

Со подеднаква сериозност сум пристапувал и кон творештвото за деца, и кон тоа за возрасни. Тоа може да се види од идеите, темите, мотивите, и од крајниот резултат. Некои критичари детската литература ја сметаат за нешто сосем посебно, како таа да е од понизок ранг, па следствено и авторите ги сметаат за недораснати суштества. Ваквиот приод од страна на некои наши критичари не успеа да го прикаже целосниот профил на одделни автори. Секогаш отсуствуваше едната димензија, при што се создаваше некомплетна претстава за извесно творештво.

  • Како го оценувате денешното ниво на литературата за деца?

– Творештвото за деца се уште се оценува како педагошка гранка, а не како естетска категорија. За ова се виновни самите автори бидејќи не можат да излезат од утврдените стереотипи.

Второ, литературата за деца во последно време е надвор од интересирањето на критиката и не се стимулира, не се преобјавува, не се проучува, па затоа немаме подмладок во оваа област. Можеби не очекува појава што ќе биде за поздравување – писатели пројавени во други литературни области да се ангажираат во литературата за деца.

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us